Ана Марија Јанковиќ режисерка и модел: Гламурот може да го видите само на фотографиите од моите работни ангажмани
Нејзина прва и најбитна професија се режијата и филмот и целосно е посветена на тоа. Во март го промовираше својот краткометражен филм „Амин“ кој моментално е во официјална селекција на еден од најголемите фестивали за филмови во регионот-од жанрот на фантазија, трилер и хорор, кој се одржува од 29 септември во Белград.
Ана Марија Јанковиќ важи за една од најубавите девојки во Македонија. Се појавила како модел на повеќе познати брендови во земјава и во странство. Вели дека едукацијата ќе ѝ биде приоритет. По завршувањето на факултетот, ќе запише мастер по режија, а потоа и докторски студии за книжевност. Ќе продолжи да работи и да се вложува максимално во филмот и продукцијата и да се движи по патиштата кои ѝ се отвораат.
ЖМ: Успехот секогаш е производ на заедничка работа, а тимот со кој соработуваш е составен од најбитниот човек, твојот татко Дарио Јанковиќ етаблиран фотограф и режисер на видео спотови. Кога првпат беше на снимање со него и доби работна обврска?
-За да се добие добар производ, мора да се соработува со тим кој ја има истата енергија и пасија кон професијата и добра комуникација, каде во мојот случај јас го имам најдобриот до себе, мојот татко. Од кога се сеќавам за себе, татко ми ме носеше со него на снимања. Кога бев помала само седев на страна, на моменти им пречев во работата, се врткав наоколу. Но, со текот на годините почнав и да му помагам секаде каде што можев и му требаше помош. Првата работна обврска ми беше негов асистент на камера. Тоа значи му ја спремав камерата пред снимање, ги ставав дополнителните елементи на неа кои се потребни, ги менував на објективите и слично. Но, со развојот на моето знаење кон професијата, денес имаме заеднички сериозен тим каде јас ја работам режијата и сценариото, а понекогаш и монтажата на проектите.
ЖМ: Креативни сте, посветени на заедничката цел, да бидете постојано актуелни, квалитетни и разнообразни. Од досегашните проекти видливо е дека функционирате доста успешно надминувајќи ги сите предизвици кои ви се испречуваат на патот. На кои проекти сте посебно горди, во изминатиов период?
-Точно, секогаш наидуваме на предизвици кога се работи на проекти, затоа што секогаш го даваме нашиот максимум и двајцата сме перфекционисти во работата. Но, со меѓусебни консултации и барање на креативни решенија, лесно се надминуваат. Проекти на кои сме горди во изминатиот период е се разбира мојот краткометражен филм ,,АМИН” кој ја имаше својата премиера во март. Исто така на музичкиот спот за песната ,,Послушајте патриоти” во изведба на Бобан Цаневски, кој јас лично не го ставам во категоријата на музички спот, но во категорија на краток филм со многу тажна приказна кој ќе допре до секој патриот што ја љуби својата татковина.
ЖМ: Твојот талент, продолжи да го надоградуваш и со образование, студираш режија. Твојот краткометражен документарен филм „Амин“ наиде на позитивни критики. Задоволна ли си од патот кој го живее по промоцијата. Каде го претстави?
- „АМИН“ досега е моето најдобро остварување и приказ за посветеноста и реализација на теми кои посебно ме засегаат преку карактери од историјата и повоени последици. Бев лично изненадена колку публиката го прифати ,,АМИН” со оглед на комплексноста на тематиката и визуелизацијата, со тоа што имавме две премиери, една во Битола и една во Скопје, каде на двете посетеноста беше голема. Моментално е во официјална селекција на еден од најголемите фестивали во регионот за филмови од жарнот на фантазија, трилер и хорор, во Белград, кој се одржува од 29ти септември.
ЖМ: Жена режисер во Македонија. Постојат ли предрасуди?
-Секогаш постоеле и ќе постојат предрасуди кон жените општо во секоја професија во која доминира машкиот пол. Но, низ годините жените во филмската индустрија завземаат се поголем замав, се повеќе жени режисери и кинематографи имаат големи успеси во филмот и дебитираат на големите светски фестивали. Истото се однесува и за Македонија, каде се повеќе и повеќе жени режисери кои се впуштаат во снимање на сериозни теми и рушат предрасуди и покажуваат дека жените полека, но сигурно ја завземаат индустријата.
ЖМ: Но, нема предрасуди кога е во прашање кариерата на манекенка и модел. Важиш за една од најубавите девојки кај нас. Дали убавината е најважна во оваа професија?
-Убавина е субјективна именка, за секој човек убавината има свое значење и гледиште, не постои убаво и неубаво, затоа и убавината како физичка карактеритика не е најважна во оваа професија. Најважно е како се носиш ТИ со оваа професија. Но, најбитно од се е да го избереш вистинскиот пат од сите патишта кои ти се отвараат, да се задржиш себе си како карактер, својот шарм, добрина, професионалност, истрајност и верба во себе. Убавината ова го надополнува за да освојуваш светски сцени.
ЖМ: Бројните снимања на различни локации и услови со себе носат и убави спомени. Кој ти бил најдраг ангажман досега?
- Самата работа носи многу патувања и на блиски и далечни локации, но ако треба да изберам еден ангажман кој ми е најдраг би рекла сликањата и снимањата во Лугано за брендот GUESS. Не заради локацијата или името на брендот, туку енергијата која таму ја имаат сите соработници, кои сите се држат како фамилија, се професионални и желни за да се извадат добри фотографии.
ЖМ: Често те гледаме како заштитно лице на бренд и за долна облека што е одраз на твојата храброст и професионалност. Дали се двоумеше пред да ги прифатиш овие снимања?
-Секако, кога имам вакви понуди за снимања разговарам со брендот за повеќе информации. Како ќе се одвива снимањето, каде, за каков вид на долна облека се работи, кој е тимот и слично. Но, сепак кога се работи за такови брендови не соработувам со секого и точно знам со кого и како работи и тоа да изгледа долично.
ЖМ: Сексипилноста е сепак моќно оружје на секоја жена, колку ти помогна или одмогна во животот?
-Секој различно се носи со сексапилноста. Станува збор за нијанси како секоја жена ја изразува својата сексапилност и како ја доживува. За некој сексапилноста е во физичкиот изглед и атрибути, но за мене сексапилноста на една жена е во моќта на изразувањето, сфаќањето, образованието и интелектуалната свест која ја носи со себе. А со тоа во никој случај никогаш не може да ти одмогне.
ЖМ: Каква е Ана Марија надвор од објективот. Доживува ли голема трансформација? Држиш ли диета?
- Надвор од објективот, сите што ме познаваат знаат дека сум потполно поинаква. Со поинаков стил на живот. Со оглед на тоа што мојата прва и најбитна професија е режијата и филмот и сум целосно посветена на тоа, целиот фокус во животот ми се врти околу тоа. Мојата втора професија како модел со целосна шминка и фризура и целосен глам може само да се види на фотографии од работни ангажмани. Тоа не постои во моето секојдневие, во приватниот живот. И не, не држам никакви диети. Единствено вежбање ми се илјадниците чекори кои ги правам за време на снимање на сет.
ЖМ: Кои се твоите планови?
-По завршувањето на факултетот, ќе запишам мастер по режија, па потоа и докторски студии за книжевност. Ќе продолжам да работам и да се вложувам максимално во филмот и продукцијата и да се движам по патиштата кои ми се отвораат.
Соња Алексоска Неделковска