Ана од Скопје: Го посетив родниот град на Дедо Мраз, а Аурора Бореалис е нешто што ќе го паметам цел живот

Добивај вести на Viber

Нема ништо поубаво кога детскиот сон стануваа реалност. Еден таков оваа година си го оствари Ана Ѓорѓиева од Скопје која замина на северниот пол.

Станува збор за местото Рованиеми во Финска, што Финците го сметаат за родниот град на Дедо Мраз.

Идејата за да замине во Финска била нејзина, затоа што го сака овој период од годината, а Божиќ ѝ е омилен празник.

„Јас сум можеби најголемиот обожавател на Божиќ, и со тоа секако идејата беше моја. Уште од мала сум заљубена во Божиќ и сите убавини што ги носи. Тие што ме познаваат или живеат во моја близина знаат дека нашата куќа секогаш свети од средина на Ноември и е целосно украсена“, раскажа Ана.

Ветувањето дека еден ден ќе ја посети Лапонија и ќе го запознае Дедо Мраз, си го дала уште кога била мала и кога сè уште верувала во најпопуларниот дедо во овој период од годината.

„Пред да дојдам тука, мајка ми мѝ раскажа дека како мала, кога сум дознала дека Дедо Мраз не постои, сум им викала и со плачење сум им кажала: „Ќе видите вие сите, ќе отидам во Лапонија и ќе го запознаам Дедо Мраз и ќе ви докажам дека постои“ – така што со сигурност можам да кажам дека мојот најголем детски сон е остварен“, вели Ана.

Патувањето со нејзиното момче го планирале 2 месеци однапред, поради лошата поврзаност на Скопје со авионски превоз.

„Беше потребно да одиме во Милано, па од таму со авион да одиме во Рованиеми. Додека активностите ги испланиравме на самото место, бидејќи имаше многу подобри опции од опциите на интернет“, раскажува Ана и додава дека од она што видела таму поскаува сè уште да верува во Дедо Мраз.

„Како мала толку многу сум верувала, што на моите им било жал да ми кажат дека не постои, па морала мојата учителка да ми ја каже таа тажна вест (се смее). Би сакала сè уште да верувам дека некој волшебно ми ги носи подароците, ама за негова жал, а за моја среќа, сега Дедо Мраз е моето момче“, вели Ана.

Ровениери е волшебно место каде божиќната магија и сето она што е поврзано со овие празници најубаво може да се доживее. Голема радост за децата, но и за повозрасните бидејќи не постои возрасна граница, за нешто што те прави среќен. Воодушевена била од сè што може да се види таму.

„Со самото слетување на аеродромот снежната идила, што за жал ја нема веќе кај нас, те остава со подотворена уста. Селото е целосно посветено на Дедо Мраз, неговите животни и џуџињата кои му помагаат во овој период. Нешто што не смее да се пропушти е дефинитивно запознавање и сликање со Дедо Мраз, фармата со ирваси и хаски, кои можете да ги галите, храните, да ве прошетаат неколку метри. Ова е дефинитивно земја на чудата како за децата, така и за возрасните“.

Најубавото и најспектакуларното што може да се доживее на северниот пол е Аурора Бореалис или Северната Светлина.

„Најубав дел секако и нешто што нема да го заборавам целиот живот е појавата на Аурората. Ја имавме таа среќа, да ги видиме скоро сите бои кои Аурората ги нуди, и ова било невообичаено за Декември, со што се почувствуваме сите туристи толку среќни што имавме можност да го доживееме тоа“.

Ирвасите кои се составен дел од приказната за Дедо Мраз, Ана ги доживеала како посебно мили животни, секој со свој карактер.

„Ирвасите се прекрасни животни, толку паметни, и секој има засебен карактер. Ирвасите кои беа на фармата точно знаеја кога ќе видат посетител со храна во раце како да се умилкуваат и да му дадат за да ги гали, додека кога ќе видеа посетител без храна му ги покажуваа само роговите и се знаеше дека не смееш да му се приближиш“.

Во овој дел од Финска температурите знаат да бидат многу ниски, па во тој случај замислените активности или ќе ги одложите или ќе стиснете заби и се препуштите на студеното време.

„За жал ние не ги фативме екстремно ниските температури кои одат и до-20 во Рованиеми. Најниската температура додека престојувавме ние беше-7. Се облекувавме многу топло, бидејќи дува ладен ветер и температурата се чувствува како да е-13 степени. Задолжително носевме дебели, зимски хеланки под скијачките панталони, маичка со кратки ракави и горе дебел џемпер со дебела јакна. Капа, ракавици, шал е задолжително поради силниот ветер. Интересен факт што ни го кажаа локалците е дека кога температурата е-14, не се чувствува воопшто ладно. Ние за жал не го доживеавме тоа, иако бевме на северниот пол“.

Локалното население Ана го доживеала како гостопримливо, но имало и такви кои поради јазичната бариера знаат да бидат и малку нељубезни.

„Човекот каде што бевме сместени беше најдобриот човек што го имаме запознато низ нашите патувања. Постојано беше ажурен и не вадеше од дома за да ја видиме Аурората, не носеше низ шуми, замрзнато езеро за да ни ги прикаже сите убавини што ги нуди ова место. Доколку би се вратила, повторно би се сместила на истото место, без размислување. Додека возачите на автобуси и работниците во рестораните кои не знаат да зборуваат англиски, знаеја да бидат исфрустрирани кога им се обраќаш на англиски јазик, но така е скоро секаде каде што луѓето не разбираат англиски“.

Како локален специјалитет во Рованиеми е месото од ирвас, за кое како што вели Ана „немавме желудник да го пробаме“, освен ќофтиња и колбаси, немаат некој специјалитет со кои се одликува местото.

Во Рованиеми, сè се плаќа, таму си го користат туризмот максимално.

„Една слика со Дедо Мраз е 35 евра, возење со ирваси е 45 евра и така натаму … Ова се најевтините опции, цените се вртоглаво високи, но си го ценат тоа што го нудат“, вели Ана.

Габриела Додевска Глигоровска