Андреј додека не стана родител беше крајно неодговорен и ми дојде преку глава: Искрено со ДНК пред славеничкиот концерт
Цели дваесет години се заедно на сцената, и не кријат дека во овие две децении имале успони и падови, па дури и моменти кога било доведено во прашање постоењето на групата. ДНК, во сабота во Арената „Борис Трајковски“ од 20 часот, ќе одржат славенички концерт со многу гости. На прес конференција претходно, изјавија дека дел од средствата од продадените билети за концертот, ќе одат за Фондацијата „Марко Божиновски“, која го носи името на прерано починатиот талентиран ракометар. Мајката на Марко, Александра, беше присутна на прес конференцијата и рече дека песната „Ако утре ме нема“ како да е напишана за нејзиниот син. Таа храбро издржа и не пушти солза додека зборуваше, и нагласи дека Фондацијата секогаш ќе поддржува млади таленти. Панчо револирано рече дека од Државата не добиле помош за овој настан, и ако тој се прашува и пристапната цена од 350 за влезница би ја намалил на 20 денари, за да може секој да си дозволи да дојде на концертот. Панчо и Андреј во интервјуто за Женски магазин, открија детали за концертот и интересни приказни од нивните животи.
* Неодамна изјавивте дека ова можеби ви е последен концерт и дека има шанса едниот од вас да се отсели од Македонија- може ли подетално да ни раскажете за тоа, кој ќе си оди а кој останува?
Панчо: Да требаше да кажеме ќе кажевме на емисијата. Да, факт дека има такви опции и шансите со големи ама би ве замолил и вас и сите останати да не ме/не прашувате околу тоа прашање, кога ќе дојде момент ќе соопштиме.
Андреј: Ако некој од нас двајца си оди ќе ви одговори кој е тој што останал...
* Има ли друга тајна која досега е чувана од јавноста, а ќе ја споделите со нас сега?
Панчо: Има, а тоа е дека Anдреј засади кoса, ама чекаме да му никне, на мене не сакаше да ми расте па се откажав и се договорив со докторот да ми засади повеќе под мишка.
Андреј: Никогаш не сме криеле ништо еден од друг посебно не од јавноста и од нашата публика и такви и ќе останеме и во иднина, транспарентни и искрени.
* Како најкратко може да се најави концертот на 3 декември во Арената Борис Трајковски? По што ќе биде различен од останатите?
Панчо: Дојдете да ја славиме македонската музика и да евоцираме убави спомени и чуеме по некоја анегдота. Различен ќе биде по самото тоа што не може тој ден да се врати или повтори, и затоа ги повикувам сите да дојдат без оправдување за да се дружиме и споделиме позитивна енергија и многу љубов.
Андреј: 20 годишен јубилеј полн со емоции и љубов. Она за што сум сигурен е дека како и на сите наши концерти и настапи ние ќе дадеме се од себе и заедно со нашата публика ќе ги отпееме сите наши песни со цело срце!
* Кои ви се најдобрите, а кои најлошите моменти во овие 20 години ДНК?
Панчо: Секогаш изјавувам дека ние сме континуирано во некоја златна средина и во некоја форма која ја оддржуваме константно. Не можам да оделам период. Секој еден настап, комцерт си има свои убавини или мани ама фала му на Бога немало лоши моменти.
Андреј: Можеби и тие некои мали минорни лоши моменти кои сме ги имале допринеле до тоа да научиме нешто од нив и да опстанеме толку време.
* За продуцентот Лазар Цветкоски велите дека е ваш трет член, која е најемотивната сцена- случка од неговото студио, работа на некоја песна која емотивно ве исцрпила?
Панчо: Секоја песна е емотивна, особено баладите а ние имаме доста такви. Многу често знам да заплачам дур компонира, за ежење не ни зборам бидејќи тоа е скоро секогаш. Лазе е музичко чудо и сум преблагодарен што ни се посветува и дава максимум, впрочем не за џабе е трет член нели само што е во позадина, а реално е најзаслужен за секој наш успех и се што сме постигнале е благодарение на него. Еве, јавно да му се заблагодарам по не знам кој пат.
Андреј: Лазар е наш трет член затоа што од нашето 20 годишно постоење, скоро 15 сме ги поминале со него во неговото студио кое на почетоците беше во неговиот дом/соба во кое се родија едни од нашите најголеми хитови.
* Имало си ситуации до толку да се скарате, да не разговарате еден со друг, и со тоа да е дојдено во прашање постоењето на групата?
Панчо: Секако дека имало. Андреј додека не стана родител беше крајно незаинтересиран и неодговорен околу бендот што мене ми дојде преку глава и му соопштив дека не планирам да му изигравам менаџер- да доаѓа на готово, па „ваљда сконта“ дека сум сериозен и го смени односот на кој сум јас горд. Друго е двајца да си делат „обавези“ друго е еден, нели?
Андреј: Како и во секоја друга врска постоеле моменти изминативе 20 години кога имало недоразбирања и несогласувања и расправии кои биле конструктивни за доброто на ДНК, но никогаш не дошло до тој степен да биде ставено на клада прашањето дали ДНК ќе постои или не. Доказ за тоа е 03.12.2022, 20 годишниот роденден на ДНК.
* Во што Панчо најмногу го нервира Андреј и обратно, во кој дел најмногу се трпите еден со друг?
Панчо: Па, порано во сè ме нервираше, бидејќи беше незаинтересиран за ништо, а отсекогаш сме се трпеле. Јас сум тој што секогаш мрчи бидејќи сум перфекциониста и контрол фрик. Кога го карам го карам за доброто на групата , а и негово, и нормално и е свесен за тоа. Често претерувам, ама тој сум и не верувам дека друг би ме трпел реално, но се познаваме предолго и во срж се познаваме така штосèе како треба што треба.
Андреј: Доколу нешто од ова постоело тоа било на самите почетоци. После толку многу време толку добро се познаваме што ништо не може да ме изнервира, затоа што секоја реакција и потег на некој од нас има своја позадина која нема лоша намера и е најдобронамерна.
* И двајцата сте татковци на деца во чувствителни години. За родителство никој нема докторирано, можете ли за себе да кажете дека деца сте добар родител, дека децата ви одат во вистински правец?
Панчо: За себе никогаш не сум кажал дека сум добар во ништо. Ниту пеајч, артист, диџеј, човек, па нема ни да кажам дека сум добар родител, тоа ќе мора децата да ги прашате.А, за тоа дали сум задоволен во кој правец се движат, може да кажам дека сум презадоволен засега и посакувам да остане вака и во иднина
Андреј: Можеби и за нас никој не верувал дека одиме во вистински правец, но фала му на Бога еве не сме скршнале во погрешна насока до сега. Здрави сме и живи, имаме фамилии и дечиња на кои сме им посветени цело време и кои ги сакаме со цело срце и го работиме тоа што го сакаме и сме благодарни за сето тоа.
* Во кој правец генерално според вас одат младите во Македонија, и според однесувањето, размислувањата, изборот на музика, работењето на себе?
Панчо: Младите се движечка сила и не може да ги критикувам, бидејќи не би било фер ни кон нив , а уште повеќе ни кон сам себе. Кој сум јас да ги критикувам нив, нели? Секоја генерација си има свои идоли, херои и сфаќања така што дали мене ми се допаѓало накаде тераат или не, ништо нема да смени. Можам само да им препорачам да бидат храбри, одлучни и да бегаат понастрана од дрога.
Андреј: Нема ништо лошо ниту во новото време ниту во младите и нивните размислувања, ниту пак во нивниот избор на музика која доаѓа со ова ново време. Јас единствено би нагласил дека можеби малку повеќе треба да поработат на нивниот пристап, однос, култура и примена на моралните вредности.
Милица Џаровска
Фото: Вангел Тануровски