Анита Ангеловска-Бежоска е првата жена гувернер на НБРМ

Добивај вести на Viber

Анита Ангеловска-Бежоска и официјално ја презеде функцијата гувернер на Народна Банка на Република Македонија.

Пратениците во собранието на Република Македонија едногласно ја избраа д-р Ангеловска-Бежоска, која претходно осум години беше вицегувернер на НБРМ.

Со 81 глас „за“ нејзе ѝ беше доделена оваа одговорна функција.

46-годишната економистка е петти гувернер на НБРМ и прва жена на оваа позиција во 27 години, од прогласувањето на независноста на РМ.

„Пред мене стои предизвикот со спроведување успешна и независна монетарна политика, во насока на остварување на законски гарантираните цели на централната банка, а тоа се: ценовната стабилност остварена преку стратегијата на одржување стабилен девизен курс на денарот; одржувањето на стабилноста на банкарскиот систем, а преку тоа директно давајќи придонес за целокупната финансиска стабилност во нашата економија и дополнително, поддржување на општите економски политики. Исто така, би сакала да потенцирам дека сите овие успешни политики коишто се спроведуваа досега, беа резултат на големиот институционален капацитет којшто го поседува централната банка, благодарение на долгогодишното вложување на стратешкото раководство на институцијата во развојот на човечките ресурси. Тука останува мојата обврска и натаму да го градиме капацитетот, бидејќи тој е клучен за извршување на нашите задачи“ – изјави Анита.

Анита Ангеловска-Бежоска

Ангеловска-Бежоска е родена во Гетеборг, Шведска, во 1971 година и е мајка на три деца. Таа дипломира во 1994 година, а магистрира во 1997 година на Економскиот факултет во Скопје. Во 2015 година Анита докторира на Економскиот факултет во Љубљана, Словенија.

Ангеловска-Бежоска има деветнаесет години работно искуство, главно во областа на монетарната политика, макроекономската политика, фискалната политика и управувањето со јавните финансии.

Од 2004 до 2010 година Ангеловска-Бежоска беше главен економист во НБРМ. Исто така, таа била ангажирана во Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон.

Ангеловска-Бежоска учествувала во повеќе преговарачки мисии на ММФ за склучување аранжмани меѓу фондот и земји-членки. Од 1996 до 2004 година, Анита работела во Министерството за финансии каде вршела повеќе функции, од стручен соработник за финансиски систем, советник за подготовка и извршување на буџетот, раководител на секторот Трезор, па до државен секретар на Министерството за финансии.

Во изминатите седум години, гувернер на НБРМ беше Димитар Богов, кој ѝ посака успех на својата наследничка.