АНТОНИА, ДИНА И ВАЛЕРИ, ПРИДРУЖНИ ВОКАЛИ НА „АЈ КЈУ“ НА „ЕВРОСОНГ“

Добивај вести на Viber

Младите талентирани поп-пејачки Антониа Гиговска, Валери Димовска, и Дина Јашари ќе им пеат придружни вокали на „Ај Кју“ на Евросонг, во Лисабон на првото полуфинале, на 8 мај.

„Ај Кју“ ќе ја претставуваат Македонија со песната „Lost and Found“, чиј автор на музиката и на текстот е гитаристот и вокал на „Ај Кју“, Бојан Трајковски, а аранжер е познатиот продуцент Дарко Димитров. Токму од Дарко, доаѓа поканата, Антониа Гиговска да биде дел од придружните вокали.

Со Дарко Димитров сме родени на ист ден, па следи убава соработка.- Антониа со продуцентот Димитров


„Со Дарко се знаеме многу краток период, всушност од кога ме побара на телефон за да ме праша дали би сакала да одам на овогодишната „Евровизија“ како придружен вокал на „Ај Кју“. Се видовме, се запознавме малку повеќе, си помуабетивме, си попеавме и така спонтано отидовме да јадеме, заедно со Лазар Цветкоски, продуцентот со којшто работам. Знаете по добра работа и напор, иде добра храна хахаха“, ни изјави Антониа.

Ја пееше главната женска улога во мјузиклот „Тајно моја“.- Антониа Гиговска


„Не ви откриваме ништо, секако дека не чекаат многу соработки и песни. Се надевам на супер соработка, многу се согласуваме со Дарко, најверојатно поради тоа што и двајцата сме водолии, родени на ист ден, 21 јануари. Па сигурно има нешто и во тоа“, додаде Гиговска, која е актуелна со хитот „Слаба страна“ од авторите Лазар и Магдалена Цветкоски.

Ја знаеме од реалното музичко шоу, „На иста адреса“.- Валери Димовска

Антониа беше главна женска улога во мјузиклот посветен на Тоше Проески, „Тајно моја“, избрана како победник во музичкото шоу „Кастинг талент шоу“. Јавноста ја запозна како дел од финалистите на регионалното музичко шоу „Пинк ѕвездички“, а има освоено многу награди на интернационални фестивали.

Дина Јашари веќе соработува со „Ај Kју“


Дина Јашари како голем талент е соработничка со „Ај Кју“. Таа исто така учествуваше во „Кастинг талент шоу“, а минатото лето ја промовираше својата „Вреди ли“. Музиката и текстот таа ги напиша заедно со Бојан Трајковски, од водачот на „Ај Кју“, кој исто така го направи и аранжманот и продукцијата во своето студио „Мјузик хаус“, додека мастерот го изработи Дарко Димитров. Валери Димовска важи за една од најквалитетните наши млади женски вокали. И таа беше учесник во реално музичко-шоу, „На иста адреса“. Таа дебитираше со песната „Не ти давам“, со музика и аранжман на Дарко Димитров и Кирилик, и текст на Елена Ристеска.

Милица Џаровска