Бабе, не шетај со детево на снег, ќе ти настине
Кога бев бремена, често слушав различни коментари: Мора да се храниш за двајца. Мора да внимаваш да не се преморуваш. Пиеш вода? Витамини земаш? Дали ти се доволно? Не шетај многу. Не се качувај по скали. Не вози. Не вклучувај клима, иако надвор е 40. Климата не е добра за трудници. Мора да носиш широка облека. Не е пристојно да бидеш облечена како да не си бремена??? Навистина? А пристојно е вие да кажувате што треба јас да правам со мојот живот?
Кога се породив, приказните со сто и една мудрост, не стивнаа. Беше лето. Најтоплото во Македонија. Го шетав син ми облечен најлесно. Прекриен со пелена, колку да е благо заштитен. Излегувавме рано наутро, некаде околу 9, се прибиравме до 10 часот. Една бабичка скоро секогаш кога ќе не видеше, ми се внесуваше во фаца со сугестија: „бабе, детево малку ти е облечено. Си требала да го покриеш со ќебенце. Вака сигурно му студи“. Да, сигурно,- тивко ќе промрморев јас уживајќи во спокојот на моето заспано бебенце, на кое секогаш му годеше утринската прошетка. Кога падна првиот снег, син ми веќе имаше 6 месеци. Тогаш ме прашуваа зошто го шетам на снег. Ќе смрзне. Небаре бевме голи, излезени надвор.
Во Македонија сите знаат сè. И кога треба да се мажиш и кога да се разведеш. И кога да родиш и кога да излезеш. И дали да се насмееш или да плачеш. И дали треба да чистиш или не. И дали имаш кредит и како преживуваш. Ако имаш 30, а не си мажена и немаш деца, имаш некој проблем…
Да, малку сме, но, секогаш знаеме точно што треба да му кажеме на тој другиот, небаре сме прикачени за неговата душа, та знаеме сè до најситни детали.
Основните човечки потреби се вода и храна. Голем дел од луѓето овде имаат празен стомак, но полна уста со насоки. Не би ти дале рака ако паднеш, но секогаш ќе ти кажат што треба, а што не треба да правиш.
Се занимаваме со другите, наместо со нашиот светоглед, затоа што само врз него имаме влијание, и само него може да го менуваме. Животот не трае вечно, па затоа најдобро е сите да го живееме, онака како сметаме дека е најсоодветно. Впрочем, секој од нас си ги знае и своите можности и своите слабости. И кога може и кога не може. Кога не знае, ако има потреба ќе праша. Ако не прашува, не давај му мислење, можеби нема потреба.
За Женски Магазин, Вики Чадиковска