Бадниковата вечера ја подготвуваме заедно со сопругата и децата: Празнично интервју со градоначалникот на Центар- Горан Герасимовски
Горан Герасимовски како градоначалник на општина Центар, приврзан е за овој дел од град Скопје уште од раѓање
Додека како дете пораснал со маалски игри низ улиците на Капиштец, сега како посветен сопруг и татко со своето семејство ужива во убавините на Дебар Маало.
Токму пред најубавите празници кои нѝ претстојат, градоначалникот специјално за Женски Магазин се присети на своето детство, но и нѝ откри парче од својата приватност.
* Каков го паметите Центар во Вашите детски сеќавања?
- Јас сум центарско дете, пораснав во Капиштец. Повеќето од моите детски сеќавања се врзани токму за тој дел од Скопје. И тоа се, можам да кажам, моите најубави спомени. Учев во „Песталоци“ и патот што го минував до училиштето беше мојот прв поглед врз Центар. Таму ги стекнав моите први другари и тие другарства траат до денес. Спомените од тоа време се убави, спокојни, безгрижни и тоа чувство го доживувам секогаш кога и да поминувам во тој дел од градот.
* Кои игри беа омилени со маалските другари? Што оттогаш останало непроменето?
- Во моето детство сѐ уште се наоѓавме надвор и се чекавме пред зграда за да си играме. Топката беше центар на нашиот свет, омилени нѝ беа фудбал и сервис. Се играа и џамлии, нормално, и миженка. Тогаш се појавија и првите компјутерски игри, се сеќавам на „Марио“ и „Аладин“. Така и почна треската по компјутерите, која еве трае и денеска. Сепак, бевме генерација која гледаше пред себе и околу себе, а не само во мобилните. Се дружевме реално, а не виртуелно. Фиксниот телефон беше за договарање, а денешните деца и не знаат што е тоа.
Нормално дека сѐ е променето. Прво јас се променив, станав возрасен и веќе не го гледам градот со исти очи. Но магијата на детството за мене не заврши. Сепак реалноста е поинаква од она што е мојата меморија за Скопје. Шармот на Центар, особено на Дебар Маало каде живеам сега, е ист, а ист е и мирисот на липите.
* Колку е тешко да се биде посветен сопруг и татко и градоначалник на Центар?
- Можеби ќе звучи како клише, но она што вистински се сака, не е тешко. Улогата градоначалник бара крајна посветеност и секојдневни ангажмани со сериозен интензитет, кој често знае да биде исцрпувачки, па сето тоа се компензира со улогата на татко која е доживотна и знае да ми пружи смирувачки ноти во текот на денот.
* Како се одвива еден Ваш работен ден? Дали сте достапен за граѓаните и по работното време?
- Работниот ден е динамичен, со многу обврски, состаноци, средби и никогаш не завршува во 16 часот. Едноставно, го даваш максимумот, а не си ни свесен за тоа, бидејќи функцијата градоначалник е таква, со граѓаните и за граѓаните. Со Центарци заедно ја градиме општината и мојата врата секогаш е отворена за нив. Нивните предлози, сугестии и критики се мој императив.
* Возите или Ве возат со автомобил? Или пак практикувате велосипед?
- Мојот избор секогаш е велосипед! Нема колони и нервози. Стигнувам насекаде во рекордно време. Притоа, под тркалата, го чувствувам пулсирањето на градот, улиците, патеките и тротоарите. И со гордост можам да кажам дека Центар ја заслужува титулата-највело општина за 2023. Мојот сон е еден ден и Скопје да стане функционален вело-град, со мрежа која ќе ги поврзува сите општини.
* Што Ви смета, а што сакате во општина Центар?
- Ми пречи нехигиената, фрлањето отпад на секој ќош, паркирањето по тротоарите, узурпирањето јавни површини, сето тоа дава грда слика за општината. Ваквата ниска свест и недомаќинлукот ги казнуваме најстрого. Многу ми значат средбите и дружбите со мои Центарци. Сакам кога им се наоѓаме реално на терен, со помош од прва рака, преку проекти за поквалитетно образование, помирна старост, социјална помош. Тоа е тој момент кога се чувствувам како татко на општината. А во моментов, се радувам и на претстојните празници кои заедно ќе ги прославиме на Боемска.
* Раскажете ни нешто повеќе за Вашата љубов со сопругата. Кога се запознавте, дали тоа беше љубов на прв поглед?
- Со сопругата се запознавме преку заедничка пријателка во дискотеката „Хард Рок“, која веројатно мислела дека би биле компатибилни еден со друг и не згрешила. Љубов на прв поглед може не, ама беше љубов која и сега после толку години трае.
* Што е најважно за среќен и хармоничен брак?
- Нема рецепт за хармоничен брак, има само состојки кои се важни, од кои најпотребна е секако љубовта, понатаму многууу компромиси, висок праг на толеранција и многу заеднички поминати моменти.
* Како се снаоѓа Вашата сопруга со тројца мажи во домот? Дали ги делите обврските на машки и женски?
- Верувам дека ѝ е напорно со сопруг кој често е отсутен и две деца кои се второ и четврто одделение и со кои треба да се организира времето за учење, читање, пишување, а најважно правилно насочување за да бидат добри другари и ученици кои ги почитуваат наставниците. Обврските ги делиме на оние кои можеме и имаме време да ги завршиме во даден момент и такви кои може или да почекаат или да ги заврши другиот. Во некои активности низ домот, ги вклучуваме и децата (како на пример во последно време сами ја средуваат својата соба).
* Настрана од работните обврски, како ги полните батериите во Општина Центар, каде сакате да излегувате, што сакате да правите со семејството?
- Батериите ги полнам најчесто во домашна атмосфера, со моето семејство. Се радувам и кога сите заедно учествуваме во некои спортски активности, како што се возење велосипед, планинарење, фудбал со синовите. Исто така се трудам да одвојам време и за пријателите и другарите затоа што тоа е суштината на животот. Ние сме социјално општество и сакаме да се дружиме. Посветен сум на семејството, но ги одржувам и пријателствата.
* Какви предизвици Ви донесе годинава што изминува, на професионално и приватно поле? (Колку Ве промени?)
- Секогаш може повеќе, тоа е моето мото, а со тоа доаѓаат и предизвиците. Функцијата градоначалник не ме промени како човек, но секојдневните работни обврски го сменија мојот начин на живот. Да се помогне секаде каде се може е голем предизвик за мене, и токму тоа ми дава сила да продолжам со исто темпо.
* По што ќе ја паметите 2023, што сакате да заборавите?
- Јас ја немам таа привилегија, со мојата функција, да заборавам. 2023 беше година во која се реализираа многу мои ветувања и проекти, а се надевам дека 2024 ќе биде и поуспешна.
* Претстојат едни од најубавите празници. Како Вие ќе ги поминете новогодишните и божиќни празници?
- Новогодишните и божиќните празници ми се секогаш синоним за блискост и хармоничност во домот. Новогодишната ноќ ќе ја поминеме со децата и веројатно со пријателите, во деновите што доаѓаат следат семејни ручеци со баби, дедовци и божиќни филмови.
* Верувате ли во Дедо мраз? Дали знаете да се преправате дека сте Дедо Мраз за да ги изненадите синовите? Дали тие пак пишуваат писма до Дедо Мраз?
- Верувам во исполнување на желби. Кога беа помали децата, неколку години наназад бев Дедо Мраз, да. Но, сега веднаш би ме препознале и веројатно би било пресмешно и интересно, па сега оставаме колачиња со млеко до елка и на 1-ви јануари чекаме да видиме кој колку бил умен. Писмата се напишани уште во ноември.
* Дали ја негувате традицијата за подарување? Што ќе им подарите оваа година на најблиските?
- Среќата е во малите работи, а такво е подарувањето во нашето семејство, каде желбите се пред сѐ да сме живи и здрави, да имаме мир и спокој во душата и многу љубов.
* Дали го накитивте домот и дали уживате семејно во китењето?
- Домот го китиме заедно секогаш околу празникот Св.Никола и секогаш во позадина се слушаат божиќни и новогодишни песни, што покрај сите светкави украсни орнаменти дава дополнително позитивна енергија.
* Споредете ни го Коледе во Вашето време, и Коледе кое го имаат Вашите синови сега?
- Коледарските песни и тогаш и сега беа и се причина за радост на најмладите. Тоа не се промени, вратите сѐ уште се отворени, а дечињата сѐ уште ги полнат торбичките. Тоа е тој момент кој, на среќа, не се променил.
* Дали сопругата е задолжена за подготвување на Бадниковата вечера?
- Бадниковата вечер ја подготвуваме заедно. Јас сум задолжен за делот со пазарење на продукти (по список секако), децата со декорирање на масата, сопругата со менито.
* Дали сте религизони и практикувате пост?
- Верник сум и ја почитувам традицијата.
* Дали има две парички за да нема лутење?
- Нема две парички, но, да, има доза на незадоволство кога на некој нема да му се падне паричката.
* Што си посакувате да Ви се оствари во оваа година?
- Си посакувам пред сѐ многу здравје, енергија и трпение.
* Ваша Новогодишна порака?
- Да останеме сите во добро здравје, да се сплотиме, хуманоста и духовноста да нѝ бидат водилки, да си ги сакаме и почитуваме најблиските и да владее мир и спокој во нашите срца!
*Даница Караташова Илиоска