Бајрактаров: Oстваруваме висок квалитет на работа и ги следиме новите трендови

Добивај вести на Viber

Интервју со Доц. д-р Стојан Бајрактаров, директор на Унверзитетска Клиника за психијатрија, член на Главен Борд и Претставник за Централна Европа на Светска Психијатриска Организација (World Psychiatric Association).


1.Колку време раководите со психијатриското одделение и колкав е бројот на персоналот на оваа клиника?


Со Универзитетската Клиника  за психијатрија раководам скоро две и пол години, за кој период се остварени вработувања на сите ниво – 5 лекари, 2 психолози, 3 сестри, како и 3  вработувања. Имајќи во предвид дека сме 80 вработени, овие вработувања се з
начителен придонес имајќи ја во предвид обемот и интензитетот на работата.


2.Какви се условите за престој на пациентите и по колку време тие престојуваат во клиниката?


Клиниката за психијатрија е целосно реновирана во последните две години, со целосна дигитализација, климатизација, опрема со нов намештај за пациентите и амбулантите. Целосно е реновиран и амбулантскиот дел, како и  кровот, и сите амбуланти се опремени со нова опрема. Воведени се неколку нови методи за дијагностика и третман – набавена е најсовремена опрема за дијагностика на растројства на спиење, нови интерактивни табли за когнитивни и функционални вежби. Набавен е и воведени тестот ТОВА за дијагностика на растројства на вниманието и хиперактивност за деца и за возрасни. Обновен е апаратот за транскранијална магнетна стимулација, а комплетно се реновирани и опремени и болничките соби на сите одделенија. Отворени се неколку нови кабинети – за растројства на спиење, ментално здравје на жени во перинатален период, деменции,  а воведени се и неколку нови пакети на услуги – како на пример за невробиофидбек, и за психомоторна реедукација. Воведени се нови методи во Дневната Болница, посебно преку два научно истражувачки проекти од програмата HORISON 2020 на Европската Унија, со кои се внесени нови протоколи за водење напациентите со е-алатки, како и мобилни тимови за подршка на процесите на реинтеграција и ресоцијализација на лицата со ментални болести. Овие проекти се водени од Queen Mary Univesity London, и Trimbos Institute Utrech. Имаме континуирана соработка со повеќе реномирани европски центри , пред се со Клиниката во Нинберг, со која имаме редовна размена на експерти и едукативни програми.  Воспоставена е пракса на подршка на едукација на персоналот во интернационални центри, како на пример во центри за ментално здравје во Холандија, како и поддршка на учество на скоро сите значајни интернационални конгреси за психијатрија. Секако дека подршката на професионалниот напредок на персоналот е доста значајно за остварување на висок квалитет на работа, и следење на модерните трендови.


3.На каков начин им е пружена поддршка на оние кои што доаѓаат само на терапии, без да имаат потреба да престојуваат на клиниката?


Секако дека за третман е потребна и современа терапија, која е поефикасна и со многу помалку несакани ефекти. Со подршка од Министерството за здравство и ФЗО, воведена е најсовремена терапија со пролонгирано дејство(Палиперидон палмеат и рисперидон Конста), со постепено покачување на бројот на лица кои во моментов се околу 50. На клиниката е воведена и достапна сета современа медикаментозна терапија, за сите видови растројства (антипсихотици, антидепресиви, лекови за деменција итн.). Она што е посебно значајно, воведени се доста методи и активности за ресоцијализација и реинтеграција во општетсвото за нашите пациенти, за што имаме одлична соработка со повеќе иснтитуции и индивидуалци – би ги спомнал Националната Филхармоннија, Факултетот за физичка активност, Мултимедијалниот Центар “Јавна Соба“, Театар Комедија, Драмски Театар, МНТ, повеќе музеи, кината Синеплекс... Сето ова не би било возможно без тимската работа и тимскиот дух на нашиот колектив. Би споменал  дека она што можеби е мала, но многу значајна промена, е  дека во мобилните тимови се вклучени и лица кои имале проблеми со менталното здравје, но сега истите тие се вклучуваат да им помогнат на лицата во криза како рамноправни членови на тимот.
Би ја нагласил и успешната соработка со Министерството за труд и социјална политика, особено во процесите за отварање на групни домови за повеќе целни групи.


4.Кога и какви се последните реконструкции во Клиниката за психијатрија?


Со помош на неколку општествено одговорни фирми целосно е реновирана Клиниката, со кои во склоп на своите програми за својот општествен придонес дадоа приоритет на лицата со ментални болести. Комплетно се реновирани подовите, набавен е комплетно нов намештај како во болничкиот така и во амбулантниот дел, комплетно се реновирани и просториите за едукативна дејност, бидејќи Клиниката со Катедрата за психијатрија е дел од Медицинскиот Факултет при УКИМ. Донирана ни е и современа опрема за одржување на хигиената, имајќи во предвид дека и одржувањето е значајно колку и реновирањето. Извршена е и реконструкција на дел од системот за греење.


5.Како функционирате тимски, дали сте задоволни од персоналот и какви коментари имате во однос на зголемување на платите?


Човечките ресурси, односно персоналот е главиот столб на здравствениот систем. Тимската работа е важен елемент во секој колектив, но мислам дека е посебно значаен во нашата дејност – психијатријата. Мислам дека имаме одлична работна атмосфера и висок степен на тимска работа, што се гледа во нашето секојдневно функционирање, пристап кон пациентите, организацијата на работата, па и вон работата – на пример имавме преубава прослава на колективот за Нова Година, но и традиционално  си ги прославуваме заеднички и сите национални и верски празници. Сето ова секако дека е одлично како гратификација, но за признаеност на трудот и мотивираност на персоналот многу придонесува и зголемувањето на платите. Секаде во светот здравствениот сектор котира високо при распределбата на буџетските средства, и тоа не е случајно, бидејќи се работи за здравјето кое ни е најголем приоритет на сите нас. Затоа овој континуиран тренд на покачување на платите е чекор со кој се дава импулс на прекинување на трендот на “одливање на мозоци“, во кој сме сведоци дека здарвствениот перосонал  е приоритетен.


6.Кои се следните проекти на клиниката за психијатрија, какви се вашите планови?


За следната година аплицираме за неколку проекти, во соработка со врвни интернационални центри. Со тим од Универзитетот Харвард аплицираме за проект за лицата со аутизам, заедно со Заводот за деца со проблеми со слух и говор,  а со Queen Mary University подготвивме проект за ментално здравје на женската популација. Во припрема се и неколку превентивни програми за активности против пушење, зависност од интернет, а секако приоритетни ни се понатамошни проекти за развој на сервиси за ментално здравје во заедницата. На крај би нагласил дека сите спроведени активности се во склоп на спроведување на планираните активности според Националната Стартегија и Акционен План за ментално здравје која беше подготвена од Националната Комисија за ментално здравје номинирана од Министерот за здравство, а која е усвоена од Владата на РМ за периодот 2018-2025. Со вие документи се даде структура на реформа на системот за ментално здравје во РСМ, според современите текови и препораки како од Светската Здравствена Организација,  СЗО, така и од сите релевантни интернационални институции и експерти.