БАЛЕРИНАТА СТЕФАНИЈА ГАШТАРСКА НА 16 ГОДИНИ ЗАИГРА ВО БОЉШОЈ ТЕАТАРОТ ВО МОСКВА: Мајка ми на рака ми ги шиеше костумите

Добивај вести на Viber

Чувството да се игра на сцената на Бољшој е неописливо,само треба да се доживее. Ова е сон на секоја балерина кој реално е многу тешко остварлив,ама ете јас ја имав таа среќа да заиграм на мои 16 години на таа сцена, и во моментов го живеам мојот сон

Со само 16 години, на младата балерина Стефанија Гаштарска и се укажа можноста да заигра во престижниот руски театар Бољшој, во Москва. Стефанија, минатата недела ја играше улогата на Аурора во претставата „Заспаната убавица“. Позитивни критики за неа напишаа руските весници.

Стефанија прима честитки по успехот во „Бољшој“


" Чувството да се игра на сцената на Бољшој е неописливо,само треба да се доживее. Ова е сон на секоја балерина кој реално е многу тешко остварлив,ама ете јас ја имав таа среќа да заиграм на мои 16 години на таа сцена, и во моментов го живеам мојот сон. Пресреќна сум, задоволна од тоа како изиграв и што ја оправдав укажаната доверба и некако сè уште се ми изгледа нереално и не можам да верувам што ми се случува. Пресреќна сум што на овој мој многу значаен настап дојде мајка ми, професорката Дафина и кореографката на едно дело со кое се претставив на натпревар во Перм, Биљана Пашариковска,без кои овој успех немаше да биде целосен“, раскажа младата балерина. Љубовта кон балетот, Стефанија го наследила од својата мајка, Марија Крстевска, балерина солистка, која веќе 20 години е вработена во МОБ. Марија е дипломиран педагог и репетитор на отсекот класичен балет на Музичка Академија при УКИМ.

Мајката и ќерката заедно играа во балетот за деца „Снежана и седумте џуџиња“ во МОБ, Стефанија како Снежана, а Марија како лошата маќеа.- Марија самата ги соши костумите


„Околу Нова Година,на Стефи и беше доверена улогата „Снежана и седумте џуџиња во МОБ која ја спремаше со Дафина Данилоска и со Марија Јосифовска, за време на распустот. Тоа беше прва нејзина главна улога во некоја претстава, која за многу кусо време успеа извонредно да ја подготви и да ја изведе.По овој нејзин успех на домашната сцена,веднаш по нејзиното враќање во Москва, таа ја доби животната шанса. Директорката на Бољшој Академијата, Леонова,побарала лично таа да работи со неа за улогата на Аурора во претставата „Заспаната убавица“, поточно познатото „Розе адаџо“, кое е едно од најтешките адаџа, кое требало да го игра матурантка од истата академија. И, тука почнува се“, го раскажа Марија патот до успехот на својата ќерка.

Руските весници напишаа позитивни критики за Стефанија


За многу кратко време, Стефи, со своите 16 години успеа да подготви едно толку големо балетско парче, и да и припадне честа да ја затвори балетската гала која се одржа во Бољшој театарот по повод роденденот на Петипа. На овој настан учествуваа над 240 учесници, претставници од најдобрите балетски школи во Русија. Го проследи елита на балетскиот свет, меѓу нив и директорот на Бољшој театарот, директори на неколку балетски школи и поранешни балетски првенци.

Марија има учествувано во неколку спота за наши познати пејачи


Стефанија со балет се занимава од 9 години. Почетоците и се во МБУЦ Илија Николовски-Луј, во класата на Дафина Данилоска Кочевска,меѓутоа целта отсекогаш и била Русија. Има освоено многу интернационални награди, меѓу кои второто место на Светскиот балетски натпревар во Сибиу, Романија (првото место не било доделено). Како наградена, со најмногу освоени поени, била поканета да настапува на натпреварот во Орландо, САД, од каде што се вратила со диплома. Второ место, Стефанија носи и од натпревар во Бари, Италија, а е една од финалистите на познатиот руски балетски натпревар „Арабеска“. „Мало девојче со големи соништа и амбиции,тоа е Стефанија“, додава Марија.

„За да постигнам голем балетски успех, потребни се многу откажувања,посветеност, амбиција, поддршка“, вели Стефанија која Стефи на 15 години замина да учи во државното училиште во Перм -Русија кое е едно од најстарите балетски школи. Како исклучителен талент, таа е примена и стипендирана од Бољшој државната балетска академија во Москва,каде што моментално се школува, како единствената Македонка која е примена во ова престижно школо.

Стефанија во улогата на Аурора во претставата „Заспаната убавица“, во Бољшој театарот во Москва

„Поминавме тежок пат,но секако вредеше. Од финансиски тешкотии, до немање костими. Успевавме да се снаоѓаме, дел преку спонзори,дел од Министерството за Култура, дел самите“, вели Марија. „И костумите, мајка ми мѝ ги шиење сама, сама на рака круните исто така и ги правеше,бидејќи еден балетски костим е многу скап, од 500 до 1500 евра, а за секоја улога треба различен. Така што конкретно за натпреварот во Перм- Русија беа потребни на шест костуми и просто беше невозможно да се купат,а и самите натпреватри чинат многу“, раскажа Стефанија. Марија додава дека нема поголема среќа од тоа да ја си видиш ќерката на сцената на Бољшој театарот.


„Бидејќи сум во истата професија,многу добро ја разбирам тежината и големината на настанот и сето тоа што и се случува во моментов, а во исто време знам што се треба за да се стигне до таму. Ја советувам да ужива додека игра. Техниката е неопходна, но меѓутоа ако се игра без душа се е за џабе“, изјави Марија за својата ќерка. Покрај обврските во МОБ, Марија држи часови по класичен балет за деца во балетското студио „Балет степс“, кое е во сопственост на балерината Биљана Пашарикова. Покрај учеството во редовниот репертоар на МОБ, Марија има снимено неколку спотови за поп-пејачи: Дарио, Каролина, Маја Гроздановска-Панчева и спот на песна од Тоше Проески. Најголем нејзин ангажман е помошта околу усовршувањето на нејзината ќерка, на која е многу горда.

За Женски магазин, Милица Џаровска