Бетмен Велит и водителката Анастасија станаа родители: Ќеркичката доби име по најубавата македонска творба
Водителката Анастасија Деа и Богдан Илиевски (Бетмен Велит) вчера станаа родители
„Станав татко, а Анастасија мајка на најпрекрасното девојче на светов и веков. Двете се во одлична состојба. Јас во неопислива. Фала ви за добрата мисла и енергија!“ - сподели на фејсбук, Богдан.
Ќеркичката го доби името Дениција, па тој среќната вест ја обелодени споделувајќи ја токму песната „Дениција“ од Петре М. Андреевски.
Ви ја пренесуваме и ние прекрасната творба:
како да калемев светлина на мракот,
како да топев снегови фатени во движење,
како да станував единствен сведок
за бакнежот меѓу металот и громот.
Кога ја љубев Дениција,
како да му пронајдував брзина и на каменот,
како да ја одделував душата од телото,
како да го палев барутот,
на тилот од смилот и трендафилот.
Кога ја љубев Дениција,
како да внесував летен воздух во воздухот зимен,
како да ги откривав сите рудници на злато,
како да добивав телефонска врска со сонот
од сите успани работници.
Оти ја љубев Дениција,
како што ги отворав пролетните аптеки,
сместени во гласот од славејот,
како што славејот ги спријателуваше
небото и земјата,
како што таа ми ја одземаше тежината,
додека трчав кон неа,
како што не можев да видам ништо освен неа,
како што таа живееше додека јас умирав,
како што и јас не знаев како би умрел,
ако таа не се родеше.
Кога ја љубев Дениција,
како да учествував во создавањето
на првата Македонска Држава.
*****