Бев исплашена, но наместо паника, избрав да сум благодарна што сум здрава: Ирина Атанаскова за бременоста во време на Ковид-19

Добивај вести на Viber

27-годишната Ирина Атанаскова е млада девојка и познат тату мајстор од Скопје. Минатата година стапи во брак со својот партнер и колега од тату студиото „Nameless“, а годинава за првпат ќе се остварат во најубавата улога на светот- родители.

Девојката препознатлива по својот ексцентричен стил, сега е веќе во последниот триместар од својата бременост, и додека физички и психички се подготвува за чинот на породување, за Женски Магазин ги сподели искуствата со бременоста во време на светска пандемија на Ковид-19, во кои ќе се пронајдат многу трудници во моментов.

* Како реагиравте кога дозна дека си бремена во време на светска пандемија? Кои беа првите стравови кои се појавија?

- Дознав дека сум бремена на почетокот на март, а веќе две недели подоцна, вирусот стана актуелен и во нашиот град, и нашето студио за тетовирање престана да работи како и многу други дејности. Нормално, бев исплашена, но исто така, со оглед на тоа што минатата година имав еден спонтан абортус, а работата ми е прилично стресна и работам долги часови во лоши седечки позиции, одбрав наместо да бидам во паника за тоа што сè може да се случи, да бидам благодарна што сум здрава, и што ова второ искуство на бременост се одвиваше добро ден по ден. Исто така ми беше многу лошо на почетокот, не можев ништо да задржам од храна во стомакот, па повторно- ми беше мило што сум дома, со маж ми покрај мене цело време, воедно неморајќи да споделам со никој друг сè уште што ми се случува додека не бев посигурна дали сè ќе биде во ред овој пат.

* Што според твоето искуство е најдобро за трудниците во првиот триместар, како најважен и најризичен за бременоста? Што за останатите?

- Нешто што научив, особено последнава година, е дека не сме ние во контрола. Наше е да бидеме одговорни, да ги следиме препораките на докторите за тоа што е добро, а што да одбегнуваме во однос на храна, навики или физичка активност, но на крајот сепак не може да контролираме што би можело да се случи и како сè ќе се одвива. Бременоста е природна работа, сите имаме дојдено на светот на ист начин, па затоа и треба да се помириме со фактот дека не може да ги контролираме природните феномени, како што не може да го контролираме и времето. Наше е да се опуштиме, да живееме ден по ден, и да видиме каде ќе не однесе ова прекрасно искуство.

* Колку фалеше онаа радост и гушкање (сега сведени на минимум) со најблиските поради вирусот, при споделување на среќните вести?
- Искрено не сум човек кој е премногу физички отворен, па дури и со најблиските. Поточно кажано - не сум човек што многу сака да се гушка. Физичката дистанца на еден начин и повеќе ме зближи со оние луѓе кои навистина ми се блиски, секојдневно се слушавме, и ја имав целосната поддршка од фамилијата и најдобрите другаки.

* Дали те фати „депресија,“ поради тоа што мора повеќе време да си дома и со одреден број луѓе?

- Имаше период, околу Велигденските празници, каде што веќе почнаа да ми фалат собирања со луѓе и заеднички споделувања среќа, но самото седењето дома и не ми претставува некој преголем проблем. Не работам во студио правејќи тетоважи уште од средината на март (најпрво од страв, потоа веќе од физичка неможност) но, работев од дома на неколку проекти како цртање сликовници, графички дизајн и секојдневно сликање, па работејќи тоа што го сакам секојдневно, додека носам во себе уште еден живот, ме држеше и сè уште ме држи секојдневно во добра мисла.

* Како се заштитуваш секојдневно, дали имаш некои ритуали?

- Пијам цедени сокови и витамини, гледам да се хранам здраво и разновидно, секојдневно излегувам на сонце, пешачам во природа, носам хируршка маска во секоја затворена просторија и со оние луѓе кои се гледам, се гледам на отворено и на дистанца. Исто така, се грижам и за моето ментално здравје, намалувајќи ја личната достапност до негативни вести и информации од социјални медиуми најмногу што можам.

* Колку ти фали работата, дали доколку немаше Ковид-19 сè уште ќе тетовираше?

- Можеби немаше да работам сè уште, од седмиот месец имав препораки да мирувам повеќе, но дефинитивно, доколку немаше пандемија, ќе работев додека можев. Ми фали тетовирањето секојдневно, оваа пауза ми направи да сфатам со колкава љубов сум ја работела таа работа, па дури и многу често ми се случува да сонувам како тетовирам.

* Колку слушаш совети од постари баби, или од млади мајки? Кои се полоши? 

- Гледам да не слушам многу никој што не е стручен. Да, ме интерестира и сакам да ги прашам оние околу мене за нивните искуства, но секоја бременост е различна, и не би сакала моите сфаќања да ги темелам на нечие туѓо искуство. Се обидувам и на интернет да не барам премногу, туку што и да ме интересира да го прашам докторот кој е најмногу запознаен со мојата бременост. Некогаш и премногу информации знаат да предизвикаат само повеќе стрес.

* Колку ти пречи што мора на сите прегледи да си сама, и партнерот може да го види бебето само на слика?

- На еден од прегледите, каде што го дознавме полот на бебето, присуствуваше и маж ми, и тоа беше доволно. Од тогаш, бебето ми е така наместено во стомакот, што до сега ни јас го немам убаво видено на ехо на ниту еден преглед. Не ми смета што сум сама, само сум благодарна што сè е во ред за сега, и едвај чекам кога ќе можеме и двајцата да го поминуваме целото време со него.

* Дали веќе одлучи каде ќе се породиш, како се подготвуваш за тој момент со оглед на тоа што има процедура поради коронвирусот?

- Се одлучив каде ќе се породам, и ми е мило што болницата има процедура за заштита од вирусот, како и навремено тестирање, па се чувствувам и лично доста сигурно за мојот избор.

* Нај совети од трудница пред породување до сите трудници?

- Прво искуство ми е, па не се чувствувам премногу компетентна да советувам никого,  освен ете можеби да се чуваат во овие не толку нормални времиња, како физички така и психички. Грижата е во ред, сè додека грижата значи одговорност и посветеност, и не прерасне во паника, и почне да ни влијае лошо на нашето здравје.

Д. Караташова Илиоска