БИБА ДОДЕВА НА КОНФЕРЕНЦИЈА ВО БАРСЕЛОНА: Тимот на „Борка“ разговара со врвни онколози за третманот на ракот на дојка

Добивај вести на Viber

Повеќе од 2.500 лица, меѓу кои и претставници на македонското здружение „Борка“, од вчера претојуваат во Барселона каде е во тек најголемата конференција посветена на ракот на дојка. Нашиот тим предводен од познатата пејачка и авторка Биба Додева има можност да слушне предавања за новите можности за лекување, да разговара со врвни онколози, но и со бројни фармацевти и медицински здруженија кои имаат одговори за третманот на жените кои се борат против ракот на дојка.


- Во Македонија годишно заболуваат околу 1.200 жени. Од нив, околу една третина не успеваат да ја победат болеста. Се надеваме дека со дел од информациите кои ги добиваме овде, ќе придонесеме да се намали смртноста. Навистина е чест да се биде дел од оваа конференција ако се земе в предвид дека се одржува секои две години. Овојпат во фокусот е тимската работа меѓу професионалците и пациентите која е клучна за успешно лекување – ни изјави Додева, претседател на „Борка“ и член на европската асоцијација Europa Donna.

Во Европа годишно умираат 143.000 жени од рак на дојка. Мотото на активистките од невладината организација „Борка“ е дека треба да го славиме секој ден.

- Ние не тагуваме за животот и за проблемите со кои се соочуваме. Сакаме да покажме дека како жени сме силни и храбри, да потсетиме дека низ историјата не ни било отсекогаш лесно, но сме успеале да победиме куп дискриминации и неправди – ни изјави неодамна Марија Тасев, извршен асистент во здружението.

За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов