Биди силна

Добивај вести на Viber

Некогаш ми се смачува од се’. Еве вака да го ставам и ова на маса како се’ досега. Ама баш ми се смачува. Од возење, пазарење, од тоа да сум сама, од тоа да сум со луѓе, од работа, од фејсбук, од пишување, од читање. И се’ почесто се прашувам како е да се живее живот во кој нема лаптопи, лајкови, шерувања. Како би било да станам наутро во 6 часот, без да треба да изнаредам една серија пцости дур се движам низ градов. Да, пцујам во кола. Многу и гнасно. И не само што пцујам, туку некогаш ми се случува дури и сама да се изненадам од репертоарот кој знам да го изрешетам. Не се гордеам со тоа, ама да сум искрена, навистина ми олеснува. Мајки, шајки, ова-она и после мирна цел ден. И да се вратам на муабетот (ова со пцостите беше бонус).

Смачено ми е од изнасилени работи. Нови години и родендени. Демек, мора да сме сите среќни и насмеани тој ден. Кај го пишува тоа? Со години не се силам да правам она што не сакам. Не одам на дочеци, оти ми е поубаво да седам дома со ќерка ми и да гледам филмови. И не велам дека дочекот е безвезе. Велам дека наметнатата еуфорија ми е нешто што не сакам да го живеам. И сум слушала муабет “абе поубаво ми е во кафеана, ама оној мојот запнал дома да го викаме цело друштво”. И можам да замислам на што личи тоа. Тој среќен, а таа само гледа колку ќе се насобере за чистење. Или ако е обратно...еден седи на трње во кафеана, а другиот се забавува.

Да простите, потсмачено ми е и од лажни односи и љубови. Онаму каде што има љубов, има простување, има повторна шанса. Има подадена рака и искрена насмевка, силно гушкање и премолчено “одиме понатаму”. Тоа ми се случи неодамна. Со сродна душа, со која навидум сме многу различни. Доволно беше едно такво гушкање и да ми олесни. Знам дека е тука, сакам да верувам дека знае дека сум тука. Впрочем, прекинатите врски со пријателите ми биле секогаш најтешки за преболување. Се’ друго ми е лук и вода. За дробење празни муабети без суштина немам време. За мерење сила кој е попаметен, немам живци.  За лажен сјај немам доволно самобендисаност. Уморна сум веќе од тоа да се надмудрувам и во љубовта.

Кај мене е тоа многу едноставно. Те сакам-тука сум.

Ме сакаш? Биди тука.

Не седам на две столици. Не од страв дека ќе ми остане задникот на земја, туку немам доволно капацитет за да си ја прелажам совеста. Не почитувам луѓе кои уште на самиот старт не се доволно чесни за да знаат со какви намери почнуваат нешто. Ова знам дека звучи смешно и старомодно, ама навистина е така. Не џабе кога момчињата оделе да се запознаваат со родителите на девојките, биле прашувани за намерите. Башка и за да бидат момците свесни дека семејството стои зад неа и дека нема “извините, шалили смо се”.

Смачено ми е од етикетирања. Ако е сама, нешто не е во ред со неа. Не, никако не може тоа да е избор. Мора нешто да не чини со неа (обично ова важи за жените, иако има и и склучоци). Ако има партнер, а не сака брак...пак нешто не е како што треба. Па не е нормално жена да не сака едно бурмиче на домалиот прст. Па имате ситуација во која таа има партнер, во брак се, ама не сака деца (боже ме опрости и крстење 3 пати со брзина на светлината). Па каква е таа жена што не сака деца? Еве јас ќе ви кажам! Искрена со себе. Ако не сака, поарно да ги нема, отколку да се бори против малограѓанштината и да ги има, а потсвесно да чувствуваат дека не се посакувани. Па етикетирање на самохраните мајки, па на “распуштениците” (здраво, јас сум Ана)....па кој бил геј, блаблабла. Па ставање во фолдери според изглед, кулинарски вештини, домаќинлук итн.

Смачено ми е од притисокот кој го живееме потиснати од политика. Не сакам бре да знам ни кој ми е премиер, ни претседател на држава. Не сакам да се замарам со тоа! Сакам да имам беспрекорно здравство каде што лекувањето ќе е на исто ниво за сите, школство кое ќе е квалитетно и сакам да не ни минуваат најубавите години од животот во жалење што не сме отишле од тука кога требало. И не ме интересира чиј задник е во која фотеља додека го поти чесно за парите кои ги зема од буџетот кој го полниме сите.

Смачено ми е да бидам силна...

Да го вртам другиот образ, затоа што така ме учеле од дома. Напротив, мислам дека најпаметното нешто што можам да ја научам ќерка ми е да се бори против неправди, особено да не дозволи да биде малтретирана на било кој начин и од било кој. Да не дозволува да е манипулирана по ниту една цена. И не само да не го врти другиот образ, туку да не дозволи да има и прв.

Смачено ми е да сум секогаш поднасмеана, дури и тогаш кога ми доаѓа да почнам да врескам и да расфрлам се’ наоколу.

Не дозволувајте да трпите. Никогаш не се ставајте во позиција да бидете играчка во рацете на оние кои ќе се хранат со вашата чесност.

Не сте лоши ако барате да живеете со полни гради. Запамтете го ова. Не давајте да ве убедат дека сте себични ако се сакате себе.

Памтете дека ниту една лоша акција не донела добра реакција. Не повредувајте никого заради вашата немоќ да се справите со оние кои вам ви го загорчуваат животот.

Следен пат кога вашата сестра, мајка, пријателка или колешка ви каже дека ја мачи нешто и дека и’ е дојдено преку глава, воздржете се од она вообичаеното “БИДИ СИЛНА”. Дозволете да се исплаче, да се изнавика, да се изнапцуе (давам часови). Не бидете само формално присутни кога некој ќе ви каже дека му е преку глава од се’. Некогаш и да не кажете некоја мудра мисла туку да седнете на едно кафе, чај, сок, вино е поголема поддршка отколку што мислите.

Дозволено е да не бидеме силни. Да се покриеме преку глава кога ни е преку глава...да викаме и да беснееме. Дозволено е да сме слаби и кревки. Дозволено е во оваа трка наречена живот да си дадеме некогаш одмор.

Јас сум Ана, за родителите и син и ќерка, за домот и маж и жена, за ќерка ми мајка-змеј која не дава влакно да и’ фали од главата. И некогаш ми е преку глава од се’. И некогаш не сум силна. Ама и тогаш сум во љубов со себе. Си должите спокој, а не да сте амортизери на сите животни удари.

И памтете...бидете среќни, а не силни.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска


Јас па и неќам силна да сум

Ниту да ми е душава ко бунар

Та фрлај се’ внатре демек бери

Оти и бунарот крај има

Полни, полни и ќе прелее

Исто ко и чоечката душа

Та после си отишол чоекот

Ама арен беше со здравјето

Шо така наеднаш горнион го земал?!

Е не бил!

Само молчел и во себе збирал

Голтал и се давел во чемер

И се с’клетисувал за ова и за она

Дур не му пукнало срцето

И болести го навјасале

Неќам

Еве јас да се прашувам

Сосем поинаква би била

Би пуштала солзи за секоја болка

Би ја исплакала секоја неправда

Море би се удајла во сопствениот плач

За се’ што сум одмолчила

И за се’ за што сум се насмевнала

А ми идело да вриштам

И не

Појќе не мислам оти е сила

Очите суви со децении да ти бидат

Дур еден ден не ти пресушат како езера во жега

И не

Не мислам оти да си ја чуваш болката е храброст

Оти чоек треба да вика

Ама до небо да се слуша ко не му е арно

Да се изнавика и изнапцуе

И ништо во себе да не држи

Да плукне и на силата

Да плукне на божемното достоинство

Врескај!

Врескај колку гласот те држи

Дур не ти попукаат гласните жици

Дур не засипниш та до деној после збор да не прогоориш

Ама врескај ко мака ти е

Ко те боли душата

Ко ти крвари срцето небаре некој за вечера ти го спрема

Та со ножот парче по парче откинува за да го зготви на пареа

Викај чоек!

Викај толку силно шо ќе се вџашат комшиите

И ич гајле да не бериш

Тие и онака те озборуваат за нешто

Викај за да не ти се наталожи пелин во тебе

За да не изрти во болест

Да не ти метастазира до умот

Да не биди после оти “арен беше, ама ете така си отиде”

Оти најбрзо си одат тие кои молчат

И кои тагата во себе ја чуваат

Во срцето

Во душата

Во телото

Во тој музеј на тага