Бојана Ѓорговска Делидинкова: Ме мотивираат секојдневните херои на денешницата кои успеваат во овој совршено несовршен свет

Добивај вести на Viber

Големата љубов кон шминката и козметиката ја поттикнало Бојана Ѓорговска Делидинкова да отвори инстаграм профил, на кој може да најдете интересни совети, рецензии и искуства за производите кои ги користи и рутините кои ги практикува секојдневно. 

Таа вели дека неретко кај неа на профил може да се најдат и патувачки влогови од местата кои ги посетува, затоа што како што открива е вљубеник во патувањата и во сè што е убаво и што ѝ годи.  

Ѓорговска Делидинкова е магистар по МБА Менаџмент, но и креатор на содржина и автор на блог.

Бојана како што сподели за Женски магазин се буди еден час порано пред сопругот и синот „затоа што тој еден час на мир и тишина навистина ми помага да направам еден убав „прајминг“, односно подготовка за денот и сите обврски кои следат. Околу 10 минути одвојувам за медитација, уште некои 10-тина минути за пишување на благодарности и во остатокот од времето што останува ги прегледувам обврските од планерот кои ги имам запишано за тој ден. Потоа следува и неизбежната рутина за нега на кожа, без која не може да почне денот. Оваа рутина е станата веќе дел од моето секојдневие и ми доаѓа природно. Во некои денови, кога сум спречена да го започнам утрото на овој начин, чувствувам дека ми недостасува тој мир и тишина кој го добивам во раните утрински часови“, искрена е таа. 

Во работни денови блогерката своето кафе го пие во канцеларија, „полека подготвувајќи се за работните задачи кои ми претстојат тој ден. Во деновите за одмор кафето го пијам дома, најчесто придружена со добра книга или списание. Кафе ритуалот ми е еден од омилените ритуали во денот“, истакна Делидинкова и потенцира дека е голем љубител на кафе и открива што е она кое ѝ дава дополнителна енергија.

„Може да се каже дека јас сум навистина голем љубител на кафе. Единствено не ми одговараше во првите месеци од бременоста и баш беше чудно и несвојствено за мене. Ги пијам минимум две кафиња во денот. Го сакам кафето како ритуал, како мирис, но и како сојузник во сонливите утра. Интересно, но сум забележала дека ако го испијам и подоцна во денот, не влијае на мојот сон. Можам да го испијам, и по половина час да заспијам.

Порано обожавав нес кафе со млеко, без шеќер. Па имаше период кога пиев капучино и лате и додавав разни сирупи со вкусови на карамела, ванила, лешник и сл. Сега моето совршено кафе е турско кафе без шеќер, со цимет и малку лимон. Мммм прекрасно!.

Свесно дишење многу ми помага во моментите кога се чувствувам преплавено. Зголемената количина на кислород која ја внесувам во дадениот момент веднаш ме поткрева и ми го разбиструва умот, но и ми ги смирува нервите. Физичката активност и прошетките исто така ме полнат со одлична енергија. Кога ништо не помага, ја пуштам омилената песна на You Tube и веднаш го поткревам расположението. Шопинг терапија исто така никогаш не ме разочарала, (се смее)“. 

За неа најголема мотивација се секојдневните херои на денешницата кои успеваат во овој совршено несовршен свет, да го најдат балансот во животот и да се радуваат на секој нов ден со полно срце, дури и кога се соочуваат со бројни контрасти од ден во ден. 

Како дама која е активна на социјалните мрежи и покрај работните обврски во фирмата сподели како ги завршува обврските во текот на денот. 

„Сопруга сум и мајка на четири годишниот син Ведран. Секојдневно сум растргната во константната борба за постигнување на некој посакуван баланс помеѓу домот, мајчинството и кариерата. Работам во семејната компанија за климатизација, во делот за маркетинг и продажба, каде одговорноста и за компанијата и за вработените се зголемува од ден на ден. Покрај работата, тука е и хобито кое ми одзема навистина значителен временски период од денот. Улогата на родител сама по себе е навистина предизвикувачка, бара од мене присутност, посветеност и добра дистинкција за тоа кога е време за работа, а кога е време за игра, прошетки и свесна присутност со синот и сопругот. За среќа имам голема помош од бабите и дедовците од двете страни (мојата и на сопругот), па сите овие предизвици некако полесно и побрзо се надминуваат. 

А вака ги завршува вечерните часови.

„Вечерите се посветени за семејството. Откако ќе заспие синот, често со сопругот знаеме да се напиеме по некоја чашка винце, да пуштиме музика и да разговараме за изминатиот ден, но и за животот. Понекогаш ми е потребен мир, па знам да се повлечам на само и да ислушам некој добар мотивациски подкаст или да изгледам некое видео на You Tube. Вообичаено навечер успевам да одвојам и време за едукација, ако во дадениот момент посетувам некој курс, кој најчесто е за личен развој или за маркетинг.

 Како дел од мојата вечерна рутина е и пишувањето на дневник, како и запишување на задачите и обврските за следниот ден во планер. Не би била јас, јас, ако не ја споменам и вечерната рутина за нега на кожа. Без чисто лице и хидрирана кожа не легнувам со години наназад.

Голем љубител сум на книгите, еден од најубавите катчиња во мојот дом е мојата библиотека. Секоја купена нова книга ми носи радост и нова енергија во домот. Читам многу, речиси секој ден. Ги сакам книгите со тематика од популарна психолигија, но правам одличен баланс и со трилер романи и романси. Секогаш паралелно читам две или три книги. Што се однесува до филмовите, повеќе гледам серии отколку филмови. Netflix and chill ни е еден од омилените вечерни ритуали со сопругот“. 

* Со која убава мисла го започнувате денот... или го завршувате?

„Најдоброто допрва доаѓа! (The best is yet to come!) Мисла која секогаш ми се врти во глава и ме мотивира да делувам и да се развивам, затоа што најдоброто допрва доаѓа, а јас уживам во процесот наречен живот“.


Н.М.