Билјана Ванковска: „Не верувам во култ на вечна младост, тоа дури и го сметам за непотребна самољубивост - можеби и страв од смртта“

Добивај вести на Viber

Многумина ја познаваат како мудра, амбициозна и отворена. Професорката Билјана Ванковска, кандидат на политичката партија Левица, за прв пат ќе ја трча претседателската трка и пред неа претстои голем предизвик. Поради искреноста таа е често посакуван соговорник, па токму затоа одлучивме да ја запознаеме и нејзината „друга страна“. Само за Женски магазин, Ванковска зборуваше за својата бестрашност да стане прв човек на Македонија, кариерата, семејството, разводот, стилот … но и за тоа дека не се плаши да старее, а борите не ги гледа како закана туку напротив, како нешто кое го одбележува нејзиниот животен успех.

Ж.М. Важите за интелектуалец, кој нема проблем јавно да го искаже своето мислење директно в лице на „противникот“, секогаш амбициозна храбро чекорите кон една од најважните животни одлуки, да станете претседател на Македонија, од каде таа енергија во една жена?

- Искрено, и помладите колешки и колеги, па и пријатели, се чудат од каде таа енергија. Некои велат дека кога соработуваме на заеднички проекти по малку се чувствуваат засрамено и фрустрирано со мојата ефикасност и брзина со која ги завршувам задачите. Едноставно, би рекла дека е тоа е мојот однос кон тоа што треба да го завршам. Признавам дека сум зависник од работа, перфекционист кога ќе се зафатам за нешто, а богами и упорна и бескомпромисна за она што во мојот живот има најголема вредност (децата или некоја кауза во која верувам, сеедно). Можеби има и нешто наследено од семејството: мајка ми сè до крајот на животот (на 90 години) ја викавме нагалено атомска мравка. Вода стои, таа не стои. Ете, круша под круша паднала, хаха!

Ж.М. Вие сте доктор на политички науки, редовна професорка имате објавено преку стотина книги, поглавја и научни статии, најголем број од нив во странство и на англиски јазик, член сте на повеќе уредувачки одбори на реномирани меѓународни научни списанија … Која е тајната на Вашиот успех?

- Да коригирам, во времето кога докторирав на Правниот факултет на УКИМ немаше политички науки, па докторатот ми е од правни науки. Базичното образование мие правничко, но потоа преку магистратурата и докторатот се насочував повеќе кон политичките науки, меѓународните односи, и најважно од сè – истражувањата на мирот и конфликтите. Кариерата, особено меѓународната, е резултатот на многу учење – од подобри од мене. Најголема заслуга во тоа имаат моите тројца Викинзи (како што си ги нарекувам), од кои двајца се сега покојни – Јохан Галтунг (таткото на мировните истражувања од Норвешка), Хакан Виберг (директорот на Институтот за мировни истражувања од Копенхаген, Данска, кој беше Швеѓанин по потекло, и Јан Оберг – директор на Транснационалната фондација за истражување на мирот. Јохан беше инспирацијата за сите, Хакан беше мојот гуру кај кого фактички докторирав по вторпат кога и заедно објавивме книга кај светски издавач, и Јан кој сè уште ми е и пријател и соборец за сите глобални каузи (моментално Украина и Газа). Успехот доаѓа тогаш кога работиш многу, скромен си, учиш од најдобрите и не патиш од суета. Јас сè уште учам за многу нешта и не мислам дека сум најумната, ама и творам како да сум помлад асистент на универзитет, а не редовен професор пред пензија.

Ж.М. Велат дека сте екстремно хиперактивна личност која без проблем им „набивате“ комплекси на помладите од вас, дали некое од Вашите деца ја имаат наследено Вашата енергија и упорност?

- Хахах, токму така! Сите три ќерки го „наследија“ тој стил и однос кон работата. Веројатно како мајка несвесно сум им станала модел на кој се огледувале, но и татко им е брилијантен и амбициозен. Сите три се различни, но многу вредни и упорни. Среќна сум што патот си го изодеа самите, без протекции, без да студираат кај мама, без врски. Сега се свои луѓе, кои знаат дека сами се заслужни за своите постигања.

Ж.М. Пред сè сте мајка, баба, семејна жена, а до одреден период и сопруга која има неверојатна поддршка од поранешниот сопруг. Како успевате да ги искоординирате приватниот и деловниот живот, со оглед дека веќе обврските околу кандидатурата се во пол ек?

- Да беше жива мајка ми, таа сега ќе ми беше главната потпора и помош, но сега го имам мојот партнер (Кој е всушност и виновен за претседателската трка; тој најмногу влијаеше на мене). Со мојот поранешен сопруг навистина (чудно за овие прилики) имам добар однос, а неодамна се погоди заедно да го прославиме доаѓањето на свет на нашата внука (од средната ќерка). Накусо, на моја возраст немам домашни обврски (освен што „куќата ќе ми прооди“ – што би рекла мајка ми, секогаш кога не е совршено чисто). Но едноставно не се стасува – од утро до мрак сум во движење.

Ж.М. Каква баба сте, строга или попустлива?

- За жал, моите две внучиња се далеку и се гледаме еднаш или двапати годишно, ако не се бројат онлајн контактите. Дарио има 11 години, а Лили има 10 дена. За раѓањето на Дарио бев присутна, ама на Лили и на мајка ѝ им должам едно долго семејно дружење, помош и извинување. Признавам дека по малку ме гризе совест што не сум покрај нив сега кога им требам најмногу, но ќерките ја разбираат каузата заради која се борам овде и ми ја даваат поддршката. Впрочем нивната мајка никогаш не ни била „обична“, секојдневна.

Ж.М. По речиси две децении заедно, ставивте крај на брачниот живот, но сепак како што велите сте во одлични односи. Дали Вашата позиција на која сте денес доведе до една ваква голема животна одлука?

- Не. Јас и мојот поранешен сопруг бевме подеднакво амбициозни и успешни. Чекоревме заедно до докторатите, остваривме кариери – благодарение на мојата мајка која беше столб на домаќинството и ни помагаше со трите деца. Но, како што знаете, секој брак е приказна за себе, а ние стасавме до точка во која спогодбено се разделивме, но на начин децата да не страдаат и да знаат дека и двајцата стоиме зад нив и до нив секогаш кога им требаме. Ние сме и натаму во коректни односи, па мнозина велат дека сме „совршен разведен пар“, хаха! Дури се погоди дента кога се роди нашата внука тој да стаса од Париз и во мојот дом да го наздравиме нејзиното доаѓање на свет.

Ж.М. Важите за жена со одмерен стил на облекување. Дали Ви е важно она што го носите да е брендирано или добро да Ви стои? Сепак сте јавна личност на која изгледот е природно прво да паѓа во очите на другите...

- Ви благодарам на комплиментот, но веројатно ќе ве изненадам. Јас никогаш не сум била, ниту сум сега жена која внимава на модата, на стилот или надворешната убавина. Верувале или не, во Ист Гејт сум била само двапати (еднаш купував книги и подарок за пријателка), а во новиот Дајмонд Мол немам ни намера да одам. Сè правам спонтано, некогаш купувам стихијно и тоа не од најскапите продавници. Главно водам сметка да се чувствувам удобно и „своја“ во она што го носам. Има во животот моменти кога точно сфаќаш колку значи слободата да бидеш „каква што навистина си“, да те сакаат со сите недостатоци, да не потклекнуваш на надворешните трендови или очекувања. Искрено, честопати покрај моите колешки и пријателки јас сум најскромно облечена – и тоа апсолутно не ми пречи. Вредностите до кои се држам се нематеријални, повеќе го ценам умот од ликот. Верувам дека и оние кои можеби ме критикуваат за изгледот, забораваат на тоа кога ќе почнам да зборувам. Убавината нема никаква врска со модата.

Ж.М. Во една прилика изјавивте дека козметичките салони не се Ваш прв избор, како се грижите за Вашиот изглед, на што најмногу посветувате внимание?

- Точно! Годините и брчките си ги носам гордо, бидејќи се заслужени и зборуваат за сето искуство кое сум го собрала во животот. Едвај и да употребувам некоја крема за лице и за раце. Шминка користам со години, ама причината е што имам витилиго (депигментација на кожата уште од 16 години), но и тој комплекс го надминав релативно лесно. Не верувам во култ на вечна младост, па тоа дури и го сметам за непотребна самољубивост – и можеби страв од смртта. Кај мене го нема тоа. Мнозина мислат дека сум младолика (за своите години) поради тоа што сум мала по раст, ама полна со енергија која зрачи од сè што правам. Искрено, среде изборна кампања, не ми се проблем ни средбите со граѓаните, ни изборните собири, говорите, интервјуата – најголем проблем ми е тоа што морам секојдневно да се шминкам и внимавам на гардеробата (колку-толку, хаха).

Ж.М. Кое е Вашето животно мото, воедно и порака до сите жени?

- Carpe diem! Стара латинска изрека, која потекнува од големиот поет Хорациј, честопати си ја повторувам себе си: наместо да чекам/е нешто во иднина, недостижно или идеализирано, животот е сега и тука, треба да се живее со полни гради и во настојување да се биде свој, оригинален, човек ој ќе ги следи сопствените желби и амбиции наместо да се поклонува под теророт на општеството. Мојата порака е еднаква и за жените и за мажите, бидејќи како левичар и марксист верувам дека ни е потребна еманципација на човекот како таков, а не делење на мажи и жени (со посебни совети или животно мото). Еманципацијата и слободата мораат да бидат наше заедничко дело, наместо да се спротивставуваме едни на други. Она што нè ограничува и гуши се стегите на режимот, синџирите на обичаите или наметнатите стандарди и конвенции кои само нè отуѓуваат едни од други.


Елеонора А.