Благодарница од Здружението на слепи лица од Битола за СН Осигурителен Брокер како општествено одговорна компанија
Здружението на слепи лица од Битола додели благодарница за СН Осигурителен Брокер АД Битола како општествено одговорна компанија.
Ова следи откако со поддршка на компанијата здружението реализираше ваучер од Агенцијата за спорт и млади со кој е набавена нова спортска опрема.
Имено, со ваучер во вредност од 80.000 денари набавени се осум комплети на спортска опрема, односно дресови, тренерки, патики, јакни, ранци, штуцни и штитници. Опремата е наменета за екипата за голбал и за најдобрите шахисти кои се членови на Здружението на слепи лица од Битола и спортскиот клуб „Дерманџиев“-Битола, кој функционира во рамките на здружението.
Александра Петровска, раковoдителка на експозитури на СН Осигурителен брокер и Даниел Паришко, раководител на секторот за прием во осигурување, во посета на здружението се запознаа со активностите на спортскиот клуб. Врачувајќи им благодарница за посебни заслуги на СН Осигурителен Брокер во развојот и унапредувањето на работата на здружението, Драгче Брдаровски, претседател на Здружението на слепи лица – Битола рече дека новата спортска опрема има огромно значење за членовите на здружението и спортскиот клуб.
„Оваа помош е посебно значајна од аспект на социјализација на слепите лица и лицата со визуелна попреченост од Општините Битола, Ресен, Демир Хисар, Могила и Новаци, како и нивен здрав развој и спортување. Затоа сме особено благодарни што СН Осигурителен Брокер дава посебен приоритет на општествената одговорност.“- рече Брдаровски.
Тој нагласи дека новата спортска опрема доаѓа во вистински момент бидејќи претстојниот викенд екипа од здружението во Битола ќе патува во Ниш, Србија каде ќе учествува на меѓународен турнир во голбал.