Бог беше милостив, ми дари ќерка на 40 години: Утринско кафе со Јулијана Пејовска

Како што дишењето е важно за животот на човекот, така и молитвата е важна за неговиот духовен живот. Човекот кој веќе не дише е мртов, и верата на оној што престанал да се моли е мртва.

Затоа, нема нешто поубаво од тоа, денот да го започнеме со молитва. Штом се помолиме со вера и љубов, Бог ќе ни го благослови целиот ден и тој ќе заврши мирно, среќно и спасително за нашите души.

Потоа следат подготовки за отпочнување на работниот ден. Првото утринско кафе го пијам без шеќер, со моите драги колешки, затоа што внимаваме на внесување на калории.

Во сабота и недела утринското кафе го пиеме заедно со мојот сопруг, затоа што сме вистински љубители на добра шолја кафе, а скоро секогаш се одлучуваме за филтер кафе или еспресо. 

Мотивот во мојот живот е моето семејство, за него би сторила се, за него сум подготвена да се вложам во целост. Семејството е важен сегмент од нашето живеење, жртвата и љубовта на мајката, мудроста и сигурноста на таткото, заедно со Бог, ќе не доведат до патот на среќата.

Дневните планови и обврски никако нема да побудат некаков интерес или возбуда, затоа што тоа се обврски на една мајка со три ќерки. Бог беше милостив кон мене и животот ми го направи радосен со уште еден ангел кој се роди на моја 40 годишна возраст. Се роди Теодора, дар од Бога.

Денот покрај што ми е исполнет со  професионални обврски, тој е исполнет и  со секојдневни обврски околу домот.

Некои денови завршуваат со многу голем замор, меѓутоа ако сеуште имам енергија денот завршува со кратка прошетка. Но, главниот начин на инспирација во животот и мотивот за понатаму, се патувањата, каде може да запознаеме различни култури, традиции и да стекнеме ново искрено пријателство.

Кога бевме помлади не влечеа градови каде можевме да видеме архитектонски достигнувања, но како што одминуваат годините се повеќе сакаме да се насладуваме на природните убавини, Бог што ги создал. Каде високите планини и морските широчини не гушкаат и ни ги топлат срцата...

Се разбира сакам да изгледам добар филм или прочитам добра книга, но во последно време се повеќе сакам да читам историја,  Македонска историја.

Денот ми завршува, така како што и ми започнува, со молитва кон Бога.


(Јулијана Пејовска - дипломиран економист, магистер на земјоделски науки.)