Бог ја погледнал Ребека и рекол:“ Ќе има дете, за кое ќе се бори на поинаков начин, зашто е храбра и милозлива“

Добивај вести на Viber

Мојот сопруг комуницира исклучиво преку пораки, дури и со мене. Се јавува само во исклучителни ситуации. Вчера, рано изутрина кога ми заѕвони, искрено се успаничив. „Прочита ли што изјавила Ребека, нејзиниот син ја истепал. Ние воопшто не сме свесни што преживуваат родителите со деца со попреченост“.Нашиот муабет заврши тука. А тековните проблеми станаа минорни, се изгубија во неговиот здив со тага, обвиен со многу прашалници.

РЕБЕКА. Ја познавам повеќе од две децении. Нé спои професијата. Со годините, многу повеќе уживавме во разговорот, откако ќе го исклучев диктафонот. Еднаш дојде на интервју уморна и многу вознемирена. Цела ноќ се борела со температурата на внуката Кјара. Почуствував дека има грижа на совест што тој ден ја оставила и се посветила на работните обврски. Кога се разделивме и’ реков: „Ти ќе бидеш најгрижливата и најпрекрасната мајка“.

Се роди нејзиниот Маркијан. Животот е непредвидлив. Не знаеме што сé може да ни се случи утре. Исто и мајчинството. Понекогаш не е такво како што сме го замислиле и испланирале.

Ќе ви пренесам една приказна која ја прочитав пред многу години, а ја сподели мајка на дете со попреченост од Србија. За Ребека која е голем верник, има значајна порака.

Бог забележал една многу убава и позитивна девојка. Чекорела по својот пат сигурно и со крената глава. На луѓето им се обраќала учтиво и љубезно. Во тој миг рекол: „Оваа девојка ќе има дете, за кое ќе се бори на поинаков начин.

„Но, зошто, видете колку е весела и зрачи со оптимизам?“ – го прашале.

Бог одговорил:„Зашто само такви жени можат да се соочат со големи искушенија и можат да водат голема борба за доброто на децата слични на нејзиното“.

После седум месеци од раѓањето на Маркијан, дознав дека Ребека е една од тие мајки. Само што седнавме во кафулето, почнаа да и’ течат солзи. Првпат јавно прозборе за состојбата на своето дете.

Ребека никогаш не беше голем верник како мене. Но, нејзиниот нов животен предизвик ја натера да се сврти кон Бога и мирот да го најде во него. Улогите се променија. Сега преку неа го најдов најдобриот духовен учител, отец Прохор од беровскиот манастир Свети Гаврил..

Додека растеше Маркијан често слушав коментари „онаа Ребека многу прави проблеми во градинката каде што оди нејзиното дете“. Потоа „онаа Ребека прави проблеми во училиштето...“

Драги мои, тоа не се проблеми. Тоа е БОРБА. И тоа многу тешка. Нејзините реакции се само одраз на желбата да сфатиме дека детето со посебни потреби е исто како и сите други деца. Тие сакаат да си играат, да се дружат, да се смеат. Тие имаат чувства и потреби како сите деца на овој свет. Тие сакаат да бидат како сите други. Ама не успеваат, тоа не е поради болеста, туку поради тоа што не им дозволуваме.

Ајде сите да се запрашаме?

Како реагираме кога ќе наидеме на дете со посебни потреби? Ние сме тие кои на своите деца им ги всадуваме погрешните реакции. Возрасните се тие кои се изгубени, а децата не.

Дали сме изразиле желба да се подружиме со детето со попреченост на нашата сосетка, пријателка, роднина? Не дека не сакаме, туку сме полни со предрасуди. Се плашиме. Колку и да се правиме мудри, факт е дека растеме деца по еден ист терк, со слични проблеми, мали или големи. Нашите деца не се како нивните. Но, и ние не сме како нивните мајки.

Колку пати сме донирале во нивните здруженија, за помош за лекови? Секоја чест на исклучоците.

А, што да кажам за челниците на државата, бивши или сегашни. Иако се направи чекор напред во тој сегмент, сепак потребен е посериозен пристап на осовременување на училишната програма. И усовршување на запослените. Институциите во нашата земја мора да одат во чекор со развиените земји и да се воведат програми кои ќе овозможат оспособување на децата со попреченост во нивниот развој.

Еве го ставив пред мене европското знаменеце и ќе предложам како да сум пред говорница во Собрание, а не пред тастатура во дневната соба- секој месец да се одвојуваат по 10 денари од нашата плата наменети за децата со попреченост. За тие со ретки болести...

Звучи лаички? Во ред. Тогаш ставете го европското знаменце пред вас и предложете закон за помош на овие лица, според урнекот на некоја европска земја, прифатлив и за нас. Нели се борите сите граѓани на Македонија да станат дел од Европа?

Соња Алексоска Неделковска