Брак или манастир

Добивај вести на Viber

„Mojaта порака до младите е или рано да се женат и мажат и да формираат здрави, пред сѐ духовно и физички и интелектуално семејства, а потоа ако некој не е да се жени или да се мажи имаме сто манастири во епархијава да ги наполниме барем нив“, порача владиката Петар. „Инаку животот е бесцелен ако луѓето не ја постигнат целта, а таа е спасение на душите, а спасението се постигнува на два начина преку заедницата брачна или преку посветувањето на бога како монаси или монахињи“, рече владиката.

Добар ви ден! Еве цела недела како се обидувам да не мислам на ова, ама пусто не оди. Се воздржав од пишување статус за ова на Фејсбук, ама па зошто да ми стои недокажано! Значи, одиме...

Ако не знаеле свештениве лица, живееме во 21 век, во кој слободата на човекот да одлучува за себе и својот живот е најголемата придобивка. Бесцелноста на животот ја гледам најмногу во синдромот на “стадо” и живеење по терк кој е наметнат. Или во превод, бракот е заедница за која се одлучуваат двајца возрасни и зрели личности. Но, истото важи и кога двајца ќе одлучат да живеат во вонбрачна заедница која е хармонична и ги усреќува. Опцијата “или брак или манастир” ја сметам за врв на дрскост и наметнување на став. Знам бракови кои се се’ освен “духовно интелектуални семејства”, исто како што знам и многу вонбрачни врски кои духовноста и среќата им блеска на секој чекор. Човек се држи покорен само тогаш кога е осиромашен и затруен со религија. Да не се разбереме погрешно, немам ништо против религијата и верувањето во Бога, но имам против да се повикува на едноумие користејќи ја богобојазноста.

Спасението драги мои свештени лица кои ја пропагирате оваа идеја не е во бракот или во манастирот, туку во реалното живеење според пишаните заповеди, кои најчесто се кршат во бракот! токму така. Да бидеме искрени и реални. Никој од нас не е слеп за се’ што се случува околу нас. Формални бракови во кои се лаже и се изневерува, бракови кои изобилуваат со ментално и физичко насилство. Не велам дека тоа го нема во врските кои се вонбрачни, но наметнување на идејата дека бракот сам по себе е лек за спасението на нашата душа е ноторна глупост. Каде ќе ги сместите оние кои не сакаат да се во брак? Или оние кои се во брак, ама не сакаат да имаат деца? Каде ќе не’ сместите нас, разведените или оние кои не се по манастирите?

Прашањава ми се реторички, затоа што ги знам одговорите. Сте се запрашале што значи за денешниот млад човек да стапи рано во брак, кога државата во која живееме не дава можност за осамостојување? Има луѓе кои до својата 40-та година се принудени да живеат со своите родители затоа што немаат редовна работа или приходите им се толку ниски што едвај можат да заштедат нешто на крајот од месецот. Не е поентата да се котиме неплански. Децата кои ги носиме на овој свет не одлучуваат за тоа, туку ние. Со сета одговорност кажувам дека не бев спремна за дете додека не станав финансиски и ментално самостојна и спремна да можам на детето да му овозможам пристоен живот и среќа. Како побогу го замислувате тоа дека единствената опција за спас на нашите животи е бракот или манастирот!

Има луѓе кои се несебични и полни љубов кон секое живо суштество на светот. Некои од нив не можат да имаат деца, или не сакаат да се врзуваат, ама први се да помогнат секому. Нив треба да ги убедите дека животот им е промашен и дека сето она што го прават за добробит на општеството се множи со нула затоа што немаат потомство или парче хартија?

Монаштвото е избор, исто како што е избор да се стапи или не во брачна заедница. А кога веќе зборуваме за спасение на душите, ќе зборуваме и за спасение на вашите души. Проповедате скромност и покорност, а се возите во џипови. Проповедате умереност, а повеќето од вас пукаат од дебелина. Проповедате хуманост, а и на најсиромашните прво им ја кажувате тарифата за вашите услуги. Или вие сте амнестирани од спасение со самото тоа што носите мантии? Читав за еден свештеник, кој има вдомено над илјада деца од кои голем дел се инвалиди и кој со голема љубов се грижи за нив. Читав за свештеник кој своите приходи ги дава на сиромашните. Читав за свештеник кој клекнува пред децата и им ја бакнува раката.

Во кои сте вие?

Или...зошто не сте едни од нив?

Аман, не ми ја спасувајте душата. Можам сама да расудувам за своите постапки и точно знам зошто правам нешто, а зошто одбивам да сторам работи кои се општо прифатени. Не водете сметка за душата на луѓето кои не ги познавате. Бидете пример за вашите верници. Живејте скромно и однесувајте се со љубов. Бог ги сака сите свои чеда, нели? Кои сте вие да ја мерите неговата љубов според тоа кој е самец или бездетен? Мерете ги делата.

За време на католичкиот Божиќ, црквата и свештениците ги снабдуваат социјално загрозените семејства со потрбните работи за да можат достојно да го прослават празникот.

Не сум постела никогаш.

Не одам во црква.

Не верувам во вашите мантии ако не ги носите достојно.

Не се плашам од Бог.

Ама затоа, мирно спијам и душата ми е чиста (иако сум разведена), помагам колку и како можам, не повредувам и не навредувам. Не ми треба вашето амин за моето спасение.

Она што ми треба е да видам да излезете од рамките на својата суетна потреба да изигрувате поголем Бог од оној за кој зборувате. И да се разбереме...има луѓе кои пеколот го живеат на земјава. Во името на Бог помогнете со донации и откажете се од вашата удобност. Па можеби ние-народот, ќе прогласиме дека сте го постигнале спасот...на вашите души.

П.С. Во меѓувреме помолете се за спас на душите на оние кои по манастирите извршувале и извршуваат разни злодела.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска-АТЕИСТ И ЧОВЕК


да се стокмиш во јагнешка кожа

не те прај јагне, чупе

туку само кажва оти си убил животинче

та си одрал и на себе натнал

и после

колку и да ги миеш рацете

на железо ќе ти мирисаат

на неубо

на живот одземен

а нема погрд мирис од оној на крв

твоја ли е, туѓа ли е, нема разлика

нема

твоја ако е, телото ти страда

туѓа ако е, душата те боли

не се токми во јагнешка кожа

ниту вервај на оние кои на себе ја клаваат

и кои лажна милост во очите носат

а за крв страдни се

со наострени песјаци

забрефтани од омраза

напоени со лажни идеали

нагостени со месото од лажни идоли

не вервај на оние кои навидум кротки се

а во вените жешко железо им врие

со погани мисли и измазнети лица

со отров на јазиците и намирисани куршуми

не вервај на оние кои мора да убијат јагне

кои мора да се испоганат со крв

за да се скријат во туѓо руво

тие пиле

таквите

од нив, од таквите подалеку да си

одбери волци

со нив барем знајш на што си

и ќе знајш шо да прајш

оти гладен волк шија кини за да се најади

не од стрв

не од беснотилак

туку од глад, за да преживеј

а лош чоек

лошиот чоек на душа ти стапнува оти му се сака

оти ниту усул има, ниту убајна во себе

оти крв му треба за да му се обои денот

и твојот бол за да му се зацрни ноќта

и во руво од јагне цицалче ќе шета

однадвор бело и меко

однатре крваво

со железен мирис на пораз

таквите, тие

од нив подалеку да си

оти таквите, луѓе не се

ниту пак некогаш ќе стани чоек од нив

ниту волк

ниту јагне ќе биди

туку сенка

сенка со мирис на железо

со мирис на крв

зад барикадите на сета чоечност