ЦЕЦЕ ГЕОРГИЕВ ЌЕ СТАНЕ МАЈКА: Уживам во бременоста

Добивај вести на Viber

Се чувствувам одлично и покрај неколкуте килограми плус. Полот нека биде изненадување за јавноста. За името сè уште не сме одлучиле, има неколку модерни имиња што ни се допаѓаат, вели познатата манекенка која за „Женски Магазин“ првпат зборува за радосната вест што успешно ја криеше од медиумите сè до завчерашниот Виенски бал каде гордо го покажа стомачето

Цеце и сопругот Кристијан завчеравечер уживаа во традиционалниот Виенски бал



Популарната манекенка и модел Цеце Орешкова Георгиев која пред четири години го промени животниот стил и стана голем вљубеник на коњичкиот спорт сега е пред уште една исклучително важна животна улога. Убавицата за која луѓето од модниот свет имаат само пофални зборови наскоро ќе стане мајка, а на наше огромно задоволство токму за „Женски Магазин“ првпат зборува за радосната вест што успешно ја криеше од медиумите сè до завчерашниот Виенски бал каде гордо го покажа стомачето.

- Засега сè е во ред. Се чувствувам одлично и покрај неколкуте килограми плус. Во секоја смисла на зборот уживам во бременоста – вели Георгиев.

Со сопругот Кристијан ја планирале бременоста. Иако очекувале позитивни вести, вели дека чувството кога се потврдиле резултатите е најубавото нешто што го доживеале досега.

- Полот нека биде изненадување за јавноста. Сè уште не сме одлучиле за име, иако има неколку модерни имиња кои и на двајцата ни се допаѓаат. Во секој случај, со нетрпение ја очекуваме нашата принова–раскажува таа.

Со нејзиното грло Чарли, спортски коњ во прескокнување пречки, веќе се натпреварувала на неколку меѓународни турнири



Откако дознала дека ќе стане мајка, Цеце која е активен член на коњичкиот клуб „Енималс“ престанала да јава, спорт кој последните две години сериозно го практикува.

- Љубовта кон коњите и коњичкиот спорт според мене е вродена, или ја имате или ја немате. Некој ја открива уште од најрана возраст, а некој, како што е мојот случај, во подоцнежните години. Рекреативно почнав да се занимавам со јавање пред четири години, а пред две години кога и го купив грлото Check Point Charly, спортски коњ во прескокнување пречки, почнав посериозно да тренирам. Секој почеток е тежок, па така е и со овој несекојдневен спорт. Потребно е време, трпение, голема посветеност и работа за да се постигнат резултати. Најважно е јавачот и коњот беспрекорно да се разбираат – објаснува Георгиев.

Ниту во бременоста не ја запоставила грижата кон своето милениче


Вели дека станува збор за единствениот спорт каде годините и полот не се важни меѓу натпреварувачите. Нагласува дека се работи за спорт во кој две индивидуи мора да размислуваат исто и дека е вистински благослов јавачот да може да комуницира со своето грло.

- Досега со Чарли сме се натпреварувале на неколку меѓународни турнири каде што сме освоиле два златни медала, а на државни турнири сме се закитиле и со сребро и со бронза – ни се пофали познатата манекенка.

Препознатлива е по храбрите фотосесии



Во текот на бременоста не ја запоставила грижата кон своето милениче.

- И сега одвојувам време за секојдневни прошетки, тимарење и лонжирање, па и за пазарење на моркови и јаболка како награда–раскажува Цеце.

Коњичкиот клуб „Енималс“ често организира манифестации од забавен и рекреативен карактер, а следниот таков настан е закажан на 1 април. За денот на шегата се одржува тренинг под маски, а јавачите и посетителите се маскираат во омилените ликови.

- Сите љубители на коњите и на природата се добредојдени, без разлика на животното доба, да поминат еден несекојдневен ден со своите најмили. Влезот е слободен – информира таа.

Нејзиниот животен партнер е прогласен за македонски топ-модел на сите времиња



Цеце Георгиев пред неколку години беше една од најбараните манекенки кај нас. Препознатлива е по храбрите фотосесии, ја претставуваше Македонија на повеќе интернационални избори за убавина, беше финалистка во едно бугарско реално шоу, а често ја ангажираа и во спотови за албанскиот пазар. Вели дека во тој сегмент од нејзината кариера ништо не се променило.

- Сè уште со задоволство прифаќам квалитетни модни ангажмани и така ќе остане и во иднина. И мојот сопруг кој е прогласен за македонски топ-модел на сите времиња сè уште е активен на тоа поле и ужива во таа работа со целосен ентузијазам. Инаку, имаме приватен бизнис од областа на туризмот, поточно поседуваме апартмански хотел – завршува таа.

За ЖенскиМагазин, Ѓорге Стојанов