ЦЕЛА ЕСТРАДА НА ПРОМОЦИЈА КАЈ ТАРАБУНОВ

Добивај вести на Viber

Естрадна журка со македонски и со светски евергрини приредија поп-пејачот Александар Тарабунов и неговите колеги Тамара Тодевска и Викторија Лоба, заедно со Роберт Билбилов и со Гаро Тавитјан на пијано. Забавата се случи во ресторанот „Фор“ на скопскиот хотел „Парк“, а поводот беше промоцијата на новиот спот на Тарабунов, „Луд сум по тебе“.

Естрадата во македонски евергрини.- Гаро, Билбилов, Лоба, Тамара и Тарабунов

Билбилов и Гаро на пијано, а Тамара, Лоба и Тарабунов како вокали ги испеаја старите добри „Каде песно моја“, „Чија си“, но и „Тажна љубов, среќна песна“, „Брод што тоне“, „Молитва за Магдалену“, „Someoe Like You“… Убава слика на неформална дружба на македонските музичари по успешно завршена промоција.

Александар Тарабунов со Тијана Дапчевиќ

Александар Тарабунов ги собра пријателите, колегите и медиумите, премиерно да го прикаже спотот за песната „Луд сум по тебе“, кој го режираше Зоран Стојановски-Зонде. Приказната на спотот е интересна, необична и весела. Тарабунов носи руса перика, а сценариото не враќа во педесетите и во шеесеттите години. Комплетен автор на песната е Роберт Билбилов, кој исто така се појавува во спотот.

Јупитер ме натера да го снимам спотот.- Тарабунов со Роберт Билбилов и со Ненад Ѓоргиевски


„Песната ја снимивме лани, пред неполна година. Му се јавив на Роберт, и му реков дека е време да снимиме нешто ново. Тој ми рече да не брзам, и да оставиме оваа песна уште малку да се изврти. Ме убеди да снимаме спот за неа. Ми рече: „Јупитер вели дека е сега време да снимиш нов спот“. Во право беше, и мило ми е што го послушав“, рече Тарабунов на промоцијата. И тој, како и авторот на песната имаат удел во сценариото, откри водителот на промоцијата Ненад Ѓоргиевски.

Пријателски муабет.- Тамара и Гаро Тавитјан


„Во спотот сакавме да патуваме низ времето, од педесетите до денес, но ни се допадна да останеме само во педесетите“, додаде Александар Тарабунов. Тијана Дапчевиќ, водителките Јелена Спенџарска и Елена Стефановска и многу други беа гости на промоцијата.

Милица Џаровска