Kога проблемот и човекот стануваат едно
Кога имаш некој голем проблем во животот, многу е тешко да го пренасочиш
вниманието на нешто друго.
Големите проблеми создаваат збрка во умот, во телото во душата.
Многу лесно човек се опседнува со својот „голем проблем“.
Исто така многу лесно, човек може да стане роб на својот голем проблем. Може да стане и зависен од својот голем проблем. Да создаде од него свое животно секојдневие, да не речам свој „животен партнер и сопатник“, со кој ќе оди секаде и во секое време.
Просто како да ќе го фати „под мишка“ и кај оди тој, таму си го носи и својот проблем. Ова е ситуација во која човекот и проблемот стануваат едно. Не можат еден без друг.
Всушност човекот не може да живее веќе без својот проблем.
Толку многу големо место му дал на својот проблем во својот живот, што ако порано (пред проблемот), човекот беше „чоечиште“, а проблемот беше трошка, сега веќе проблемот стана „проблемиште“, а човекот трошка.
Проблемот и човекот си ги сменија улогите.
Човекот веќе престана да ја трасира сам својата патека. Му ја препушти на својот проблемот.
Човекот веќе ништо не одлучува. Ни кај ќе оди, ни што ќе прави, ни со кого ќе се дружи, ни што ќе јаде, ни кога и дали ќе спие, ниту дали ќе оди на концерти, на претстави, на изложби, на патувања … Ништо …
Човекот веќе ништо не одлучува.
За сите нешта во неговиот живот „проблемот“ одлучува.
А проблемите се немилосрдни. Им дадеш ли прст, отиде цела рака. И не само рака. Отидоа и нозете и телото и умот …, и се заедно со нив. Љубовта, радоста, љубопитноста, желбата, надежта, убавината … Се отиде бестрага заедно со проблемот. Бидејќи проблемот е „ѓавол“, кој нема друга работа, освен да си ги е*е своите деца. Во здрав мозок, во здраво тело, во здрав дух. Оттаму почнува работата. Тоа е „најплодната почва на проблемот“. Тој почнува да се храни и да се слади со најубавите човекови клетки. Ужива „мацкајки“ си во нив и сладејки си ја душата.
Само ако му дадеш. Ако само му дадеш да се вгнезди во тебе, отиде „од рука“, што велат старите.
Сè што е здраво и убаво во тебе, проблемот ќе го „препакува“, преобличи и разобличи.
Здравјето ќе ти го земе дотаму, за да може како змај да те вее на ветрот. Целосно да те земе во своите раце и под своја команда и да те вее како вејка на ветрот.
Само ако му дозволиш. Ако само му дозволиш.
Всушност ако воопшто го создадеш. Ако го искреираш. Ако му дадеш име, облик, големина, содржина, место, положба и позиција.
Ти си тој кој веќе не можеш да живееш без него.
Тој може без тебе. Всушност, тој може, бидејќи тој-проблемот, воопшто не постои.
Ти и само ти, од една обична ситуација, создаде една сосема необична и непотребна симбиоза со својот проблем.
Потенцирам, од една обична ситуација, која векови наназад, на секоја една точка на планетата, откако постои светот и векот му се случува на секој еден човек. Буквално на секој. Идентично. Повеќе или помалку. Нијанси се во прашање. Апсолутно нијанси.
Палетата на бои е таа. Може да биде посветло сиво, или потемно. Може да биде посветло розево, или потемно. Може да биде црно, или бело. Го знаеш оној симбол на јин-јанг. Едната половина е бела, едната црна. И во едната, односно во белата половина има една црна точка, а сè друго е бело. Исто така и во другата, односно во црната половина има една бела точка, а сè друго е црно.
Ти, само ти и некој друг одлучуваш дали ќе бидеш белата точка, во црните проблеми, или проблемот, ќе биде малата црна точка, а ти ќе блескаш во сета своја бела убавина.
И ова не е продавање басма, или продавање м**да за бубрези. Ниту се правам паметна, ниту мудрувам.
Ова е искуство кое сакам да го споделам со тебе.
Всушност заедно со тебе дискутирам, дека што и да се случи во животот, тоа се случувања, кој му се случуваат помалку, или повеќе на секој еден човек на планетава Земја.
Ниту си ти посебен, ниту пак си одбран, ниту пак тебе некој те проколна, или пак те мрази, па баш тебе ти се случи „проблемот“. Не! Ако така мислиш си магнет за проблемот. Тој едвај ги чека таквите како тебе, за да им се вгнезди и да почне да си „мацка и мљацка“.
А, ако со време ти текне дека проблемот е само една обична ситуација, која може да му се случи на кој било човек на земјава, тогаш си ти среќен и умен човек.
Ете тоа само сакав да ти кажам. Дека е многу важно, човек да знае убаво да мисли.
Ако не знае, може да научи. Многу лесно се учи, човек да почне да мисли убаво.
Пробај, ќе видиш.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: