Ми дојде да се фрлам од прозор

Добивај вести на Viber

Гледав некни едно ужасно видео. А толку многу ги одбегнувам таквите ужасни видеа. Ми го расипуваат денот. Ми ја трујат душата. Ми ја уништуваат радоста. Просто како да ми ја одземаат целата убава енергија. После такви ужасни видеа, се чувствувам разулавено, уплашено, изгубено. Се чувствувам немоќно.

Затоа и ги одбегнувам. Бидејќи се си мислам, дека токму и затоа служат. За да создаваат од нас токму такви битија. Уплашени, изгубени…, па или сето тоа да не‘ направи агресивни и спремни за “сојузници“ во нивните психолошки војни, кои не знам зошто, ама како да имаат за цел да го направат целото човештво апокалиптично, или да не‘ клекнат сосем на колена. На колена, за да молиме за трошка милост, љубов и разбирање.

Знаете, и друг пат сум ви кажала, дека ниту верувам, ниту сакам да верувам во теории на заговор. Од истите причини. Мислам дека сите такви теории на заговор ја имаат истата цел. Да го направат човека што побеспомошен.

Да создадат од него аморфна маса, со која ќе можат лесно да управуваат. Всушност маса, која ќе можат да ја обликуваат како што сакаат.

Иако, знам дека првиве редови од пишаново, одат токму во таква насока. Контрадикторна сум. Знам!

Но ете, токму тоа видео ми ја разниша таа моја “неверувачка самодоверба“

На видеото имаше разно-разни дечиња од целата планета. На возраст помеѓу 8-9 месеци, па се до кај 10-11 години да речеме. Црни, жолти, бели… Од сите раси и бои и од сите религии…

Желбата за уништување на човештвото не познава ни боја, ни раса, ни вера, ни невера… Па ни возраст веќе за жал.

Исто како и парите! Сосем исто.

Сите тие дечиња во видеото, се трескаа од земја. Паѓаа во истата секунда, кога ќе им беше одземен ајпадот, или ајфонот од рака. Не е тоа она трескање од земја, како дете во продавница, на кое нема да му ја купите играчката. Не!

Иако и за ваквите деца, односно родители имам своја теорија, ама за неа друг пат.

Ова трескање од земја беше застрашувачко.

Крв во очите, убиствен поглед, искривени лица, дерење, кое звучеше, како некој со нож да ги коле, мавање по родителите, со се‘ што ќе им дојде при рака. Желба да ги убијат. Страшно. Комплетна крволочност! Од памет се извадив. Ме парализира до најдлабокиот “утробен атом“. Ете дотаму.

Други пак од дечињата, најчесто бебињата, скролаат со прстите во празно додека спијат, се вџашуваат и расплакуваат во сон, врескаат во некоја полубудна состојба…. Не, не… Не знам како да ви опишам. Хорор! Едноставно видео, кое може да ви предизвика самоубиствен нагон. Ми дојде да се фрлам од прозор. Замислете!!!

Со денови сум во вакво “стампедо“ расположение.

Како зомби сум. Како во оној филм со Никол Кидман, мислам беше, кога луѓето прво го губат вкусот, па наситот, па гладта, па жедта, па љубовта, па емпатијата, па препознавањето на ближниот свој…, за на крајот сосем да се изгубат самите себе си.

Па почува едно такво масовно уништување и само-уништување, за какво, не може да се претпостави ниту во најлошиот кошмарен сон.

Комплетно раководство и владение на свеста и на подсвеста. Како со далечински управувач.

Се прашувам можно ли е не човек на човека, туку човек на сам себе да си биде толку голем непријател!?

Умрена сум овие денови. Како да ви кажам.

Коските ме болат од немоќ.

Слушајте!!! Со молба и крик од најдлабокиот утробен атом, ве преколнувам сите до еден, кој ќе го прочитате ова, од која и да сте боја, раса, религија, вера, или не вера….

ВРАТЕТЕ СЕ НА СТАРИТЕ ВРЕДНОСТ!!!!

Правете палачинки по дома, садете цвеќиња, крпете ги старите искинати чорапи, собирајте сликички и салфетки, мијте ја колата со кофа вода пред зграда, или со црево, преку тераса, калемете слива на крушка, печете ракија, пржете лепчиња, одете на кино и во театар, одете на боза и Индијанка во Апче, играјте карти, шах, или домино, па и не лути се човече, месете пити и правете тарана, организирајте неделен семеен ручек со цела фамилија, правете домашни родендени, без кетеринг, туку сами направете си софра со руска, кифлички и оредевери, летајте змаеви, играјте жмурки, правете таписерии, направете си мала бавчичка секој, во својот двор, правете сокови на растварање, проверете ги викендов сите скинати копчиња и сошијте ги, подрабете ги сите поткинати рабови на сукњи, кошули, мантили, ставете лаванда во плакарите, гушнете го мажот и кажете му колку го сакате, скокоткајте ги децата додека не зајдат од смеење….

Молете се секое сабајле на сопствената црква, на својот, Бог во себе, кажувајте си ја својата Оче наш, секое сабајле и секоја вечер. Верувајте во својата црква, во својот Бог, во самите себе.

Спасете го својот живот и животот на своите деца.

Земете им ги ајпадите и телефоните од рака, додека не ви ги зеле тие вам од вашите раце!

Ве преколнувам и ве молам од својот најдлабок утробен атом. И вас и себе си!!!


За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу