Наездата на „човечките лешинари“ се размножува како вошки: „Брнаут“, болест на модерното време

Добивај вести на Viber

Пред некој ден изгледав едно видео, кое ме тресна од земја. Видеото е на Петар Лазаров. Ќе ви ја раскажам веднаш содржината и пораката на видеото, само на кратко да ви „нацртам“ една кратка профил слика на Петар Лазаров.

За среќа го познавам лично, па можам со две раце да ја потпишам оваа моја перцепција на неговата личност. Имено, Перо е човек кој се вбројува во малата група „последни Мохиканци, или Самураи“, кои се во состојба и последниот куршум да го испукаат во име на правдината. Тоа што ќе загинат, не ги загрижува, бидејќи, ми се чини дека овие луѓе, на време ја испиле горчливо – слатката голтка на животот, која на човека му ги отвора најспецијаните виуги за тоа како функционира светот. Оваа „Балтазаровска голтка“, му го отвора на човека сознанието, дека тука, на овој свет сме само „петнаесет минути“, отприлика колку што трае едно вртење на песочниот часовник. Прашањето на тоа како ќе ги потрошиме овие зрнца песочна прашина е многу дискутабилна и филозофска тема.

Со милениуми човештвото ја бара смислата на животот. Некои големи мајстори, со некои свои генијани дела успеале да влезат во вечноста. Ги изучуваме, ги спомнуваме до ден денес, се воодушевуваме на нивните дела, творештва, тврдења, докази, теории …

Повеќето од нив завршиле во тешка сиромаштија, непризнаени за време на живот, оспорувани … Голем дел од нив или биле погубени, или си го самоодзеле животот.

Тоа е така, бидејќи последниот куршум го чувале, или за по секоја цена да ја докажат својата теорија, уметност, пронајдок …, што и да е, за кое човештвото немало слух, или за да си го одземат животот, точно поради борбата „сам против сите“. Ништо не е сменето до ден денес. Или можеби се е сменето!?

Ова е прашање кое ме мачи, бидејќи оваа моја теорија ја поткрепува сознанието дека во овој наш „модерен свет“, сè помалку се раѓаат генијалци кои ќе создадат онакви архитектонски, ликовни, музички … ремек дела, какви што на пример се создадени пред стотици, или илјадници години. Нема веќе такви мајстори, кои ќе создадат онакви симфонии од кои до ден денес човештвото морници го полазуваат.

За среќа човештвото сè уште се воодушевува, сакам да речам за среќа сè уште има слух за ваквите ремек дела. Но и ова е тема за дискусија, бидејќи наездата на „човечките лешинари“ се размножува како вошки. Една ја убиваш, се создаваат две.

Перо, односно Петар Лазаров е човек кој со своите куршуми се бори „сам против сите“. Неговите книги и дела се распространети на многу меридијани ширум светот, бидејќи тој осмисли кампањи за многу наши брендови, но бидејќи договорите беа потпишани повеќе со образ и чест, отколку со печат и потпис, точно во оној момент кога требаше тој да го пие нектарот од својот магичен успех, работодавците-газдите-лешинарите, му рекоа дека веќе не им е потребен. И така неколку пати. И сега некој ќе рече дека на Перо „не му доаѓа памет“.

Точно не му доаѓа, бидејќи Перо, нема ништо со оваа памет, која е „памет“ на модерното време. Перо живее осамен живот со неколку свои истомисленици, кој со последните пари, штампаат нови летоци, сакајќи да истераат правдина, односно да ги кажат работите со вистинското име и презиме. Нема обланди, нема филување, нема кутија со панделка. Не!. Има јасно и гласно „дечки вака стојат работите“.

Перо и неговите истомисленици не пасат трева со стадото, туку летаат со галебот Џонатан Ливингстон. Во видеото што го изгледав Перо ни се обраќа на сите нас и ни вели.

НИКОГАШ, НИКОГАШ, НИКОГАШ, не го давајте својот максимум на работа. Оваа теза на Перо е борба со целото човештво. Со години наназад „човештвото“ на разни начини не убедува дека треба својот максимум да го дадеме за да заработиме што повеќе пари. Коли, телефони, куќи, авиони, облека и силикони … Тоа се денес мерните вредности. Сите како разулавени трчаме за да заработиме што повеќе пари. Од најмало-до најголемо. Понатаму во видеото Перо тврди, дека токму работењето од јутра до сутра сеедно дали за газда, или како газда, носи само истоштеност, анксиозност, депресија и „брнаут“.

Точно овој нов термин „брнаут“, можеби најпрецизно го објаснува она што ни се случува на сите во последно време. Имено „брнаут“, која се дефинира токму како болест на модерното време, во превод значи – физичка и емоционална исцрпеност, цинизам и отуѓеност и чувство на недоволно постигнување резултати. Ете тоа е тој зачаран круг во кој сме сите влезени. Во светот одамна веќе не може да се преживее ако не се работат неколку работи истовремено, тренд кој почнува и кај нас да се случува. Значи ова е тренд кој е сосем независен од стандардот. И во Њујорк и во Кратово не може да се преживее ако не се работат неколку работи истовремено.

Мене ми е сосем јасно дека „полулогично“ се поставува прашањето кое безмилосно не врти во круг.

„-Па како да преживеам со петсто евра, кога само потрошувачката кошница“ е толку!?

Од каде пари за одмор, за викенд, за семеен ручек во ресторан на крајот на краиштата!? Апсолутно личи дека се ова две спротивставени тези и дека не може поинаку. Но дали прашањето на среќа е прашање на пари!? Не, очигледно. Бидејки ми се чини дека никогаш немало понесреќни луѓе, а со повеќе пари. Многу ќе се нервирам, ако тезава ми остане неуспешно изработена, бидејќи чувствувам дека се заплеткувам и тоа токму поради притисокот дали колумнава ќе има „доволна читаност“. Дали е ова „брнаут“ – се прашувам!?

Веројатно ДА!

Треба да си го признаеме сите ова и треба да почнеме да си ги распоредуваме силите. Оти вака удираме со глава во ѕид и се вртиме во круг, како кучето кое сака да си ја гризне опашката. Парите никогаш, ама никогаш не биле право – порционални со среќата. Напротив. Обратно пропорционални се! За сè останато, поради кое знам дека останав недокажана во колумнава, ве молам изгледајте го видеото на Петар Лазаров. Бидејки со две раце потпишувам дека Перо ја напиша и ја пишува новата лектира на човештвото.



За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу