Ни октомври не е таков каков што бил, а и ние дибидус не сме тоа што сме биле

Добивај вести на Viber

Ни Октомври веќе не е тоа што беше, ни есента е таква, каква што беше, ниту ние сме веќе тоа што сме биле.

Ние дибидус не сме тоа што сме биле.

Ние, баш ние “сторивме гајрет“, се да не биде така како што било.

Ги загоревме, сите зимници, ајвари, компоти, мармалади, џемови и слатка…

Најубавите слатка… Од дуњи, од смокви, од сливи, од кори од помаранџи… Во девет води, во пет води, во сто води…

Ниедна вода веќе не не‘ пере. Ниедна вода веќе пожарот не ни го гасне.

Ни оној по планините, што сами си го загоруваме и разгоруваме, ниту пак овој во душиве-пожар, кој исто така сами си го загоревме. 

Чак и овој дожд, за кој се молевме да заврне, за да згаснат сувите гранки и во душиве и по горите, ридовите и планините, поплава не стори…

Изгинаа луѓе, куќи, ниви, полиња, добиток…

Ах луѓе, луѓенца, како вака си ги разнижавме сите убави ѓердани… Како вака сите монистра ни попаѓаа по сите страни…

А колку само беа убаво нанижани тие наши ѓердани.

Пред цел свет се прчевме со нив… Еееее…

Кога само ќе се сетам, како мирисаше порано Октомври…

По мирисот знаевме всушност дека е Октомври. И дека доаѓа есента.

По мирисот на пиперките, на кој што мирисаа сите улици.

По џагорот на жените-комшики по дворовите.

Еден ден кај едната, друг ден кај другата… И се така додека не се стокмеше сета зимница.

Како на “парови разбројс“ се редеше списокот. Чии женски раце ќе продолжат со мешање, за ајварот да не загори.

Па списокот, кој дента ќе зготви, кој ќе вари кафе, а кој ќе напрај “блашко“.

Се разбира откако претходно “мажите арслани“ (какви што веќе тешко се наоѓаат во оваа нова генерација), ќе ги дом’кнеа вреќите пиперки, на кој жените секако ќе им најдеа маана.

Криви биле, рачките скршени, долните скапани…

„Нели ти реков убаво да бираш и четири да отвориш!? Ти да бираш, не они да ти бираат. Нели ти реков!? Сто пати ти реков“.

Како под индиго, од секоја куќа ечеше истиот муабет.

И како под индиго после една-две ракии-домашна секако, мажите веќе мува не ги лазеше.

Оти откако “партал“ ќе се сторевме сите, после работата сама си врвеше. Како подмачкана.

Децата сецкаа целофани, главно девојчињата, додека машките пак сечкаа ластичиња, од некоја стара дупната гума од точак. Оти тогаш ништо не се фрлаше.

Кога тогаш сенешто, за сенешто ќе се искористеше.

И чак и со сите тие сочувани “будалаштини“, секој подрум имаше речиси совршен ред.

Толку совршен, што како ѓердани беа нанижани сите рафтови и полици со тегли кои личеа на скапоцени огромни драги камења.

Преполни рафтови со тегли во сите бои. Од светло жолто, до модро сино. Бои, какви што ни најдобрите сликари не би умееле да ги нацртаат.

И секако тегли, кои не смееа да се пипнат, се додека не стегнеше првиот студ.

А тогаш на прашањето “мамо има ли нешто блашко“, одговорот беше - „има, намачкај си леб и пекмез“.

„И џабе ми превртуваш со очите, може само ќутек да добиеш, наместо блашко“.

Еееее, а сега за тие тегли плаќаме ко за суво злато. За тие тегли, кои тогаш се подразбираа здраво за готово и кој знаеа со години да се вртат, се додека не се изедеше старата “реколта“, немаше отварање на новата. На годинешната.

Сега тие тегли ги дизајнираат некои си светски дизајнери, прват од нив нешто, што ќе изгледа што поавтентично на она што тогаш ние децата го правевме.

Лупаат цени, а богаташите купуваат.

Веќе не седиме по дворовите, зимници веќе не се прават. Мислам дека и не смеат да се прават. Фрчат некои казни, ако те фатат.

Некои пак, ќе речеат…, „абе не се исплати веќе да правиш зимница, со достава до врата ќе ти ја донесат. 100% хоум мејд“

Ма немој!?

Ееее, есен есен… Есен моја, која некогаш толку те сакав. Беше топла, беше златна, беше блескава.

Сега си облачна, сива, тмурна… Депресивна си.

Секој втор човек, да не речам секој еден човек глава го боли, зглобови го вртат, умот го врти и не знае кај оди.

Никој веќе не чувствува радост, ниту пак знае дека доаѓаш.

Не мириса на ајвар. И не шушкаат целофаните. 


За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: