Пцујте, ја и даље држим час

Добивај вести на Viber

Има некои луѓе кои доаѓаат од иднината. Посебни се, поинакви се, имаат нешто во себе, поради што светот се вознемирува. Не знае што да прави со нив. Не може да ги уништи, бидејќи се од вонсериски материјал направини. Не е тоа ни силикон, ни пластика, ниту пак ботокс, она на што човештвото “се ложи“ во последно време.

Кратки видици се тоа, “нижи типови“, на кои им е дадено да манипулираат со човештвото. Не дека и ова е мала дарба, но за жал таа е погубна за човештвото.

Овие кои се ретки и кои доаѓаат од друга планета се направени од најсовршените природни материјали.

Воспитување, љубов, добрина… и…!?

И непресметаност!!

Непресметаоста ја еспаам тука, на исто ниво како и љубовта. Да, да, апсолутно на исто, ако не и на повисоко.

Човек кој ја носи пресметаноста во себе е калкулантска и манипулативна личност.

А тоа нема врска со љубовта.

Само за да биде појасно, непресметаноста е исконска, инстиктивна и многу чиста реакција. Непресметано реагираат луѓе кои се пред сѐ добро воспитани и по природа добронамерни. И непресметано реагираат во која било ситуација.

Непресметано не е исто што и непресметливо. Да не се разбереме погрешно.

Непресметано е кога правиш нешто без никаква намера да оствариш профит за себе.

Даваш нешто, што можеби никој друг не би го дал. Ете така. Затоа што си добар. Затоа што не размислуваш на последици. И затоа што не го правиш тоа со никаква умисла. Од чиста љубов. И за другиот и за себе секако. Не може човек, што не се сака себе си, да ги сака другите.

Колку и да звучи ова парадоксално, ама познавам луѓе, навистина познавам луѓе, кои и покрај тоа што знаат што е подобро за нив, сепак го одбираат она, кај што масата ги води. Тие луѓе не се сакаат себе. И не знаат зошто се родиле. За да јадат, да пијат, да спијат… И да не остават ништо зад себе…

Поголем број од човештвото за жал така живее. Или што би рекла баба ми, пак ќе ја спомнам, “Кај сите Турци, таму и гол Асан“. Односно теорија на стадото. “Теорија на рутините“, ако сакате.

Малкумина летаат таму каде што лета “Галебот Џонатан Ливингстон“. Да, и покрај тоа што знае дека ќе остане осамен и дека цело јато ќе го остави и дека можеби таму на тие небесни височини, на кој што тој сака да лета, ќе остане без воздух, сепак тој ја сака токму таа цел за себе.

Затоа што не се дише, само затоа што тоа ни е природно дадено. Не! Се дише со душа и со срце. На крајот на краиштата во животот се дише, токму за оние нешта кој ни го одземаат здивот. Колку и да звучи парадоксално.

Ах… се разлетав знам…

Всушност за Новак Ѓоковиќ пишувам.

Секогаш кога го гледам, а сум го гледала и многу одблиску, да не речам, на дофат на рака ми бил, секогаш стрепам.

Јас знам дека е он дијамант, каков што земјената утроба ретко изнедрува.

А таков е затоа што откако се “само-откри“ дека е токму таков, тој почна и сам себе да се само-бруси.

Не може дете на осум годишна возраст да зборува онака, како што тој зборуваше, ако не е самосвесно битие и ако можеби несвесно, почнал да се бруси уште на онаа возраст.

Не може еден мајстор како што беше Јелена Генчиќ да зборува онака за него уште од таа возраст, ниту пак еден светски господин и мајстор, како што е Никола Пилиќ, со таква длабоконаклоност да се изразува за него, ако тоа не е така. Просто не може. И точка.

Велам стрепам, иако знам дека е дијамант, кој е еден од најцврстите природни материјали, сепак и љуската од јајце е природен материјал.

Колку!?

Колку ќе може да издржи вака речиси сиот свет да е против него. Или подобро речено, сето “људско стадо“.

Што би рекол Бреговиќ, “да те мрзе, а да ти се диве“.

Се гледа во неговите очи дека е сам против сите и дека вели “пуцајте, ја и даље држим час“, ама се гледа дека и очајно сака да е сакан.

Тоа е таа ретка дијамантска љуска од јајце.

Во еден момент, само ќе пукне.

Ете затоа стрепам.

Само природниот материјал се гужва, затоа сите вистински дами се облечени во свила и сомот.

Само дрвото се витка и абе на дожд и ветар. Затоа сите вистински господа се самопремачуваат со најсилниот заштитен материјал-љубов кон својата сопруга и своето семејство.

Новак е направен од најубавите, најфините и најсјајните природни материјали.

Затоа и плаче и се смее истовремено. Затоа и ги гушка сите и им го подарува своето срце. Колку и да звучи и да изгледа блесаво ова. Па и парадоксално, кога после тоа, во следната сцена ги пцуе сите и како да сака да ги убие со поглед. Никој друг го нема ова.

Скоро сите други се внимателни, возджани и пресметливи. НЕ знам дали така треба, или треба баш вака како што прави Ноле.

Кога ти се плаче, плачеш, кога ти се смее се смееш, кога ти се пцуе и крши го правиш тоа.

Затоа што не си пресметан, затоа што си човек, полн со љубов и добрина и затоа што очајно сакаш да си сакан.

Ете тоа е Новак. Љуска од јајце со дијамантска обвивка, или обратно дијамант обложен со љуска од јајце. Којзнае.

Времето ќе покаже.

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: