Чек да брцнам во ташнава: Пукам по маживе со сите оружја
Ќе пукам по мажите овој пат. Со сите оружја. Нека не се “ложат“ на приказнава оние на кој им е “погоден“ мажот.
Нема погоден маж. Има само жени кои тивко и слатко лажат и кои пополека се убиват себе си и се заплеткуваат во сопствените лаги.
Ѝ има жени кои научија во пет потега, како да ги преживеат мажите. Само, и исклучиво со имање свој живот. Некои почнаа да се зачленуваат во планинарски друштва и да се качуваат по планини, други одат на јога, на вежбање, со другарките по девојачки викенди… Се снаоѓаат како знаат и умеат, само да се тргнат од тиранинот дома. Не е далеку денот, кога ќе почнат и по риба да одат.
Цел живот се прашувам, што е тоа што им недостасува на жените. Зошто “нивните“ мажјаци ги убиваат, у душа у поим, зошто ги масакрираат на секој чекор, зошто ги печат како на ражен со такво огромно задоволство. Зошто?
Нема тука разлика помеѓу Шведска, Данска, Норвешка и Македонија. Нема! Само што овие “од горе“, Скандинавкиве, порано научија како да си имаат свој живот. 500 евра ти на маса, 500 евра ја на маса.
И нема “циле миле“. Нит ти готвам, нит те перам, нит нит те пеглам. Нит бутур.
А мене син ми ме прашува, како тоа и жените и мажите во тенисот земаат исти парични награди.
Демек Ѓоковиќ, бил Господ-Бог, и не можело Серена Вилијамс да зема иста награда како него.
Тргни ми се од пред очи, да не те треснам тука од земја на лице место. Ја ли те родив и воспитав. Исти си ко сите други.
Ама не само он, пред некоја година, цела светска тениска федерација, крена галама на оваа тема. Па кој ги роди бе тие Федерер, Ѓоковиќ, Надал и компанија. И што ги м’кнат тоа жените со себе и секој час натаму-накај нив гледаат, додека играат. И зборат, псујат, урлаат, се караат ко со ветерници. Ко мајките и жените да им се криви, за дуплава сервис грешка. Оној Мареј, мајка му ако не дојде на меч, мислам дека во пелени ќе треба да игра.
А жениве со таков јадосан поглед ги пратат мечевиве. Ко мрднати. Бледи ко крпи, ако овој нивниов губи. Мислиш тука на место ќе се онесвестат. Еден маж не видов така да навива за својата жена. Него ко Господа, седат и посматраат. Дошле на тениски меч. Што има везе, што е таму “нивната“. Уште ако е другава позгодна и поубава, може скришно и натаму да одат симпатииве. Ако не е така “еве на“. Виуги се тоа. Машки мозочни виуги. Џабе што коси искорнавме да ги превоспитаме. Тоа е така насадено и точка. Ни “мама“ не е крива. Видела и таа со што си има работа и за мир у куќа дигнала раце. Само нека е жив и здрав.
Речиси и да нема ден, да нема по црнине светски хроники некоја вест, каде “бившиот“ си ја убил женава, бидејки го испровоцирала со тоа што го напуштила. Како се усудила. Има да седи, да трпи и да слуша.
Што им недостига на жениве, во приказнава со маживе!? Не “уби“ тоа што го исцицавме заедно со мајчиното млеко. Откако ќе се “испилиме“ слушаме факинг глупости на оваа тема.
Те жена без маж, не била жена, те жена без деца не била жена. Нешто и фали. Рогови и фалат, да може да ве избоде. Е тоа и фали.
Затоа што сите оние кои така мислат, дека не се жени ако седат, ќутат и трпат, на крај добиваат нож во грб.
Шутната таму на маргините во некое ќоше, ќе моли за алиментација, за потпис од бившиов за да може децата да си ги однесе до Дојран на одмор, ќе ринта за 300 евра плата, бидејки се зезнала и вложила се во семејството.
Зошто е ова вака!?
Затоа што во жените нема омраза. Страствени се, искрени, нежни.
Жените не ги мразат мажите, дури ни кога овој ќе си отиде, а не плаќа алиментација, нит кога ќе ги претепа, нит кога ќе ги изневери и ќе се прежени со друга. Нит кога ќе се разведе со вторава, па ќе и се јавува пак неа, за да и се заканува, дека таа е виновна за неговава несреќа.
Не, не можат тие толку нас да не претепаат, колку што ние можеме да им наоѓаме оправдание. Нервозен е. Уморен е. Невработен е. Умрел татко му.
Има и примери каде што девојка му на овој, излегла со друштво и се забавља у кафана, а мажов пизди по дома и урла на жена си. Не може по другава. Сѐ уште е нова. Треба прво да го спреми раженот.
А вие што правите во меѓувреме. Одите во центар за социјална работа. Таму ќе ве советуваат дека на детето му треба “татко“. Како знаете и умеете, треба да воспоставите релација со него.
Ќе се искоренете од корен и живи ќе се изедете како да го направите тоа. Со милост и добрина.
На суд, судијката ако е од мајка родена, ќе пресуди во ваша корист. Ама ако и таа поминувала низ ваков пекол, ќе ве до уништи само за неа да и биде полесно. Така оди тоа. Туѓата несреќа, ја смалува личната болка.
Затоа на децата веднаш треба да им се кажува вистината за нивниот татко. Во спротивно сами себе си копаме гроб.
За кратко време и децава ќе речат. Па ако толку бил добар, зошто си го оставила. Да не го оставеше, ние сега ќе бевме посреќни и поуспешни.
Бидејки тато обично има пари нели, а нам не ни дава, бидејки ти си го оставила.
И ете ти уште една грижа на совест. Тешка ко планина. Таман за јадосување цел живот.
Најдете една од тие ербап психоло-гињите низ градов, има две три такви,што ќе ви ја врати самодовербата и самопочитта.
И што ќе ви каже, дека можете и вие да го мразите него. Со цело срце и душа. Што ќе ви каже дека омразата, во овој случај ослободува. Симнува терет од плеќи.
Што ќе ви каже дека можете да одите низ животот без ланци на нозете и вратот. Што ќе ви каже дека можете да најдете некој помлад згоден фраер, што ќе ве закова и откова. Што ќе ви рече дека можете да си купите вибратор, на кој нема да морате да му се восхитувате и да му го дигате егото. И дека тој ниту ќе ве извреѓа, ниту ќе ве претепа.
Што ќе ви каже дека не треба мајка ви, или свекрвата да ви кажат “браво, колку си ти пожртвувана сопруга и мајка“.
Не си ја продавајте душата за евтини лавиринтски трикови, кои само ќе направат да остарете, да се здебелите, да се повлечете. Да станете таква, каква што после никој нема да ве сака. Дури ни децата.
Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:
За Женски Магазин, Тања Трајковска