Срцето и разумот
Ќе биде ова едно лично, едно интимно писание, кое сакам да го напишам, да го споделам и да го меморирам за навек. И после неа (мајка ми) и после мене и после се што поминавме заедно во овој за неа, скоро цел еден век (има 82 години), а за мене половина век (52 ќе полнам за некој ден).
Можам да си го напишам и само за мене и да си го стуткам некаде во некоја фиока од спомени. Да си стои таму како аманет од самата себе си даден за овој живот.
Можам и да не го напишам, оти толку многу силно ми е врежано во душата и во срцето и ете, само така, да си го носам таму, длабоко во себе дур сум жива. И да си го имам таму како свет грал, како кандило, кое си светка со без-гаснено оганче, кое дур сум жива ќе ми ја грее душата. Како црква пред која ќе се молам и ќе бидам благодарна цел живот. Дур сум жива. Се ова може да е вака.
Ама не! Сакам да го напишам. Сакам оти секоја мисла, секоја реченица, секој збор, буква, запирка, точка…, секоја радост и тага и секоја болка сакам да ја летнам во небесните височини и да остане запишана, како ѕвездена прашина, истакаена од оваа моја приказна.
Тргнав со мајка ми за Турција. Преку седум планини, реки и долини… Решив! Ќе ја носам.
Исто како што и детето кога ми беше само 3-4 години решив исто така сама-самцата, без татко му, да го носам на истиот овој пат. Во Турција. Во Анталија.
И тогаш и сега ми велeа. Како бе така, ќе одиш у “мајчинами“. Ам, ако се случи нешто!? Што ќе правиш. Не се трга така сам чоек на пат, со толку мало дете. Не се трга ни на пат со толку возрасен чоек. Авиони, автобуси, патишта, висини, разлики, притисоци.
Е како не, не се трга!…- јас, како и секогаш.
Ти си знаеш!
Си знам!
Си знам, оти цел живот срцето си го слушам.
Еве ја приказната.
Ми вели пред некој ден мајка ми, “абе сине (оти јас сум и син и ќерка) сум била ли јас во Анаталија!?
Ја гледам, ја гледам… и молчам. И таа ме гледа мене и чека одговор.
Се загледувам најдлабоко што можам во зениците нејзини, за да поминам низ нив и за да стасам до утробата нејзина. Таму кај што се запишани спомените од сите наши претходни животи. Да видам дали некогаш-тогаш била во Анталија, оти во овој живот не била.
Гледам и молчам. И одвнатре некои солзи почнуваат да ми врнат, ама не им давам да истечат и да се видат.
А!?-вели таа. Сме биле ли!?(оти знам-ми има кажано, дека последниве години секоја вечер пред да си легне, на прсти си брои каде се била во овој живот, бидејки пак и друг пат, многу порано ми има кажано дека во животот само тоа се брои, каде си бил, колку си патувал и како си се калел и гланцал, одејки и враќајки се од таму-од ваму…)
Не!, велaм мамо не сме биле. Не сме биле во Анталија.
Ауууу, како бе, па јас на сите кога ќе ме прашаат им велам дека сум била. Хм, се замислува. Се замислува и се загледува сега таа во мене. Ме гледа директно во зениците, за и таа да стаса во утробата моја, каде што се запишани спомените и одговорите од сите минати, сегашни и идни животи.
Се загледува и го чека одговорот на прашањето “ќе ме носиш ли!?“
Не го изговара на глас, оти знае дека со чоек на 82 години не се трга на таков пат. Оти за цел овој живот, таа беше разумот, а јас срцето. Сакам да речам, цел живот ме учеше “седни прво размисли“, па донеси одлука. Оваа лекција никогаш не и пројде, оти јас цел живот прво викам “оп“, па после скокам. Си имавме расправии за ова секогаш. И чаре не најдовме. Таа си остана гласот на разумот, јас си останав гласот на срцето.
Ама дојде ред, моето срце да носи одлука. Оти пак во нејзиниот разум, не знам како и зошто е запишано, оти таа била во Анталија.
Можеби-додава, оти толку многу ти ги гледам репортажите за Анталија, па ми се чини ко да сум била.
И покрај сѐ, се обидува разумно да мисли и да говори.
Ама не! Мене срцето нешто друго ми вели.
Сака да оди!
Знам оти сака да оди, ама како сега , после скоро цел еден век, ќе ја руши својата разумна кауза. Без оглед на тоа што и таа попушта пред притисокот на срцето. Оти кога тогаш срцето мора да си истера по свое. Во тој момент престанува да чука.
Не знам дали е вака-само си мислам.
На 25 ти мај е муабетов.
Се јавувам во агенција и велам има ли две слободни места за Анталија.
За кога?-ме прашуваат.
За утре-велам.
Аууу Тања!?
Да!, велам.
Ќе најдеме!
Најдете!
Еве, прв лет е на 29ти.
Може!?
Може велам.
Пакувај се и велам.
За каде!?
Те носам во Анталија.
Збор не кажа! А сѐ кажа.
Во зениците и го видов тоа. Цел живот ќе го памтам тој чудесен “тажно-радосен сјај“ кога, овој пат, не срцето, туку разумот и рече- “па ќе одам, па што сака нека биде“! Можеби сепак од срце беше ова. Така ќе си мислам!
Седум чудесни денови.
Како деца во луна парк, ете така си поминавме.
Помислив во еден момент да и речам и со параглајдер да летнеме, но премногу ќе беше. Знам!
Во Анталија сум!?
Да мамо!, во Анталија!!!
П.С. Најважо и беше да отиде и да се поклони пред споменикот на Мустафа Кемал Ататурк.
Какви волшебни одблесоци беа ова.
Да, да, знам дека е ова многу лично и многу интимно и дека можев да си го сочувам само за себе.
Ама не!, нека летне оваа космичка прашина во вселената за навек!! Оти така срцето ми вели…
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу