За ф*кинг 6000 денари кои не се ништо за институција, Филип, генијалното дете не го пуштија на натпревар
Многу често се случува да чуеме, или да видиме работи и ситуации кој ќе не вчудоневидат. Светов навистина стана една чудна чудесија, која се повеќе и повеќе не вудоневидува. Многу нелогичности играат околу нас. Жал ми е што полека отрпнуваме на сето тоа и не само што научивме да живееме со тоа, туку и почнавме да се согласуваме и да прифаќаме работи, за кои порано не сме ни можеле да помислиме дека можат да бидат реалност.
Тоа е она кога баба ми викаше, “дојдоа дивите ги избркаа питомите“.
Оваа приказна што сега ќе ви ја раскажам е од прва рака. Што би се рекло, базирана е на вистински настан.
Се случува во едно средно училиште во Велес.
Во едно од одделинијата учи едно момче, син на моја драга пријателка.
Детево е посветено на школото. Сака да учи, сака да знае, сака и да им помага на другите. На своите соученици. Другари и другарки. Не е бубалица, туку просто му оди од рака и да слуша на час, и да биде активен и дома на време да си напише домашна, да си ги научи лекциите… Такво си е детето. Нит мајка му работи со него, нит татко му. Нит пак одат у школо, освен на родителска.
И на секоја родителска, фалбите се за него. Филип вака, Филип онака. Филип е примерот во класот.
Некогаш ваквите деца се сакани од другарите, некогаш не се баш омилени.
За воља на вистината детево си е малку побуцко, па умеат децава одвреме навреме да го чепкаат на таа тема.
Ама Филип си брка работа и некако успева да се справи со такви ситуации.
На Филип речиси и да нема предмет што не му оди од рака. Ама Хемија особено.
Во текот на годината Техничко-технолопкиот факултет при универзитетот Кирил и Методиј организира меѓународен натпревар на различни теми од хемијата, кои би можеле да се применат во секојдневието. Ова е престижен натпревар. Наградата е 10.000 евра за победниците. Исто така проектот кој би победил би можел да биде откупен и искористен од некоја голема домашна или странска компанија. Учествуваат многу школи од цела Македонија. Треба да се учествува со проект значи.
Проектот треба да биде направен од двајца ученици. Би било пожелно едното да е девојче, другото машко.
Професорката го бира Филип. Се разбира дека Филип ќе оди на натпреварот. Заедно со него и една од неговите другарки од класот, која секако ја бира исто така професорката.
На Филип му нема рамен и учителката знае дека товарот за проектот ќе падне повеќе врз плеќите на Филип. Сеедно.
Фипип и другарка му почнуваат да го подготвуваат проектот. Овие подготовки траат неколку месеци. Заедно се договараат кој, што ќе работи во проектот.
Таа црта, тој истражува и пишува.
Мотивот е голем. Наградата е десет илјади евра.
Награда која велам ќе си ја делат првонаградените.
Конкуренцијата е голема и жестока и учествуваат многу школи.
Но Филип не се грижи. Просто знае дека е добар.
Посветено работи секој ден и сака да го направи проектот совршен.
Се разбира дека се надева на наградата. А кој не се надева на награда кога учествува на некој натпревар? Секој. Особено оние кои знаат дека се добри.
Се приближува денот на натпреварот. Проектот е во својот финиш, а децата се превозбудени. Инаку Филпи е прва година и има неполни 15 години.
Им игра и срцето и душата во очекување на натпреварот.
Неколку дена пред “денот Д“, учителката ги вика Филип и другарка му кај неа во канцеларија.
Им соопштува дека тие двајца нема да учествуваат.
Образложението е дека Филип го изработил целиот проект, а другарка му учествувала сосема малку и дека поради таа нерамноправност, училиштето, односно директорот на училиштето решило дека ќе го откаже нивното учество.
Ова е разочарување на кое му нема рамно.
Доаѓа дома Филип и ѝ кажува на мајка му што се случило.
Инаку мајка му на Филип работи како продавачка на цвеќе, а татко му вози такси.
Не се луѓе од “висок ризик“, или луѓе кои би биле опасност за учителката и директорот на школото.
Мајката го утешува Филипа велејќи му дека таков е животот. Некогаш ќе успееш, некогаш нема.
Не се грижи му вели, продолжи да учиш и сигурно животот ќе ти пружи друга шанса. Ова се приказни од времето кога Господ одеше по земја. И вакви луѓе се уште постојат. Но за жал, главно се мета на овие од “нечесниот и се помногуброен естаблишмент“.
Поминуваат неколку недели од овој настан, за еден ден, сосем случајно на муабет, мајка му на Филип да ми ја раскаже оваа приказна.
Јас се шокиорав, се ококорив, почна некоја атомска бомба да се пали внатре во мојата утроба, во мозокот, во цело тело…
Викам молам!!!! Како тоа, поради нерамноправно учество. Постоеше ли таков критериум?
НЕ!! Децата се договорија ли!? ДА!
Епа како!?
Епа така. Ајде нема врска, вели мајка му.
Абе како нема врска-велам јас.
Ќе одиш сама, сакаш да дојдам јас со тебе, или сакаш јас да одам и кај учителката и кај директорот на школото.
Ќе одам- ми вели.
Доаѓа утредента и ми раскажува всушност која е вистината.
Вистината е дека школото не ја платило котизацијата за учеството на натпреварот.
А не ја платило, бидејки наградата не оди за школото, туку за децата кој ќе победат.
И бидејки директорот и рекол на учителката да не им го кажува ова ни на децата ни на родителите, за да не се бунат и да не пукне брука, учителката решила да им рече на децата дека нивното учество се откажува бидејки “тие се виновни“.
Ах лелееее.
Ја не можам да ви објаснам каква горчина и каков бес ми произведе ова сознание.
Три дена ја пишувам оваа колумна (всушност, три дена преспивам), за да не го изразам во зборови сиот овој бес, лутина и вербална агресија, која ми иде да ја напишам, а се трудам да останам воздржана.
Значи со нож би ве сечела и сол на раната би ви ставала. Ете толку.
П.С Мајката на Филип ме замоли да не ги обелоденам јавно, ниту гимназијата, ниту директорот, ниту учителката. Ја премолив да ги пишеме со име и со презиме. Не се согласи. Ахх….
И да не заборавам, се работи за 6000 денари котизација. За факинг 6000 денари.
Пари за кои притоа, не им кажуваат, а со тоа не им даваат ниту можност на родителите сами да си ја платат. За да не пукне брука. И, за да не пукне брука, одлучуваат да ја заташкаат работата. И да ги обвинат децата. Ама не од оние “богаташките“ семејства, туку оние од скромните и воспитани.
Ахххх… ете од кај доаѓа булингот. Децата не се виновни. Децата никогаш не се виновни!!!
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу