Жените имаат “ѓаволски сензор“: Во што е тајната на нивниот успех!?
Има жени на кои им успева да ги превртат своите мажи наопаку. Просто знаат и умеат. Дарба ли е, научено ли, или просто мажите се такви, лесно превртливи…!?
Овие другите на кој што не им успева тоа, севезден се прашуваат во што е тајната на „ваквите“ жени.
Златна ли ѝ е! (Најчесто поставуваното прашање) Бидејќи тие - другите кои ова не го поседуваат како дарба и наопаку да се завртат, не можат да ја вметнат оваа вештина во својот секојдневен живот. Со својот маж.
Во што е тајната на нивниот успех!?
Неколку прашања и неколку тези се во игра.
Прво само мало дообјаснување.
Под “превртување“ на своите мажи наопаку, се подразбира да ја сака како Тито. Ништо друго.
А како се сакаше Тито!?
Само што ќе се спомнеше Тито, сите простум застанувавме. Сѐ што тој ќе кажеше, сѐ беше исправно. Не само што никој не се спротивставуваше, туку немаше ни простор, а веројатно ниту причина некој да се посомнева, во тоа што тој го зборува и во тоа што тој го прави. Секој негов збор и дело, сам по себе претставуваше точност, прецизност и исправност.
Оние кои имаа прилика, или привилегија да бидат блиску до него зборуваа со него како со Божество.
Така го гледаа, така се однесуваа кон него и така зборуваа со него.
Е…!! Ова е тоа. Не некои жени им успева токму ова да го постигнат со своите мажи.
Тој да ги гледа како Тито. Така да зборува со неа, така да се однесува со неа, така да ѝ верува и така да стои пред неа. Простум.
Да се разбереме, не изгледа ова лошо. “Дапаче“, што би рекли Хрвати.
Изгледа дури и фраерски, изгледа храбро, изгледа на некој начин и витешки.
Витешки, од причина што се претпоставува дека никој не е глуп, за да изгледа како “глупи август“, па тоа да личи дека жена му го врти околу малиот прст.
Не! Ова би била погрешна теза. Погрешна, проста и мошне љубоморна теза.
Вака помислуваа само жени, кои никогаш не можат да успеат да ги скротат, односно да ги придобијат своите мажи на своја страна.
Витешки исто така, бидејќи исто така се претпоставува дека овој маж, тоа “сакање ко Тито“, го прави сосем свесно. Бидејќи му е убаво.
Односно прави нејзе да ѝ е убаво, а автоматски ако ѝ е убаво на твојата жена, тогаш и тебе ти е убаво.
Колку и да личи оваа теза спротивставено, сепак мислам дека е многу точна.
Спротивставено, бидејќи пак, од другата страна повеќето мажи мислат дека ако ѝ дадеш на жената прст, таа раката ќе ти ја земе. И затоа цел живот ја ранат со лажиче. Се надевам дека правилно ми ја разбирате оваа “пежоративна теза“.
Свесното хранење на жената со лажиче е полусвесно носење во пропаст, на сопствената врска.
Е сега бидејќи мајсторијата овде е до жената, барем така се верува откако постои светот и векот. Нели!?
Жената е таа која што го собира семејствто на купче, жената е таа која што ја создава топлината на домот, жената е таа која што “одлучува“ кога ќе се земат и конечно жената го растура бракот.
“Практичните статистички податоци“, велат дека жената е таа која што ќе рече “овој брак, или врска веќе нема смисла да постои“. Ретко кога мажите се осудуваат на овој чекор. И ова е ставено под некаков си вел, на отсуство на машка храброст. Тој можеби сѐ ќе направи, за да стаса дотука, но ова “треба да се разделиме“, ретко кога ќе го каже прв.
Се разбра дека во секоја од овие тези, постојат исклучоци. Не се ова црно-бели ставови.
Значи, ако жената е таа чија мајсторија е дел од оваа приказна, тогаш се поставува прашањето како овие жени умеат со ова.
Во што се состои нивата тајна.
Претпоставката од пракса вели дека тие имаат едно заедничко “НЗС“(најмал заеднички содржател).
Обично се помалку образовани, обично немаат стабила и вносна работа, обично потекнуваат од поскромни семејства, обично се од провинција-иако не мора да значи, обично не се толку згодни и убави, како овие другиве, кој не располагаат со оваа вештина. Слатки се, врцвави се, шармантни, но не е тоа таа женска суптилна убавина и елеганција. Не! Сѐ друго ДА, ама тоа НЕ!
Е сега...!?... Како тогаш им успева!?
Мислам дека, како прво, имаат нешто вродено “ѓаволско“ во себе, ова секако во најпозитивната смисла на зборот.
Второ мислам дека сето нивно “образование“ се одвивало токму во овој правец. Откако почнале да се гледаат во огледало, почнале да ги учат и овие вештини на “гејша“. И ова секако во една преосна смисла на зборот.
Некој ќе речат “добра е во кревет“. Затоа прави со него што сака.
Хм, не знам, ама веројатно има вистина и во ова.
Конечно, ако таа го поседува тој “ѓаволски сензор“ во себе, да го прави токму она што го сака нејзиниот маж, тогаш ова веќе не е обратно пропорционално.
“Дапаче“. Тој образован, богат, згоден, убав и умен има сѐ што таа нема. А таа пак има сѐ што тој нема.
И ете ги тие спротивности кои се привлекуваат.
Нејзе неговата моќ, статус во друштво, лагоден живот….
Нему нејзината “слатка“ и помалку валкана игра и во кревет, но и вон него, која за него е најсовршениот “ѓаволски афродизијак“.
Таа работела на својата “улична самодоверба“, а нему таа му остана заробена во книгите, образованието и градењето кариера.
И во право сте кога велите дека секоја жена би сакала да има таков маж, каков што имате вие, само што тоа не е до него, туку до вас.
Вие слатки ѓаволести жени.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазинКолумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: