ЧЕТИРИ СЦЕНИ, АКТИВЕН САЕМ И КРЕАТИВНИ РАБОТИЛНИЦИ: Подготовките за „Д Фестивал“ во полн ек
На четири сцени, десетици домашни, регионални и светски музички артисти ќе се претстават на осмото издание на „Д фестивал“ кое ќе се одржи од 6 до 8 јули во Дојран. И годинава, освен во атрактивна програма, посетителите ќе имаат можност да уживаат во тридневна уникатна атмосфера кампувајќи во шатори поставени на дојранското крајбрежје. Очекувањата на организаторот се дека и годинава ќе се надмине бројката од 10.000 посетители дневно.
- „Д фестивал“ не е само фестивал, туку настан со силна порака и своевидно движење за позитивни општествени промени. Фестивалот ги користи креативните индустрии и врвните глобални уметнички случувања како начин за пренесување на универзалната порака за љубов и слобода – нагласија неодамна од „Пасворд продукција“.
Горан Трајковски, еден од клучните артисти на домашната музичка авангарда е првиот изведувач кој го потврди учеството на главната сцена на фестивалот, а реномираниот изведувач и автор концертно ќе го претстави актуелниот албум „Тешкиот глас на новите химни“. На „Д фестивал 2 018“ ќе настапи и македонскиот композитор и продуцент со завидна меѓународна кариера, Дуке Бојаџиев. Посетителите ќе имаат ексклузивна можност да го слушнат неговиот нов материјал со електронски сет, придружуван од гудачки квартет.
Организаторот денеска го објави и конкурсот за демо-бендови, нови имиња или веќе етаблирани претставници на музичката сцена кои имаат желба својот звук да го претстават пред илјадници фестивалски фанови.
- „Д Фестивал“ и годинава на едно место ќе ги собере креативните сили и сè она што ја претставува позитивната творечка енергија во нашето општество. Во оваа заедничка мисија ги повикуваме сите уметници, дизајнери, цртачи, графитџии да се пријават со своите дела и да бидат дел од нашата креативна зона. „Активниот саем“, пак, ќе биде епицентар на општествените активности на фестивалот каде претставници на повеќе граѓански здруженија и асоцијации ќе ги претстават своите кампањи – порачуваат од „Пасворд продукција“.
Ѓ.С.