Четирите грации на првата срцева трансплантација: Сите емоции за ноќта помеѓу 22 и 23 мај

Тие четири започнаа една значајна приказна, исткаена од тага и радост, од страв и неизвесност, од љубов и посветеност, од професонални и хуманистички предизвици, од стрес и од адреналин, од емоции и вештини... Ја започнаа приказната за првата трансплантација на срце во историјата на домашното здравство и успешно ја завршија.

Д-р Маја Мојсова, национален координатор за трансплантација, д-р Билјана Андоновска и д-р Весна Дурнев, анестезиолози од КАРИЛ и болнички координатори за трансплантација и Адријана Георгиев, раководител на Програмата за трансплантација во Министерството за здравство, на 23 мај, во првите мугри на новиот ден, излегоа од Клиниката за државна кардиохирургија, сè уште облечени во униформи, ги извадија маските од лицето, земаа длабоко водух и се прашаа во неверување: „Што направивме?“

- Овие четири жени за прв пат во историјата на земјава донесоа срце за трансплантација, кое за волја на вистината беше од жена. Тоа женско срце денес чука во градите на пациент кој доби нова шанса за живот. Тоа рано утро, кога се изгасија светлата во операционата сала и кога заврши се, овие четири жени ќе го паметат цел живот – вели Адријана Георгиев, една од четирите грации на првата срцева трансплантација.

На тоа утро се навраќаат во оваа приказна за „Женски магазин“. 

Д-р Маја Мојсова, национален координатор за трансплантација на органи и ткива, деновиве често ја гледаме во медиумите. Оправдано и логично. Таа и, како што вели, „моите болнички координатори“, ја подготвија целата постапка што претходеше на ова историско прво срцепресадување. А, потоа најнепосредно учествуваше и во интервенцијата. Толку многу емоции се акумулирани во тој период, што постојано има уште нешто да се дораскаже.

-Додека траеше координацијата на случувања во тие 24 часа од прогласувањето на мозочната смрт и разговорот со семејството до завршување на последната трансплантација, само работев и не застанав ниту за миг да си дозволам да се преслушам околу емоциите. Можеби првиот емотивен налет се случи утрото по завршување на трансплантацијата на срцето. Тогаш сите нè погоди првиот бран емоции. За прв пат се прашавме - можно ли е дека навистина го направивме ова? Се подготвувавме со месеци, работевме, знаевме дека можеме, ама ете тој миг сето тоа што беше само голема желба - стана реалност. Од тој ден емоцијата за ноќта помеѓу 22 и 23 мај постојано се враќа. Измешани  чувства на среќа, радост, гордост за целиот тим, па претпазливост и некогаш, верувајте, и страв. Среќа за нов живот кој се родил и сочувство со семејството на починатата. Гордост и почит неизмерна и кон едните и кон другите.

Д-р Билјана Андоновска, анестезиолог од КАРИЛ, болнички координатор за трансплантација.

-Основна задача на сите лекари е лекувањето на нашите пациенти и борба за нивниот живот. Тоа го правиме секој ден, некогаш полесно, поедноставно, некогаш потешко, покомплицирано, со успех, а во некои случаи и покрај сите вложени напори, за жал, без успех. Во моментот во кој пациентот почнува да ги исполнува сите критериуми за поставување дијагоза - мозочна смрт, кај нас се развиваат силни и спротивставени чувства. Човечки, прво е чувството на тага, емпатија, разочарување дека болеста или повредата сепак биле посилни и сме ја изгубиле битката за животот. Од друга страна, професионално, се јавува чувството дека може уште нешто да се направи,  зошто овој пациент не е загубен пациент, туку потенцијален донор кој може да спаси други животи. Од тука започнува нашиот предизвик - со почит да се пристапи кон семејството, неизвесност дали семејството ќе се согласи да дарува органи, доколку даде согласност дали има соодветни реципиенти, дали ќе успееме да го одржеме донорот и ред други прашања. Не е едноставно, но трансплантацијата е драгоцен метод на лекување. Можеби сè уште ми е нереално она што го сторивме во раните часови минатиот викенд, но знам дека моментот кога семејството се согласи да го дарува срцето од нивната најсакана и моментот кога тоа срце почна повторно да чука и продолжи да живее во други гради, никогаш нема да го заборавам. Им честитам повторно на сите тимови за професионалноста, координираноста и ефикасноста, благодарна сум што бев дел и можев да помогнам во првата трансплантација на срце во нашата земја. А пред Вас, големи луѓе од семејство Диневи се поклонувам, зашто во моментот на најголема тага и болка ја отворивте душата и подаривте срце и бубрези, подаривте живот.

Д-р Весна Дурнев, анестезиолог од КАРИЛ и болнички координатор за трансплантација, своите се уште растреперени емоции ги отвора со напомената „Од длабочината на моето срце“.

-Во тие моменти заборавив на сè, сè беше потиснато и тргнато настрана. Во часовите што се редеа во петокот почнувајќи од разговорот со семејството на Емилија и добивањето на нивната согласност, единствено нешто на што мислев беше големата желба сето ова да успее. Да ја оправдаме, пред сè, довербата на тие силни луѓе кои ни ги доверија органите на нивната сопруга и мајка и да успееме во настојувањата нејзиното срце да зачука во градите на Илија, а бубрезите да им донесат нов живот на уште двајца напатени луѓе.

Воздухот искреше од наплив  на добра енергија, заедништво, сите сплотени за една иста цел. Како на сите да ни недостигаше токму овој момент на професионално заедништво. Сè друго беше помалку важно и сите ја работевме својата задача најдобро што може. Беше првпат, ама сè се одвиваше како да е стоти пат. Брзо, прецизно, уиграно, перфектно изведено како некоја сила од горе да нè водеше.

Во моментот кога срцето во градите на Илија почна да наликува на срце што работи, сите останавме без зборови и почнавме да ракоплескаме. Само што почна да се разденува. Излеговме од клиниката,  ние, четири жени, одејќи заедно во пресрет на зората. Не почуствував умор, туку само мир во душата. Сè уште ги средувам своите емоции, еве цела недела потоа.

Сакам приказната да продолжи. Како лекар кој секојдневно и’ гледа на смртта во очи, очајно посакувам таа да не ме победи секогаш кога ќе намисли и да успеам да ја преместам преку тенката линија кон раѓање на нов живот. Прекрасно е чувството да се дарува, без да се очекува ништо за возврат. Да даруваме живот.

Адријана Георгиев, раководителка на Програмата за трансплантација во Министерството за здравство.

-Ова за мене е приказна за Верба, за Надеж и за Љубов. Од една страна, ние неколкумина кои верувавме дека можеме да го направиме ова, од друга страна пациентите кои ни веруваа и кои сета своја надеж ја ставија во наши раце. Така и започна оваа приказна. Со многу желба, ентузијазам, работа, доверба и, пред сè, упорност да се совлада секоја препрека, административна, медицинска, човечка... Секогаш си велевме - нема нешто што не можеме да  направиме. А, знаевме точно што бараме од себе и од другите кои беа дел од тимот. Тој 22 мај започна со координација помеѓу нас четири и потоа, настаните само се редеа еден по друг. Не застанавме за да си дозволиме да нè обземат чувства. Тоа е веројатно секогаш така. Ги балансираме емоциите со професионалноста и упорно работиме. Првиот наплив на емоции се случи 15-ина минути по два часот ноќта, кога срцето во градите на Иван почна да чука, таму на операционата маса. Само стоевме и слушавме. Хирурзите, анестезиолозите, медицинските сестри... Еден момент кој нè обзема сите. Не остави без зборови. Тоа беше моментот кога се погледнавме и зневме дека вредеше сè низ што поминавме за да стасаме дотаму. Сè си дојде на свое место.

Два часа подоцна, кога сè беше завршено, излеговме заедно сите четири од Клиниката за државна кардиохирургија, онака како што и влеговме. Додека чекоревме по празните улици на Клиничкиот центар, уморни ама среќни, некој праша - Знаете ли што направивме? Тоа беше моментот кога емоциите нè стасаа. Го направивме она во што веруваме. На гордост и почит, кон жената чие срце чука во градите на Иван, кон нејзиното прекрасно семејство и кон тимот лекари и медицински сестри со кои работевме.

Јасна Франговска