Читателите со категорично НЕ за вакцинација против ковид-19 на деца: Дека е мал интересот потврдуваат и од МЗ
Вакцинацијата на млади лица под 18 години е тема на која се зборува, се пишува постојано изминатиот период. Нашата земја официјално со имунизација на населението под 18 години започна пред две недели, а од министерството за здравство тогаш изјавија дека имало пријавено за вакцинација околу 1.800 млади лица.
Од ресорното министерство за Женски магазин изјавија дека, изминатите 14 дена се вакцинирале вкупно 1.152 млади лица, но исто така ни потврдија и дека бројот на заинтересирани кај помладите стагнира, односно дека во моментов нема значителен пораст на заинтересираноста помеѓу помладите лица за имунизација со вакцина против ковид-19.
Токму на оваа тема, Женски магазин спроведе анкета која траеше една недела, а на истата читателите категорично се изјаснија дека нема да ги вакцинираат своите деца.
Имено, од вкупно 5468 гласови, дури 65%, односно 3558 лица гласале дека нема да ги вакцинираат децата, 25% или 1375 гласале дека ќе ги вакцинираат и 10 % (535 гласови) се изјаснија дека не знаат дали ќе ги имунизираат своите деца со вакцина против ковид-19.
Истата анкета ја споделивме и на нашиот официјален профил на Фејсбук, каде читателите коментираа за оваа тема, а истите, исто така во најголем % се изјаснија категорично дека нема да ги имунизираат децата против коронавирусот.
„Не децата имаат здрав имун систем. А, тие што не знаат што е имун систем нека си платат стручно лице да им објасни повеќе. Вакцина од која повеќе од пола популација не развива антитела и препораката е на секои 6 месеци да си ја обновуваат со друга, бидејќи се јавувале разни соеви е еднакво на лудост и манијаштво од светски размери“, напиша една читателка. Друга пак вели: „ Не, затоа што е екперимент, недоволно проверена и со непознати нус појави за кои никој не превзема одговорност“. Скоро сите одговори беа дека нема да ги вакцинираат своите деца.
Мал дел од нив со нас и нашите читатели споделија дека ги вакцинирале децата. Една госпоѓа го сподели своето искуство и истакна: „Да секако затоа што е единствен начин да се стави крај на пандемијата и затоа што не сме прва земја каде децата се опфатени со вакцинација“. Каментаров доби низа коментари, негативни и не доби поддршка од читателите.
И други коментари на читатели кои се изјаснија дека ќе ги вакцинираат своите деца наидоа на жестоки реакции.
Лекарите, министерството за здравство и надлежните институции велат дека вакцината е безбедна и дека само со имунизација на над 95 % на населението ќе добиеме колективен имунитет.
Од Министерството за здравство на нашето прашање дали добиваат прашања од загрижени родители за вакцината, реакциите и можни несакани нус појави, велат: „Веруваме дека матичните лекари стојат на располагање за било какви дилеми и совети за родителите во однос на вакцинацијата на децата“.
Фото: freepik
Н. Миланова