Чола е како вино, колку е постар- толку е подобар

Добивај вести на Viber

Забавата трае повеќе од три часа, публиката ги знае сите песни на памет, пејачот е истиот оној по кој врескаат и мајките и ќерките- тоа е Здравко Чолиќ. 

И овој концерт во Скопје, во ВИП Арената беше исполнет со среќни луѓе, полн со носталгија во старите хитови, и радост за новите од албумот кој симболично се вика „Она малку среќа“. „Сега некако имам енергија повеќе да пеам од порано, повеќе од три часа“, ни изјави Чолиќ на претходната средба во Скопје ,и сосема ја оправда таа реченица. 

Она што беше  ново на овој концерт, освен новите песни е малку поинаквата постава во првите редови. Сега тоа веќе не се само жени, туку парови, и цели семејства. 

Кадифени играчки летаат кон сцената и понатаму, Здравко се поздравува со обожавателките кои му пружаат раце и сега, а оние најупорните, најверните, добро ги памети и им намигнува. 

Дали тоа што во „Пусти, пусти моду“ и во „Ти си ми у крви“ публиката беше погласна од него и личеше на голем хор, или силните емоции во изведбата на „Као моја мати“ или атрактивните танчарки кои ја збогатија „Красива“- тешко е да се издвои најубав момент од дружењето на Чола со Скопје. Едноставно е , Здравко е како вино, колку е постар, толку е подобар.

Концертот го организираше „Прагма“ продукција, а следува уште еден, на истото место, во сабота, на 17 ноември.

Милица Џаровска