ЧОЛИЌ ЗА ЖЕНСКИ МАГАЗИН: За роденден си посакувам уште долго да ги веселам луѓето
Ги поздравувам читателките на Женски магазин, и им закажувам средба во Скопје, наскоро на концерт, изјави Чолиќ за Женски магазин, кој денеска полни 67 години
Здравко Чолиќ денеска полни 67 години. Од несуден голман на ФК „Железничар“ од Сараево каде што како дете играл, преку дипломиран економист, до најголемата регионална поп-ѕвезда- ова е накратко приказната за Чола, миленикот на сите генерации.
„ За мојот роденден си посакувам здравје, за моите најблиски, за мене и за мојата публика. Посакувам и уште многу добри песни со кои кои ќе се веселат луѓето. Ги поздравувам читателките на Женски магазин, и им закажувам средба во Скопје, наскоро на концерт“, изјави Чолиќ за „Женски магазин“. Повеќе од 17 години, тој е во брак со Александра која е професорка по географија.
Александра и Здравко имаат две ќерки, постарата Уна Звездана има 17 години, а помалата Лара, неполни 12.
„ Уна е сега во фаза кога сака повеќе да излегува, има свое друштво. Сопругата е таа која е построга, јас се обидувам да држам некој баланс. Во секој случај е забавно да си татко на две тинејџерки“, ни изјави Здравко лани во октомври во Велес, по настапот на Велешката питијада.
Чолиќ е актуелен со новиот албум „ Ono malo sreće“ кој излезе лани во декември. Оваа есен, „Прагма продукција“ ќе организира негов концерт во Скопје. Добриот изглед на Чола се должи на здравиот начин на живот. Кога е во Скопје, тој најмногу сака долги прошетки на Водно, а во Белград каде што долги години живее, редовно џогира во паркот Кошутњак.
Милица Џаровска