Циститис и добрата хигиена - каде е границата и кога претеруваме

Добивај вести на Viber

Одржувањето добра интимна хигиена е од најголема важност за жените. Добрата грижа за оваа деликатна област помага да се спречат воспаленија, инфекции, непријатни мириси, и секако, е начин да се спречипојава на циститис и инфекција на уринарниот тракт. Сепак, дали може да претераме со хигиената? И до што може да доведе ова?

Циститис

Циститисот е една од најчестите уринарни инфекции и претставува воспаление на мочниот меур, кое обично го предизвикува бактериска инфекција. Во зависност од тоа колку трае ова воспаление, циститисот главно се дели на акутен и хроничен. Почест од двата типа е акутниот циститис. Во 80 - 90% од случаите, типичен причинител на циститисот и другите инфекции на уринарниот тракт е бактеријата ешерихија коли (E. coli) која навлегла во уринарниот тракт.

Симптомите на циститис се чувство на печење при мокрење, нелагодност и непријатност во пределот на карлицата, чести нагони за мокрење, а понекогаш дури и крв во урината. Циститисот почесто се јавува кај жените поради нивните анатомски карактеристики. Женската уретра е многу пократка (4 см) од машката (20 см), што предиспонира разни микроорганизми лесно да навлезат во неа и да го заразат мочниот меур. Жените страдаат од циститис околу 30 пати повеќе од мажите. Освен непријатноста што ја предизвикува, циститисот може да биде доста упорен - често се случува инфекцијата да се повтори (рецидив). Погрешно третираниот циститис во 85% од случаите станува хроничен. Важно е да се истакне дека преку соодветен третман во комбинација со соодветна терапија, зачестеноста и интензитетот на повторени епизоди може да се намали.

Добра хигиена

Правило број еден за живот без циститис - добра лична хигиена. Ешерихија коли е најчестата причина за циститис. Бактеријата живее во дебелото црево и надвор околу аналниот отвор. Во некои случаи, може да „мигрира“ во уретрата (уринарниот канал) од каде може да стигне до мочниот меур и да предизвика циститис. Како се случува тоа?

·  Неправилното бришење по користење на тоалетот може да ги пренесе бактериите од аналниот отвор до уретрата. Запомнете - правилната насока е од напред кон назад.

·  Сексот придонесува за пренос на бактериите од аналниот отвор до уретрата. Ова се случува кога наизменично се води анален и вагинален секс, бидејќи на тој начин, бактериите се пренесуваат од едно на друго место. Овој тип на инфекција поврзан со сексот има дури и свој назив: посткоитален циститис. Затоа е важно жените да уринираат по сексуалниот однос, бидејќи урината е стерилна и така, сите штетни бактерии насобрани во уретрата и мочниот меур се „исфрлаат“.

·  Некои механички средства за контрацепција како што е дијафрагмата може да доведат до циститис.

·  Несоодветната долна облека исто така може да придонесе за појава на циститис. Соодветен избор е долна облека од природни ткаенини.

Нарушена рамнотежа и циститис

Кога зборуваме за добра хигиена, потребно е да се запрашаме каде е границата и кога ја преминуваме? Каква е врската помеѓу вагината, мочниот меур и... циститисот.

Во нашиот организам живеат бактерии и микроорганизми - ги има во желудникот, во вагината, па дури и во крајниот дел на уретрата. Ретко ги сметаме за добра работа и тежнееме да ги уништиме со разни оружја како антибактериски марамчиња, сапуни и средства за дезинфекција. Сепак, повеќето од нив играат улога во одржувањето рамнотежа во нашето тело и тоа се таканаречените „добри бактерии“. Одржувањето на оваа рамнотежа е јадрото на нашето здравје со цел нашето тело да остане заштитено.

Додека мочниот меур и горните делови на уринарниот тракт се стерилни, вагината лесно може да стане резервоар на потенцијални „лоши бактерии“. Секоја промена во вагиналната микрофлора ризикува да ја наруши рамнотежата и да ја насели со бактерии кои потоа, поради близината на влезот на вагината и уретрата, може удобно да се сместат и во мочниот меур. Но, што предизвикува промена на вагиналната микрофлора? Постојат повеќе причини, а една од нив може да е прекумерната и честа употреба на гелови за туширање и козметика за интимна нега, што може да доведе до промена на нормалната pH вредност на вагината.

Кога зборуваме за претерување со личната хигиена, зборуваме за козметички производи кои со прекумерна употреба може да го нарушат балансот на вагиналната микрофлора. Вагиналната микрофлора е заштитена со таканаречените бактерии од млечна киселина, кои делуваат како природна бариера. Прекумерната употреба на средства за интимна хигиена доведува до нарушување на оваа природна бариера - „добрите бактерии“ се измиваат. Тоа, пак, создава поволна средина за колонизација од страна на „лошите бактерии“, кои пак, поради краткото растојание, лесно може да дојдат до мочниот меур и да предизвикаат циститис.

Меѓутоа, доколку е неопходно да се користат средства за интимна хигиена, најдобро е да се одлучите за производи кои не содржат дополнителни парфеми.

Важна забелешка:

Не претерувајте! Како и сè друго што е прекумерно, прекумерната хигиена има свои ризици. Можно е да се наруши рамнотежата на микрофлората и потоа да „уживаме“ во дополнителната непријатност.

Не чувајте го „лошото“ внатре! Празнењето на мочниот меур е важно за спречување циститис. Ако се „стискаме“ со часови, создаваме поволна средина за раст на бактериите бидејќи го лишуваме телото од корисното „миење“ на бактериите од урината при мокрењето.

Искористете ја моќта на водата – консумирајте доволно вода и други течности за да овозможите нормално функционирање на бубрезите и да избегнете концентрирање на урината, што е уште еден поволен предуслов за циститис. Оптималната количина на течност што треба да ја внесете е помеѓу еден и пол и два литра дневно. Секако, не е само водата течност, може да консумирате и билни чаеви, природни сокови и сл.

И, на крај…

Надминувањето на циститисот е сложено - од правилно однесување за превенција (т.е. мерки на претпазливост) до соодветен третман. Со соодветна терапија ги покриваме сите препораки опишани погоре со цел да избегнеме компликации. Многу билни екстракти како што се брусница, бела бреза, мечкино грозје или бучу имаат докажано корисно влијание за превенција и справување со акутната непријатност предизвикана од циститис. Одржувањето лична хигиена е важно за превенција на циститис, но не претерувајте и внимавајте со козметиката за интимна нега што ја избирате за да не ја нарушите рамнотежата на урогениталната микрофлора. 


ПР објава