Црнокрак организира Мис карантин, Кристина, поранешната на Кајмакоски во финалето
Во време кога поради кризата со коронавирусот е невозможно да се одржи вистински избор за убавина, во тек е онлајн изборот Мис карантин на светот. Gecjan Fashion Group од Приштина e организатор, а нашето Модно студио Црнокрак и Tugce Sarykaya Dagistan од Турција се коорганизатори. На овој необичен настан, како што ни изјави Црнокрак, целата екипа работи со многу ентузијазам. Финалето ќе се одржи утре во 21 часот, на Фејсбук и на ТВ 21.
„Во текот на годината ширум целиот свет се одржуваат многу интернационални избори за Мис. Меѓутоа сега поради короната и овие настани згаснаа. Освен еден, кој се одржува во моментов : Miss QUARANTINE of the World. (Мис Карантин на светот). Да, не е шега“, ни изјави Мики Црнокрак, сопственикот на модното студио „Црнокрак“.
Македонија има две свои финалистки на овој избор, Кристина Димитријевска (24) од Тетово и шеснаесет годишната Бисера Цуцулова од Скопје, и двете членки на Модното студио „Црнокрак“. Кристина, поранешната сопруга на пејачот Даниел Кајмакоски е искусен, долгогодишен модел.
„Право на учество имаа сите убави девојки од планетата, на возраст помеѓу 16 и 26 години, со тоа што за учество требаа да испратат само две видеа, на едното како се претставуваат, а на другото како се движат, нормално во домашни, карантински услови и да испратат уште 10 слики. Се пријавија дури 210 девојки од околу 50 држави. Прво беа избрани 70 полуфиналистки, а потоа 15 финалистки кои ќе учествуваат на големото финале. Од Македонија се пријавија четири девојки, а две од нив успеаја да влезат во 15-те финалистки“, “, додава Црнокрак кој заедно со светски познати имиња од модата и убавината ќе бие дел од жирито.
За место меѓу 15-те финалистки се изборија уште две девојки со кои соработува Модното студио „Црнокрак“, 19 годишната Лара Стешевиќ од Црна Гора, која во март ја освои титулата Трета придружничка на изборот за Мис Европа 2020 и 26 годишната Доти Полгар од Унгарија.
Црнокрак за Женски магазин ја коментира кризата која на модниот свет му ја донесе коронавирусот.
„Кризава многу нè погоди, немаме апсолутно никаква работа од 8 март. Моја проценка дека уште барем 2-3 месеци нема да имаме избори за Мис во светот“, вели модниот менаџер.
„ Мене лично ми се допаѓа идејата за ваков избор кој е уникатен и единствен во светов во моментов. Затоа и прифатив да бидеме коорганизатори на овој онлајн настанкој е ете убаво прифатен во целиот свет, што ја покажува бројката на пријавени девојки - 210, од околу 50 држави“, додава Црнокрак кој бизнисот го води заедно со неговата сопруга Светлана. Мики и Светлана се родители на Моника (21), која исто така има учествувано на интернационални избори за убавина, и на осумгодишната Нина.
На семејството Црнокрак, кое е динамично по природа, тешко им паѓа изолацијата.
„Сите по дома наоѓаме некаква занимација, за да колку-толку квалитетно си го исполниме денот. Не е лесно, лично јас сум навикнат на секојдневни надворешни активности.. Но ете, мора човек да се прилагоди на оваа новонастаната ситуација за која сите се надеваме дека брзо ќе помине“, завршува Црнокрак.
М.Џаровска