Црвените јаболка секогаш се во мода

Добивај вести на Viber

Љубовта го движи светот. Тоа одлично го знаат членовите на сараевскиот бенд „Црвена јабука“, кои некако со пролетта одржаа два ипол часа час по романтика покрај Вардар, во Македонската филхармонија. Вардар се обиде и успеа да им ја замени нивната Миљацка, па сараевската поп петорка се чувствуваше како дома. Во тоа несебично од првата до последната минута им помогна македонската публика, која ги знаеше сите нивни стихови и ноти. Дражен Жериќ Жера, фронтменот на бендот, беше воодушевен од одличниот прием и постојано повторуваше: „Ви благодарам од срце. Сакајте се, љубете се! Да пееме за љубовта". 

Токму љубовта и романтиката ја одржаа „Црвена јабука“ цели 37 години во самиот врв на балканската музика. И покрај многуте пехови и лошо поделени карти на судбината, „Црвена јабука“ успеа да и' подари на публиката безброј безвременски лекции за љубовта. Слатки како црвените јаболка.  

Жера и песните за љубовта, успеаа да опстојат и покрај страшната сообраќајка во 1986 година, во која загинаа Дражен Ричл и Аљоша Буха, и покрај војната во Југославија, и покрај разделбата со главниот автор на бендот, Златко Арсланагиќ. 

Жера упорно и постојано го воскреснуваше одличниот бенд со нови и талентирани музичари и секаде низ светот ја продолжуваше својата мисија за љубовта, наречена „Црвена јабука“. Но, не сакаше да живее на стара слава, па многубројните прекрасни балади и побрзи рок теми, добија и свои наследнички, во неколкуте нови и одлични албуми, кои бендот ги издаде во последните години. Хитовите на Ричл и Арсланагиќ, добија свои модерни пандани преку делата на Мирко Шенковски - Џеронимо, кој е доминантно присутен како автор на последните два албума на Јабука, заедно со уште некои талентирани сараевски автори.. 

За скопските концерти Жера се одлучи да игра на сигурна карта. Со песните што сите ги знаеме и ги пееме повеќе од три децении. Со тие волшебни емотивни текстови, полни со тага, севдах и надеж. 

А дека сите среќници што успеаа во тие неколку часа да го обезбедат својот билет, ќе имаат незаборавна пролетна вечер, беше јасно уште после првата песна. „Са твојих усана". Една од најубавите балади на сите времиња, дело на Златко Арсланагиќ, создадено во 1985 година. Песна за која Бобан Милошески од Авалон продукција (која беспрекорно го организираше овој величествен концерт, одбележувајќи ја 30 годишната успешна работа)) знае да каже дека е како сараевска "Yesterday". Публиката воодушевено ја пречека својата омилена љубовна химна и силно и во еден глас ја испеа како најубав хор. 

Следуваа антологиските „Не дам да овај осеќај оде" и „Волио би да си ту", а веќе следната тема – „Бјежи кишо с прозора" (огромен хит на Дражен Ричл), ја крена публиката на нозе, која така остана да пее и танцува и следните два часа. 

А во неа имаше припадници од сите генерации. И млади, кои не биле ни родени кога момчињата од Јабука ги создавале своите музички фаворити и сонувале за парче слава. Но, и повозрасни дами и господа, кои растеле, се вљубувале, плачеле и сонувале со песните на овој сараевски бенд. Заедничко за сите нив беше што два ипол часа не ги штедеа своите емоции и гласно и силно испраќаа безрој љубовни пораки кон универзумот. За инает на сите чуда што ни се случуваа во изминатите неколку години. Како доказ дека љубовта може и ќе победи се'.  

Прекрасните „Туго, несреќо", „То ми ради", „Туга, ти и ја", „Нема више времена", „Бацила је све низ ријеку", но и нашата „Ако умрам, ил загинам" (дело на големиот Јонче Христовски) - уште долго одѕвонуваа покрај кејот на Вардар во тивката мартовска ноќ. До следната средба вечерва на истото место, со омиленото музичко овошје од Сараево. Долгиот бис и уште подолгите аплаузи на публиката, се уште еден доказ дека песните на „Црвена јабука“ се секогаш на бис во нашите срца. 

Да, техното, РНБ, хаусот и другите модерни музички правци го окупираа светот, но, романтиката, топлите акорди и љубовните стихови откорнати од срце, се уште не се даваат... Сé додека публиката ги сака и ги пее.


Соња Алексоска Неделковска

Фото: Вангел Тануровски

ГАЛЕРИЈА: