ЦУКЕРО ЈА ОСВОИ САМОИЛОВАTA ТВРДИНА: Романтичен концерт на италијанскиот музичар во Охрид

Добивај вести на Viber

Тоа што место на Античкиот театар се одржа во спортската сала „Билјанини извори“ , не го расипа концертот на Цукеро, сношти во Охрид. Како за беља, во текот на вечерта воопшто не заврна, а настанот се премести поради најавеното лошо време.

Се едно, квалитетот кој италијанскиот музичар со светска слава го понуди, не може да се оспори. Без оглед на неромантичната локација, добивме романтичен концерт, технички одличен, со перфектно озвучување и осветлување. За тоа најмногу придонесоа италијанските блуз балади и уникатниот вокал на на Цукеро, со вистинско име Алдемо Форначиари. Публиката топло го прифати од првата минута. Сите беа на нозе, веднаш штом ги повика на танц на хитот „Baila Morena", а се растажија кога Павароти запеа од видео бимот во дуетската песна "Miserere". „Ова е за Лучијано“, рече Цукеро аплаудијарјќи со публиката.

Без оглед на неромантичната локација, добивме романтичен концерт, технички одличен, со перфектно озвучување и осветлување

„Веќе две години сме на оваа турнеа и го вртиме светот, но за прв пат сме во Македонија. Требаше да свириме во отворен театар, но..., метео, метео. Следен пат“, и се обрати тој на публиката. Цукеро зборуваше половина на англиски, половина на италијански. Последните песни, кои ги остави за бис ги најави на својот мајчин јазик. За крај очекувано ја слушнавме „Senza Una Donna“ проследена со многу вресоци. „Благодарам Македонија, и со среќа“, рече Цукеро на македонски јазик.

Славниот музичар речиси целиот ден пред концертот го посвети на обиколка на Охрид. Организаторите на концертот, „Авалон“ продукција велат дека шетал без многу придружба, со неговата екипа и за Охрид рекол: „Ова е прекрасен град“. На својот инстаграм профил, Цукеро обави слика од местото кое изгледа најмногу го бендисал, Самоиловата тврдина. 

Милица Џаровска