Д-р Светлана Смугреска, педијатар: Најважна е довербата лекар-пациент
Д-р Светлана Смугреска околу две децении работи како педијатар во амбулантата во населба Драчево. Важи за една од најпозитивните личности меѓу лекарите и пациентите. Децата како што вели во интервју за Женски Магазин, се нејзини најдраги и искрени пријатели, а најголема награда е нивната насмевка и благодарност. Кариерата се сеќава дека ја започнала во селска амбуланта во Волково, а од самите почетоци во професијата внесувала позитивна енергија, знаење и искрен пристап. Тоа за неа е тајната која и низ годините ја прави доктор кому довербата и благодарноста од пациентите му е најдрагоцена.
Според неа нема родител кој не би направил сè за своето дете и секогаш ќе го вложи својот максимум за да го заштити и усреќи своето најмило. Оттука сиот нејзин професионален труд, грижа и максималната посветеност и кон родителите и кон децата се возвраќа со почитување и благодарност. Потсетува дека најважно е да се создаде доверба на релација лекар-пациент. Како што вели лекарот мора да води сметка за достигањата на медицинската наука и за начелата на стручното однесување и при тоа слободно да ги избира методата и начинот на лекувањето. А кога решава за начинот на лекувањето, должен е да се потпира врз своето значење и совест но и потребата на пациентот.
Смугреска: Јас како лекар кариерата ја започнав во селска амбуланта во селото Волково каде го стекнав првото мое искуство како доктор на популација од 0 до 100 години.Во лекувањето го имплементирав сето мое знаење стекнато со студирањето, но го надополнував со стекнатото искуство пренесено од моите постари колеги кои работеа со години во селска амбуланта. Користев многу медицински списанија и журнали и бев зачленета на многу европски конгреси. Потоа продолжив како доктор во ЈОУДГ 13ТИ НОЕМВРИ и го следев растот и развојот и исхраната на децата од јасли до голема група.Тоа искуство ме збогати со знаење од профилактички тип како да се спроведе превенцијата за да не се шират болестите во групи. Работното искуство посебно го збогатив кога станав доктор во дежурната екипа на детскиот оддел во поликлиниката Бит пазар.Таму научив да се справувам со сите ургентни состојби во кои може да се најде детето. Потоа продолжив во превентивната служба детски диспанзер Црниче каде што работев само на вакцини. Тогаш учев за вакцините, имунизацијата и нивното дејствување. Од таму веќе започнав со специјализација на детската клиника на педијатрија каде што останав четири години. Специјализацијата ја завршив пред време, а тоа беше посебно искуство за мене. На секој оддел на кој бев распределена морав да полагам колоквиуми и испити пред двајца професори, учествував во визити, пишување на отпусни листи, анамнези. Во тој период почнав да пишувам и да учествувам на бројни конгреси во земјава и надвор од неа со мои лични трудови. По специјализацијата продолжив како педијатар во Драчево во која останав до концесионерство и сега сум концесионер десет години.
Женски Магазин - Која беше пресудната одлука да ја работите оваа професија?
Смугреска: Од секогаш имав афинитет да работам со деца. Мајка сум на три деца, а пресудно беше да станам педијатар поради моето трето дете кое беше често пати болно. На четири годишна возраст му беше дијагностицирана бронхијална астма. Прочитав многу литература, посебно руска, ги следев упатствата на лекарите и професорите од болницата во Козле и за кратко време мојата ќерка немаше потреба од спрејови кои за мене беа посебна тортура. Потоа веќе спремна со знаење се пријавив на специјализација по педијатрија.
Женски Магазин - Изминативе неколку години се случи масовен егзодус на млади високо образовани кадри, особено од лекарската фела. Лекарите се барани надвор, дефицитарни но не платени дома. Како да се надминат овие проблеми?
Смугреска: Стимулацијата ја гледам во подобрување на нашиот здравствен систем, отворање на места за нивно вработување но не за плати под просек туку плата што доликува на доктор. Потоа брзо и лесно да се добие и таа да не биде како нов факултет туку како едукација која ќе стимулира и гради специјалист со знаење без голема тортура. Тогаш тие самите ќе се стимулираат да одат на симпозиуми, конгреси во кои покрај другарството ќе се стекнуваат и со нови знаења.
Женски Магазин - Многу се зборуваше за воведување на институцијата семеен лекар, редефинирање на здравствената мрежа и на пакетот на основни услуги, финансирањето на здравствениот сектор, подигнување на квалитетот на здравствените услуги. Во пракса со што се соочуваме?
Смугреска: Семејниот лекар подолго време перзистира во светски размери, ги згрижува пациентите од најрана до најстара возраст, со тоа што сите итни и ургентни состојби ги решава ургентниот центар. Ние како остаток од стариот социјалистички режим сè уште имаме во примарната пракса и гинеколог и педијатар што претставува посебен бенефит за растот и развојот на детето и здравјето на жената.
Женски Магазин - Лекарот игра важна улога во здравствената заштита но и во градењето на меѓусебната доверба. Односот лекар-пациент се гради врз основа на заемно почитување, доверба и комуникација.Какви се Вашите искуства?
Смугреска: Довербата во лекарот е битен сегмент во лекувањето. Меѓусебната емпатија секогаш ќе вроди со плод ако се следат советите и упатствата на матичниот доктор. Тогаш нема да има грешки во лекувањето, ниту во дијагнозата. Ако пациентот во лекувањето често користи мнение и од други доктори или извори тогаш третманот секогаш завршува лошо.
Женски Магазин-Често пациентите ги збунува медицинска терминологија. Според кажувањата на дел од вашите пациенти, Вие важите за лекар кој на едноставен, наративен, но пред сѐ и професионален и пријателски пристап влевате доверба кај нив, а потоа дијагностицирате, советувате и лекувајте. Како ја оценувате оваа комуникација?
Смугреска: Токму така. Докторот треба на народен начин на пациентот да му објасни како ќе тече лекувањето, неговата состојба.Што помалку медицинска терминологија, поедноставно кажано, со пријателски пристап кон пациентот, докторот ќе внесе доверба, полесно ќе дијагностицира, лесно ќе спроведе лекување и советување.
Женски Магазин - Како и каде ја црпите енергијата, што Ве прави среќна и исполнета?
Смугреска: Енергијата ја црпам од моите пациенти, среќна сум кога се тие со мене, кога меѓу мене и нив постои пријателски и другарски однос, се радувам кога секоја нивна болест лесно се решава без користење терапија. Задоволна сум од тоа што го работам, среќна сум што сум педијатар и бескрајно ги љубам децата. Лекувањето на децата изискува посебна енергија, умешност и знаење која поради состојбата во државата морам да ги црпам од европските и светските педијатриски конгреси.
С.Б.