Д-р Васко Ристов, директор на НОБ: Понекогаш се прашувам ќе беше ли сѐ поинаку, ако Тоше не се откажеше од најголемата желба
Иако одамна нѐ напушти, многу случки, настани и приказни за Тоше Проески, останаа нераскажани од неговите соработници и пријатели. Секој од нив го слуша внатрешниот глас, кој го иницира да прозбори и да го сподели споменот за легендарниот пејач, без разлика дали тоа е денот на трагичната несреќа или на неговото раѓање.
Еден од нив е и д-р Васко Ристов, директор на НОБ и редовен професор на Факултетот за музичка уметност.
- Тоше Проески беше омилен кај сите и во Опера и на Факултетот. Многу ме почитуваше. Во периодот 2005 – 2006 година кога бев уметнички директор на Опера, беше чест гостин во нашиот дом. Се договаравме да почне да се подготвува за главната улога во операта „Тоска“. Беше многу заинтересиран и среќен. Едно утро кога дојде кај мене на работа да разговаравме за неговиот ангажман ми рече: „Профeсоре, сакам да се вработам во Опера и да пеам. Да бидам тука како и сите мои колеги. Сѐ беше договорено за неговата одлука за учество во операта „Тоска“. Кога требаше да почне со проби, се јави неговата менаџерка и го откажа ангажманот. – открива Ристов и додава дека потоа се слушнал со Тоше.
- Ми се извини, ми рече дека му е многу жал. Неговата менаџерка договорила настапи низ Хрватска во тој период. Ми се довери и за причината за таа турнеја. Последен пат се видовме на улица Македонија. Застана со автомобилот, излезе, се прегрнавме и се договоривме да седнеме во некој ресторан на ручек. Не се видовме повеќе. Понекогаш се прашувам, ако Тоше не се откажеше од својата најголема желба, дали сѐ ќе беше поинаку? Не знам, можеби - заклучува Ристов
С.А.Н