Д-р Зорица Јовановска: Дигиталните сертификати овозможуваат брз, сигурен и прегледен начин на работа со пациентите

Добивај вести на Viber

Процесот на дигитализација на бизнисите полека станува неизоставен дел од нивното секојдневно функционирање, без разлика на природата на работата или гранката во која оперира бизнисот. Конкуренцијата, потребата да се овозможат побрзи и посигурни услуги, како и подобра комуникација, бараат локалните претприемачи што поскоро да го „дигитализираат“ својот бизнис.

Многу важен чекор кон дигитализација се дигиталните сертификати наменети за потпишување документи кои се издаваат во електронски облик. Ефектот особено го чувствуваат приватните здравствени установи, кои наидоа на голем број промени во работењето последните неколку години. Таков е случајот и со приватната здравствена установа на д-р Зорица Јовановска од Куманово, која веќе користи дигитални сертификати во работниот процес. 

„По барање на ФЗОМ, моравме да инсталираме дигитален сертификат за да можеме да функционираме по електронски пат, како што налагаа условите. Тогаш се соочивме (како ПЗУ) со еден нов момент т.е. потреба од електронска „лична карта“ бидејќи истече рокот на нашите електронски здравствени картички. Се одлучивме за дигиталните сертификати од Македонски Телеком, како компанија која располага со најнова технологија и едуциран кадар. Тоа го покажаа на дело, со брза инсталација и одличен агент кој секогаш ни е на располагање за помош“, вели д-р Зорица Јовановска.

Дигиталните сертификати, како мошне ново, но недоволно искористено решение, претставуваат брз, сигурен и прегледен начин за поедноставување на работењето со деловните документи. Со нив се потврдува идентитетот на корисникот и веродостојноста на испратениот документ, или поедноставно кажано – електронската комуникација станува безбедна. Дополнително, тие овозможуваат заштеда на време, поголема прегледност и подобро следење на документите, работата за да се одвива поефикасно.

„Самите сертификати ни овозможуваат електронско пријавување на пациентите и креирање месечни фактури. Од самиот почеток, ние функционираме беспрекорно и сме задоволни, затоа дигиталните сертификати би ги препорачала не само на ординациите и аптеки, туку и на сите видови бизнис“, додава д-р Зорица Јовановска.

Некому се потреба, некому алатка за олеснување на работата – но мора да се согласиме дека дигиталните решенија нудат одговор на многу прашања, покажувајќи дека дигиталната револуција е веќе длабоко навлезена во современиот живот.