Да го ослободиме Скопје
Родена сум во Скопје пред (скоро) педесет и
една година. Ако тргнеме од бројот на годините кои ги имам, на прагот сум за да
можете да кажете дека сум стара скопјанка (ова е шега на моја сметка). Ако
тргнеме по потеклото, никогаш не само што нема да бидам стара скопјанка, туку
ниту Нина ќе може да се пофали со тој епитет кој за многумина е престиж. Мајка
ми потекнува од Битола, дојдена тука на студии каде што повторно го сретнува
татко ми после повеќе од една деценија. Или, ајде од почеток за да не ве збунам.
Татко ми е родум од Прилеп (големо Коњари), а доаѓа да живее во Битола откако дедо ми добил работа таму. Со мајка ми се знаат од основно училиште, кога ѝ ја искубал косата оти имало некое недоразбирање меѓу нив (и сега дури го пишувам ова не сум сигурна дали беше кубење или шлаканица, а ми е шубе да се јавувам да прашам за да не им отворам поле за евоцирање спомени од типот “мме, кој прв почна”). Тогаш за прв пат се запознаваат моите дедовци -подоцна сватови, откако едниот (таткото на мајка ми) отишол кај другиот за да се расчисти работата со постапката на татко ми. Патем речено, татко ми и ден денес е еден од најпитомите и најкротките луѓе кои ги знам и избегнува секаква конфликтна ситуација. Ама тогаш, ете, белјата била направена и мајка ми го запаметила како “силеџија”. Нејсе, минуваат години и Виолета доаѓа во Скопје на студии. Татко ми, како постар една година од неа веќе е тука и сосем случајно коцките се редат за да излезат заедно. Можете само да ја замислите “воодушевеноста” на мајка ми кога сфатила со кој Бунте треба да излезе, но и покрај сите мрчења, фрчења и снамќоросувања, епилогот сум јас, родена во 1972 година во државна болница.
Ако ме прашате дали се чувствувам како скопјанка, ич не знам што да ви кажам. Заклучно со навршени 15, повеќе бев битолчанка отколку скопјанка. Битола ја знаев на долго и на широко, сите сокаци, ќошиња, ги знаев луѓето и нивните навики. Можев мижеечки да прошетам низ градот, во кој ја имав првата симпатија а и разочарувањето дека го надраснав за глава и половина. Низ годината времето го врвев во броење денови до одење во Битола. После работите се сменија. Почнав да го чувствувам Скопје поинаку, да сакам да го откривам, мирисам, вкусувам. Одев поретко во Битола, за жал не можам да се пофалам дека сум била во Прилеп повеќе од неколку пати и тоа како помала. Блискоста со Скопје ми беше како една од оние врски кои никогаш не почнуваат со љубов на прв поглед (како во филмовите кога го имате она пресудно БААААААААААМ од кое нема веќе назад), туку како несигурни чекори кон пријателство кое станува силно, па на крај откривате дека всушност не е пријателство туку е љубов во прашање.
Врската со Скопје ми започна во пубертетот. Како тинејџерка доживеав откровение кога сфатив колку го љубам Скопјево. Минување на детството во центарот на градот си имаше предности во шпартање насекаде без да ми е шубе како ќе се вратам дома. Башка, си имав и другарка за акање (со точаци или ролшуи) која живееше во влезот до мојот, а и двете си одевме за Битола оти и таа имаше потекло оттаму (те сакам Наташа Бакалова). Кон крај на средно веќе имав сериозна врска со Скопје. Секоја вечер бевме заедно, не постоеше дел од градот кој ми беше непознат. Љубовта ни стануваше се’ подлабока и посериозна. Мирисот на градот беше дел од мојот мирис, чекорот ми беше вграден во асфалтот кај Собрание и во калдрмата во Стара чаршија. Тогашното Скопје беше полно тополи и зеленила кои ги нудеа најубавите сенки во лето и во чии крошни птиците црцореа. Јадевме сендвичи од кај чичко Стоилко, пици и панцероти од Жито Лукс, колачи од Крин во ГТЦ. Излегувавме во ЗЗ Топ и Ван Гог, по дискотеки не одев баш многу, ама секогаш знаев каде беа најдобрите забави и журки. Ја обожував секој коцка од калдрмата, можев на штикла 12-ка да ја истрчам цела чаршија (сега на прав пат не можам ни 2 чекори на штикли да направам).
Го дишев градов силно и длабоко, колку што можев да земам воздух. Мирисаше на нешто што го знаев и препознавав, ама никако не можев да го дефинирам. Дури откако созреав, ми стана јасно дека тоа е мирисот на безусловната љубов.
Кога престана Скопје да личи на себе, не знам. Мислам дека проектот “Скопје 2014” (монструозното силување на градот) беше само докусурување на нешто што започна да умира претходно. Како да се изгуби магијата, како да се спушти магла сочинета од суета, распашаност, фраерлук без покритие. Наеднаш стана многу важно кој е стар скопјанец, а кој е дојденец. Престана да биде важно кој фрла смет низ балкони и пенџериња, кој плука и џиткосува пикавци по улици, кој го сквернави изгледот на градот. Најважно беше да се истакне дали си родум оттука или си “провинцијалец”. И почна ривалството, анимозитетот, презирот. Оние кои себе се сметаа за стари скопјани (секоја чест на исклучоците кои останаа реални) тврдеа дека градот го расипаа дојденците кои немаа однос кон “метрополата” (да простите, ама излезе како луѓето од другите градови да живеат во камено доба). Оние кои доаѓаа во Скопје, ги презираа жителите и градот од немоќ дека (факт) се вложуваше само во изградба на главниот град, а со тоа се намалија можностите во помалите градови. И да, не доаѓаа и не доаѓаат од други градови тука оти не сакаат да останат во своите места, туку дека немаат можности и начини како да заработат во помалите градови.
Се жалиме на загаденост, гужви, пренаселеност. Се жалиме на отежнат сообраќај, некултура во истиот, некултура во секој можен сегмент од живеачкава. Непријатели сме си сами на себе, а градов....ех. Кутрово Скопје никогаш повеќе од сега не било под опсада на луѓе кои не го сакаат. И нељубовта кон градот прерасна во нељубов кон општото живеење тука. На сета оваа концентрација на луѓе, не смогнавме сила да одржиме баланс со кој нема да се дозволи празнење на другите градови, за сметка на презаситеност тука. И покрај сите (демек) пари кои се слеваат во Скопје, пак ќе кубуриме со смет, отсуство на улично осветлување, немање ред, дивеење и ноќни трки со автомобили, катастрофални услови по ученичките и студентските домови. Се’ уште со пилата си го сечеме дрвото на кое седиме, притоа надевајќи се наивно дека нема да паднеме.
Скопје не е слободно и нема да биде, додека не научиме да го сакаме како што доликува. Скопје е многу повеќе од само главен град полн бетон, бучава, корупција, гнасотилак.
И повторно ако ме прашате, не знам да ви кажам дали сум скопјанка. И ако ме прашате каде би живеела, а да е на територија на Македонија...можам веднаш да набројам барем 2-3 места. Дел од годината би минала во Охрид, градот кој ме гушка најубаво и во кој душава ми мириса на спокој. Дел, ама мал дел од годината би минала во Битола (премногу ме болат спомените таму, за да можам да останам долго) каде би си ги вратила соништата од детството, а дел би седела во Скопје, мојата љубов од младоста која и ден-денес ми создава пеперутки во стомакот. Знаете, нема да можам никогаш да се пофалам дека 3-4 поколенија наназад ми се од Скопје, нема да можам да се закитам со сленгот кој го имаат старите скопјани и нема да можам да прераскажувам случки кои датираат ехеееее, години и години пред да се доселат моите тука.
Она што можам е да го љубам и чувам градов како што заслужува. Допрва следи борбата за ослободување на Скопје од сета омраза и негрижа од своите.
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
мојот град едно време мирисаше на љубов
секое скриено ќоше имаше своја приказна
за таму, некои двајца кои се сакале
а сега тие двајца веќе имаат големи деца
и одвреме-навреме шетаат навечер
и уште дланките пикнати една в друга им се
ама градов веќе не им мириса исто
ех
мојот град едно време душа имаше
и шумолеше на ветрот небаре ти зборува
и во најстудените денови топлеше
а можеби и печените костени си го правеа своето
ама мојот град не беше ваков
не беше толку бучен
како невротична жена во ПМС
или не дај Боже во климактериум
ниту вака вулгарно изгледаше
што во споредба со него
ноќните дами се навистина дами
ниту пак бил некогаш толку тажен
толку кловновски смешен и вештачки побелен
што сигурно му иде да си ја извади шминката за да здивне
мојот град умееше да ги сака луѓето што во него живееја
да ги слуша и чува
а не како сега кога повеќе не ги поднесува
кога му е мака од нашите ѓонови
и кикотењата кои одекнуваат празно
мојот град остаре
се подгрбаве
се умори
личи на изнемоштен старец
кој кренал бело знаме
и кому му е доста од годините во мака врвени
та сега чека смртта да му дојде како спас
а таа
таа никогаш не доаѓа кога некому треба
туку тогаш кога поплукуваме за да не дојде
мојот град
мојот тажен град одамна не е мој
ниту пак повеќе јас негова сум
се одродивме
се заборавивме
иако мене уште на мирисот негов ми текнува
на мирисот на мојата душа
на мојата младост
на мојот насила убиен град
на мојот грд, а толку прекрасен град