Да останеме на добрата страна од животот: Интервју со Кирил Насков од сноуборд клубот „Полар“

Основна дејност на сноуборд клубот „Полар“ е организирање на школи, кампови и натпревари за сноубординг, скијање и вејкбординг. Дополнително клубот се занимава и со организација на кампови за планински велосипедизам, виндсурфинг, планинарење, риболов и слични спортски активности во природа. Во клубот работат тренери со меѓународно признати лиценци и членуваат просечно по 100-тина членови годишно. За успесите на „Полар“, за искуствата кои „пукат“ од адреналин и за предизвиците во екот на сезоната, разговаравме со Кирил Насков, претседател на клубот, магистер по спортска психологија, тренер по сноубординг, татко на две ќерки, сопруг и, како што на шега вели, рибар во средновечна криза.

* Клубот Полар има богата традиција. На кои Ваши досегашни успеси сте особено горди?

- Клубот „Полар“ постои од 1996 година, а годинава планираме прослава - 23 години постоење. Убава бројка за јубилеј, не мора да е 20 или 25. Успех на кој сме горди е тоа што сме различни од другите клубови, па така, едно време хит за слушање во комбе ни беше песната „Тотално другчији од других“ од Вјештице. И не само оваа, и многу други, кои се надевам ќе бидат дел од репортоарот на прославата (рефрени од „Забрањено Пушење“, „Хладно Пиво“, Дејвид Боуви, Иги Поп, „Арктик Манкис“..). Сепак и ова е знак од таа средновечна криза, потребата да биде признаен и одбележан нечиј долгогодишен труд, па и да се ќари некој аплауз.

Во „Полар“ членувале, спортувале и се дружеле неколку генерации и веруваме дека сме придонеле тие да станат здрави личности, добри спортисти и пријатели. И нескромно би било за ова само да се зборува во прво лице еднина. Во борбата да се остане на позитивната т.е. добрата страна на животот, значајна улога имаат голем број луѓе кои безрезервно ја поддржуваат оваа идеја и даваа/т огромен придонес „Полар“ да има, како што викате вие, богата традиција. Би било предолг текст за да ги спомнувам поединечно, а и се плашам дека ќе заборавам некого да спомнам, што би било многу навредливо. Дел од нив се на нашата интернет страна во делот „ТИМОТ“, дел веќе не се активни, тука се и основачите... Би сакал да им се заблагодарам на сите ним, секако и на моето семејсво, а и на нашите пријатели кои нѐ поддржуваат низ годините.

Покрај спортот, за нас е важно сите наши членови да развијат и негуваат и други квалитети. Тука, пред сè, мислам на здрав начин на живот, а разговараме на најразлични теми од областа на културата, образованието, спортот, сексуалното образование... Разговараме отворено за неубави работи кои што може да ги сретнете на улица,  за дрога, алкохол, цигари... Кратко сумирано, се обидуваме да ги насочиме нашите членови да останат на добрата страна од животот и сето тоа се одвива спонтано и непосредно. Ако мене ме прашувате, тоа ме прави особено горд. Ме прави горд и уживам во учењето на биологија со натпреварувачите кога се враќаме со комбе од тренинг во Австрија, разговорите и разработката на песни и текстови. Но, морам да додадам и дека ме прави горд кога некој значително ќе ја поправи својата техника за скијање или бордање за кратко време во нашиот клуб.

Во однос на спортските резултати би го издвоил првото место на 6-та Светската ФИС ранг листа за сезона 2008/2009 во Слуп Стајл на Андреа Угриновска. А неколку девојки во перод од 4 години беа во најдобрите 10 во светот (тука е и Ана Пајковска). Сепак, во таа генерација на први македонски фристајл сноубордери имаше и други добри натпреварувачи. Но, таа генерација ја красеше неверојатно добра дружба и сплотеност.

Во Пампорово во јануари минатата година

* Дополнително клубот се занимава и со организација на кампови за планински велосипедизам, виндсурфинг, планинарење, риболов и слични спортски активности во природа. Кои локации најчесто ги одбирате?

- Покрај тренинзите на снег мора останатото време да го пополниме и со други активности. И така имаме циклус со активности во текот на целата година, а паузираме само од 10. јули до 20. август.

Во целиот процес особено важни се кондиционите тренинзи кои ги одржуваме во салата во О.О.У. Јан Амос Коменски. Имаме 4 термини неделно и тоа трае до 1998 година па наваму. Тренинзите ги посетуваат во просек околу 30 деца на возраст од 8 до 16 години. Во летниот период организираме школа за скијање на вода. Последниве 6-7 години сме во Вурвуру во Грција. Покрај главната активност која е скијање на вода, имаме и други активности како сурфање, кајакарење, риболов.. Ве поканувам да го посетите нашиот сајт и да ги погледнете галериите, а можете да нѐ следите и на Фејсбук и на Инстаграм.

* Интересот за сноубордингот кај нас секоја година сè повеќе се зголемува. Како долгогодишен инструктор што е она што на почетокот им го нагласувате на оние кои се заинтересирани да го практикуваат овој возбудлив спорт?

- Како инструктор им препорачувам на луѓето да научат побрзо да бордаат и да не губат многу време и пари. Најевтини опции, се всушност, на прв поглед најскапите варијанти, а тоа е да земете учител само за вас т.е. еден на еден и да се изнајми или купи квалитетна опрема (да речеме од  Дроп ИН). Така најбрзо и највалитетно ќе научите. Нашето искуство вели дека со нашите инструктори во варијантата еден на еден, за три дена ќе може комотно да ги спуштате сите стази во Маврово.

Вејкбординг во Вурвуру

* Спортските резултати не доаѓаат преку ноќ, напротив потребен е повеќегодишен тренинг. Колку на Вашите тренери им успева да наметнат дисциплина на терен кој едноставно пука од адреналин?

- Кога ќе ме прашаат за дисциплина, а тоа ме прашуваат и родителите, одговарам дека нашиот спорт не е карате. Но, сепак безбедноста е на прво место. И ова е една од работите на која сум особено горд. Сметам дека поставуваме одличен баланс - што е исклучително тешко. Да не бидеме досадни тутори, а сепак да бидеме многу внимателни. Затоа, некогаш е потребно и да се викне, а некогаш да бидеме толерантни и блиски како најдобри другари. Улогата на тренерот е многу комлексна.. Тоа ми беше прашање за завршен испит на постдипломските студии и всушност беше наједноставното прашање. Во одговорот ги изнаредив сите можни функции, без посебно да мислам на нивната примена - и секако во ниедна немаше шанси да погрешам... Мајка, татко, лекар, инструктор, психолог, кувар, сервисер за опрема... што сѐ не изнапишав  (се смее).

Сепак морам да нагласам дека станува збор за ризичен спорт, поврзан со многу патувања што уште повеќе ја усложнува работата. Сите кои се вклучуваат во овие активности се свесни за ризикот и самостално го прифаќаат со потпишување на пристапница. Но, иако сметам дека преземаме максимални напори и внимаваме на многу детали, сепак на крај се молиме и сме благодарни на Бога да што не чува како до сега, така и понатаму.

* Впечатокот кај многумина е дека скијањето е скап спорт. Дали Вашиот клуб има стартегија како да им го приближи и на оние ентузијасти кои можеби и немаат доволно средства да си го дозволат?

- Нашиот клуб организирал доста промотивни активности во изминатиот период, но за жал спортот е скап и многу е тешко да се дејствува во помагање на ентузијасти. Бидејќи во секој спорт прво треба да направите некаков резултат, па потоа да барате поддршка. Сепак, и државата преку Агенцијата за Млади и Спорт преку одредени мерки кои се прават внесуваат позитивен ветер во нашите едра. Секако, тука е и Скијачката Федерација на Македонија, која за репрезентативците од нашиот клуб дава поддршка која ни значи многу. Бидејќи имаме соработка со неколку фирми за опрема, нашите членовии имаат попусти за набавка на истата. Се надеваме дека некако успеваме да направиме баланс и да ги олесниме работите.

Забавни игри за членовите на клубот

* Кои повреди се најчести при скијање? Кои се досегашните искуства на клубот?

- Не баш драга тема за муабет.. Во клубот негуваме алпско скијање и сноубординг, статистички најчести повреди на бордерите се дланките и подлактиците, а кај скијачите колената. За жал, имаме многу непријатни искуства со повреди, но се трудиме да бидеме внимателни и да останеме во добра физичка подготвеност како би го намалиле ризикот. Следнава тема некако ми изгледа попримамлива за пишување..

* Основна дејност на клубот е организирање на школи, кампови и натпревари за сноубординг, скијање и вејкбординг. Каква е заинтересираноста за оваа сезона, на што најмногу сте фокусирани во моментов?

- На 21 декември бевме во Црна Гора на Жабљак каде 17 наши инструктори ги обновија своите меѓународни лиценци за ски и сноуборд учители за 2019. Сега за распуст следи нашата ски и сноуборд школа, а потоа ќе се посветиме на натпревари. На крајот на Февруари организираме меѓународен ФИС натпревар во Маврово во фристајл скијање и бордање - оваа година е 18тото издание на овој натпревар.

Се радуваме на долгоочекуваниот систем за вештачки снег во Маврово каде се надеваме дека годинава ќе има новитети кои ќе не привлечат. Заинетресираноста е во пораст и се трудиме да ги следиме трендовите. Во моментов има многу добра млада екипа со голема желба за бордање и се надевам дека следува одличен период.

Ѓорге Стојанов