Љубовната приказна на Мишко и Тања Иванови: Се вљубивме на интервју

Добивај вести на Viber

На социјалните мрежи често објавуваат заеднички фотографии, надополнети со изливи на љубов и почит. Ако лично ги запознаете, ќе се уверите дека секој напишан збор е вистина. Љубовта е видлива во нивните очи и делуваат среќно како брачна двојка. Бидејќи и двајцата се јавни личности, а професиите им се „испреплетуваат“, за себе велат дека се 3 во 1 - и партнери и другари и соработници.

Мишко Иванов, успешен новинар, магистер по односи со јавноста, завршил правен факултет на УКИМ Скопје. Во неговото портфолио се запишани: Награда 8 Ноември на град Штип за придонес во новинарството, Награда на емисијата „Бекстејџ“ за најдобар ТВ проект – „Патот до успехот“. За истата емисија освоил и „Златна Буба Мара на популарноста“. Последната е и најзначајна - Државна награда за новинарство Мито Хаџивасилев Јасмин.

Проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова, редовен професор на Институт за социологија, Филозофски факултет, УКИМ Скопје. Била студент на генерација. Во брак се 12 години.

Мишко Иванов моментно е актуелен со поткастот „Бизнис муабети“, одличен заеднички проект со сајтот Фактор.мк. Нивната заедничка цел е да ги разбијат табуата во Македонија дека и ние имаме успешни бизнисмени и дека треба да ги гаиме. Вели дека има многу успешни приказни, само што кај нас убави вести не наоѓаат место по медиумите. 

ЖМ: Вуди Ален во една пригода истакнал: „Срцето го сака она што го сака. Нема логика во овие работи. Се запознаваш со некого и се вљубуваш.“ Мишко, кога и каде се запозна со Татјана и дали веднаш се вљуби во неа? 

Мишко: Се запознавме на снимање, јас како новинар во економска редакција на А1 ТВ, таа како универзитетски професор. Беше тоа септември, 2010 година. Се подготвуваше „Индекс“, економски магазин на А1 ТВ, а тема беше Скопје 2014 од социолошкиот дискурс. На колегиум договараме кој што ќе работи, јас требаше да најдам социолог. Еден колега ми предложи да ја побарам Тања Стојановска, бидејќи е одличен соговорник. Ја побарав, но таа ме одби бидејќи не беше во Скопје и ми даде броеви од нејзини колеги. Но, како велат кога треба да биде - ќе биде. Јас упорен пак и ѕвонам и ѝ велам: „Овде Мишко од А1 ТВ, ми треба изјава, таа зачудена од мојата упорност прифаќа.“ Ми рече дојдете вторник, а јас појма немам која е таа. Отидов да ја снимам и кога се видовме, двајцата подзастанавме неколку секунди. Се гледавме, како да сме се барале со години. Службениот дел го завршивме и се поздравивме. Потоа почнавме и приватно да комуницираме и приказната продолжи. 

ЖМ: Како започна вашата врска, колку време бевте заедно пред да стапите во брак? 

Мишко: Околу 2 година бевме во врска, а 6 месеци живеевме заедно. И бракот природно се наметна.

ЖМ: Тања, со што ве освои Мишко? Кои негови особини беа пресудни да кажете „да, тоа е човекот на мојот живот“? 

Тања: По природа отсекогаш сум била многу пребирлива, посебно кога станува збор за партнер. Никогаш не ме импонирале мажи коишто сакаат да ја потенцираат својата мажественост, истакнувајќи ја својата физичка моќ, материјална и слично. И токму затоа не можев да си најдам партнер којшто истовремено ќе биде едноставен и интелектуално поткован со доза на хумор која што е симпатична и секако посебен шарм со посебна внатрешна убавина. Мојата покојна мајка велеше: „со овие ставови никогаш нема да најдеш таков партнер.“ Но, како велат, се местат коцките и уште при првата средба и со само неколку разменети реченици реков: „Еве го тоа што го чекав.“

ЖМ: Мишко, дали долго време размислуваше кога и на каков начин да ја побараш за жена? Или тоа се случи спонтано? 

Мишко: Не, не размислував кога, веднаш знаев дека таа е таа. Но, размислував како и кој ден да ја побарам за жена. Сакав нешто несекојдневно. И решив. Беше април 2012, Велигден, ноќта во 24.00 часот, откако претходно со мојот најдобар другар смислиме план, јас купив прстен и го ставив во јајце. Живо јајце, го испразнивме, направивме внимателно дупка одоздола за да го ставиме прстенот и го бојадисавме со темперни бои. Ноќта во 24.00 часот, кога почнавме да се крцкаме со јајцата, таа прваудри со јајцето, но, не се скрши оти од дупката одоздола попримило вакуум. За момент се насмеав и се збунив, и почнав со прстите да го кршам. Тања немаше поим што се случува, а цело друштво знаеше. Конечно го скршив јајцето и однего излезе прстенот. Клекнав на колена пред црквата Св.Никола во Штип, пред 20.000 - 30.000 илјади луѓе и ја прашав дали ќе се омажи за мене. Таа полна со емоции, неочекуваше, таков спектакл, кажа ДА и се расплака. И веднаш почнавме да ѕвониме по телефони на нашите родители да им ја кажеме убавата вест. А ние продолживме со друштвото во кафеана каде останавме до раните утрински часови. 

ЖМ: Каде се одржа свадбената веселба. Кои се сеќавањата овековечени на фотографии, но и во срцето? 

Тања: Како социолог кој што ги проучувал обичаите и ја негува нашата македонска култура и традиција, сакав и веридба и свадба со сите обичаи и обележја на подрачјата од каде потекнуваме со Мишко. Имав среќа што и тој размислуваше идентично. Навистина направивме една несекојдневна и веридба и свадба. На веридбата прво почнавме со штипскиот обичај да ги ставиме прстените во брашно, потоа во вино, да разменувавме дарови, и вечерта продолживме да прославуваме со 120 родинини и пријатели во дворот на мојата семејна куќа. На свадбата исто така ги имавме сите штипско - струшки обичаи, почнувајќи од доаѓањето на сватовите на чело со „устрчникот“, гласникот или аберџијата кој најавува дека доаѓаат сватовите. Потоа продолживме со земање на невестата, кршење погача над главата на невестата од страна на шаферите, деверчето и деверушата. Продолживме со дарување. Посебен е струшкиот обичај деверите да се даруваат со риза голема крпа за бањање. Потоа се заранивме со кокошка и благи работи, а круна на сѐ беше нашиот несекојдневен прием на гостите и почетокот на свадбената веселба во ресторанот Њу Стар, Визбегово, Скопје на отворено покрај базенот. Имавме 450 гости кои во духот на македонската традиција сите беа пречекани со кавал, тапан, погача, сол и вино, од страна на млади луѓе облечени во народни носии. Немавме класичен танц за почеток на веселбата, туку имавме подготвено изненадување, перформанс повторно во духот на македонската традиција, кадешто заедно со членовите на „Студио Фолклор“ прво излегов јас со младите играорки – гувеење на невстата. Потоа, од другата страна пристигна Мишко, играјќи го машкото оро со играорците облечени во носии и на крај сите заедно се споивме и го изигравме орото „Пембе“. Морам да кажам дека сите гости беа воодушевени од тој настап. А тоа што исто така е вредно да се спомене е и настапот на дел од играорците од Ансамблот „Танец“, кои го играа „Тешкото“, а потоа заедно со нас изиграа повеќе ора, а Мишко дури го качија на тапан.

ЖМ: Мишко, велат дека среќен е оној маж кој ќе го пронајде својот вистински пријател, а најсреќен е оној кој ќе го пронајде во својата сопруга. Дали оваа флоскула важи и за вашиот брак? 

Мишко: Да. Уште повеќе што нашите професии во еден дел се испреплетуваат. И двајцата сме јавни личности. Често се консултираме меѓусебно дали за нејзините или за моите јавни настапи. Двајцата учиме еден од друг, се надополнуваме и надградуваме. Ние сме 3 во 1 - и партнери и другари и соработници. 

ЖМ:Прифаќањето на сопствената индивидуалност и одвоеност е најважната основа на една силна врска. Тања, како е да се живее со новинар, јавна личност? 

Тања: На почетокот ми беше малку чудно, кога во еден по полноќ ќе го побараше на телефон некој колега за да му каже дека станува збор за некој настан, кој е од значење за неговата професија. Но, со текот на времето ќе сфатите дека кога живеете со новинар, тој мора да е достапен 24 часа. Морам да признаам дека некогаш малку знае и да ме излуди, да ме подналути кога на суптилен начин „тренира“ новинарство на мене. На почетокот не можејќи да го сфатам, навистина се нервирав со некои негови тези. Но, потоа сфатив дека тоа било за мое добро, бидејќи некогаш премногу бурно реагирав на одредени настани. Е, тоа е убавината кога живеете со врвен новинар, кој знае да го извлече максимумот од вас.

ЖМ: Како и секој функционален пар, покрај индивидуалноста, умеете ли и взаемно да делувате на ситуациите како добар тим? Кои се вашите заеднички интереси?

Тања: Мислам дека со текот на годините и двајцата толку се прилагодивме еден на друг, што точно знаеме во која ситуација како да реагираме. Взаемноста подразбира толеранција, но во активна смисла на зборот, подразбира духовна сплотеност и начин на мисла и размисла, кои на моменти не знаеш дали ти си ги кажал или твојот партнер. Тоа е големината на учењето еден од друг, прилагодувањето еден кон друг и интеракцијата на еден со друг. И во духот на Волтер некогаш фунцкионираме, дури и да не мислиме идентично, оставме секој да го каже своето мислење.

ЖМ: Имате ли посебен однос кон храната, како израз на размислување и живеење? Кој е задолжен за готвењето? Ги имате ли поделено домашните работи? 

Тања: По нас се гледа дека сме хедонисти, посебно кон храната. Во нашиот дом секој ден има некој пријател, добронамерник, гостин кој ги вкусува специјалитетите кои јас ги приготвувам. Уживам да готвам и со љубов го правам тоа за сите драги луѓе, а посебно за време на викендите кога доаѓаат моите миленички внуките Ана и Мелани, секако и фамилиите мои и од Мишко, како и блиските другари и другарки. Знам да приготвувам по 5 до 6 јадења, да има за секој сладокусец. Убавината на дружењето е споделување на убавите мигови, а тоа ние често го правиме со вкусна храна, добро друштво и убава музика. Она што сакам да го споменам е дека сега готвам и посебна храна за нашиот домашен љубимец - нашето бишонче Тоби, кој веќе 2 години ни го развеселува животот.

ЖМ: Мишко, вашите подкасти кои се емитуваат на фактор.мк се доста гледани и успешни. Колку сте задоволни од вашиот нов ангажман и што ќе се случува со „Патот до успехот“? 

Мишко: Чудни работи се случија откако заминав од ТВ 24, каде поминав 12 години. Времето ќе покаже за што всушност се работело. Како и да е, веднаш се зафатив со отворање на мое студио. Среќа што имам добар кум и добри другари, кои веднаш ми подадоа рака и беа тука со мене да ми помогнат. Јас инвестирав во опрема: камери, рефлектори, микрофони, некои другари помогнаа околу просторот за снимање. Имам неверојатни простории и студио. Други беа нон стоп со мене, постојана поддршка без никаква задршка. Со други драги другари бевме до Грција, да земеме работи за студио кои ги нема во Македонија. Сакам во оваа пригода да се заблагодарам и на „Форма нова“, кои комплет ми го опремија студиото со мебел. Со нив се кликнавме на прва, ја сфатија приказната и веднаш си дадовме рака. Благодарам, Алек. Паралелно со фактор.мк договаравме бизнис муабети. „Бизнис муабети“ е одличен заеднички проект со Фактор.мк. Убеден сум дека ќе доживее уште поголем успех. Целта е да ги разбиеме табуата во Македонија дека и ние имаме успешни бизнисмени и дека треба да ги гаиме. Во Македонија има многу успешни приказни, само што кај нас убави вести не наоѓаат место по медиумите. Сакаме да го разбиеме митот дека во Македонија успешен бизнисмен мора да станал на нечесен начин. Тоа е сосема погрешно. Мислам дека е време да ги разбиеме тие митови. Македонија е земја на успешни бизнис приказни, тоа се бизнисмени кои вработуваат илјадници луѓе, има бизнис приказни на млади луѓе кои не сакаат да се појавуваат во јавност, а идејата е баш да кажат како се почнува успешна бизнис приказна. Сакаме да видиме дали има милијардери во Македонија? И многу други работи... Што се однесува до „Патот до успехот“, се надевам од септември - октомври како проект во друга форма ќе најде место на некоја ТВ станица. Во моментот фокусиран сум на отворање на моја продукција, продукциска куќа каде ќе работам многу- „Продукција 10 Мишко“.

ЖМ: Тања, на што се насочени вашите професионални ангажмани? 

Тања: Освен редовните активности на факултет, во моментот работам на кампања под покровителство на Општина Центар за подигање на свеста кај младите против девијантните однесувања и меѓуврсничко насилство. Исто така ќе се приклучат и други општини кои покажаа заинтересираност за оваа проблематика. Држиме и обуки со колешки од Филозофски факултет посветени на меѓуврсничкото насилство, моралните норми и вредности кај младите и менталното здравје. До крајот на годината секако ме чекаат уште неколку домашни и меѓународни конференции, издавање на неколку стручни трудови, брошура и книга.

Соња Алексоска Неделковска