„Не се правам што би рекле ние „кој сум јас“- Помагам на секој колку што можам и не делам на богат или сиромашен: Интервју со метео прогнозерот Славчо Попоски

Добивај вести на Viber

Предвидувањето на големото невреме во 2016 година во Стајковци и поплавата која однесе со себе најмалку 15 жртви, му донесе статус на метео прогнозер.

Роден е и живее во Струга, од каде ги прави метео прогнозите. Славчо Попоски љубовта кон метеорологијата како наука ја носи со себе уште како дете, кога се интересирал за облаците, движењето на атмосферските системи и воздушни маси.

Во интервјуто за Женски магазин, неофицијално предвидува дека ќе имаме уште долго топло лето, но ќе растат и условите за почести врнежи, како и за нови временски непогоди.

Славчо Попоски приватно е социјален човек, кој наоѓа маани на храната и кој луѓето не ги дели на богати и сиромашни.

- Прво да си кажам дека многу маани наоѓам на храната. Не јадам сè. Во приватен живот сум многу друштвен, иако имам одреден круг на пријатели. Но контактирам постојано и што е најважно не се правам што би рекле ние „кој сум јас“. Помагам на секој колку што можам, и не делам на богат или сиромашен.

Од секогаш ја сакал метеорологијата како наука. Сега откако официјално го има статусот на метео презентер постојано се надградува и како што вели „не можеш сè да знаеш за оваа наука“.

- Од секогаш сум ја сакал оваа наука (Метеорологијата), уште како многу мал кога ќе врнеше дожд или ќе вееше снег јас прв бев надвор. Од секогаш сум се интересирал за облаците каков вид се. Интересното во оваа наука е следењето и движењето на атмосферските системи и воздушни маси. Секако со климатските промени кои се сè поизразени, секојдневно се соочуваме со екстреми како и со нови случувања во оваа наука. Секојдневно учам по нешто ново, никогаш не може сè да се знае за оваа наука и токму поради тоа што секојдневно се случуваат нови метеоролошки појави и екстреми.

Метео прогнозите и анализите Попоски ги прави преку компјутерски програми и сателитски снимки.

-Јас како метео прогнозер, метеоролошките случувања, но и правењето на метео анализи го правам се преку компјутер и преку сателитските снимки. Мерни станици за мерење на температурата на воздухот има УХМР низ Македонија. Значи се сè следи и прави преку компјутер во оваа наука.

Временската прогноза понекогаш метеоролозите знаат да ја погрешат, но тоа не зависи од нив туку од повеќе фактори кои влијаат на воздушните маси кои постојано се менуваат.

- Прецизноста на анализата на времето која ја правам зависи од повеќе фактори. Најмногу од движењето на воздушните маси и системите над Европскиот Континент. Прецизноста зависи и тоа кој метеоролошки модел се користи. На пример, јас кога ја правам анализата сигурен сум дека тоа ќе се случи, не размислувам негативно и не се плашам дали ќе погрешам, затоа што сум сигурен во работата која ја работам.

Славчо признава дека досега во неговата работа имал и грешки во предвидувањата какво време ќе нè очекува, па токму и поради тоа се соочувал со негативни коментари во инбокс.

- Секако дека се случило, никој не е безгрешен во работата, па така и јас. Се случувало оддеднаш да се променат работите на метеоролошките модели и прогнозата да се промаши, и тоа повеќе пати. Потоа добивам негативни пораки и коментари, и по некоја закана, иако јас воопшто не го читам, одамна имам завршено со читање на коментари. Секој ќе си каже тоа што сака да каже и тоа што му одговара, само да му поминува времето. Јас си ја гледам работата.

Славчо вели дека често му се случува блиски пријатели, но и луѓе од други градови во нашата земја да го бараат на телефон само да се информираат за временската прогноза.

Во Струга го поминал детството и тинејџерските години. И ден денес сè уште е жител на овој македонски град, од каде ги има сите спомени. А секојдневието на Славчо изгледа сосема едноставно.

- Кога ќе станам од спиење, средувам се како што треба, кафето пред мене и започнувам веднаш со работа и со спремањето на метео анализи и тоа преку мојот веќе многу добро познат метеоролошки медиум „МетеоАларм.мк“. Секојдневно еднаш во претпладневните часови, и потоа и во квечерината излегувам на чист воздух покрај кејот на Црн Дрим, пешачам и се релаксирам. Недела ми е ден да се видам со одреден круг на пријатели и да се напијам кафе, секако и да поразговарам со нив.

- Иако сум баш од Струга, воопшто и никогаш не сум сакал да одам на плажа или ете на Дрим за да се капам. Исто така и покрај тоа што сум од рибарска фамилија, ловењето на риби никогаш не сум го обожувал. Од мојата рибарска фамилија, само јас сум метео прогнозер.

Кога не е пред компјутер, тогаш на ред доаѓаат домашните обврски. Вели дека обожува да уредува по домот со тоа што и помага на неговата мајка.

Славчо имаше ангажман како метео презентер на некогашната „1ТВ“, но со распадот на телевизијата, тој се повлече. За оваа есен тој најави дека повторно ќе го гледаме на малите екрани.

Жешкото и топло лето продолжува, неофицијално топли денови не очекуваат во август и септември, така вели метео прогнозерот, Славчо Попоски.

- Иако се работи за долг период, сепак еве ќе дадам една кратка и неофицијална анализа за тоа какво време би не очекувало во август и во септември. Во овие два месеци продолжува топлото летно време, особено август кога повторно се можни поголеми топлотни бранови со многу високи температури. Овие месеци ќе растат и условите за почести врнежи, како и за нови временски непогоди. Сепак повторно ќе кажам, се работи за долгорочна анализа кој трпи промени, затоа граѓаните ги советувам да ги следат секојдневните краткорочни анализи.

Габриела Додевска Глигоровска