Да останеме пријатели (како па да не!)

Добивај вести на Viber

Односот маж-жена, или ако повеќе сакате жена-маж е еден од најкомплексните односи. Ние-жените учени уште од мали нозе да се занимаваме со кукли и да развиваме мајчински чувства, а тие-мажите воспитани да се љубители на пушки, пиштоли и се’ она со кое се докажува машкоста. 

Како старееме, така разликите меѓу нас се продлабочуваат, но она што останува исто е желбата и кај едните и кај другите да си ја најдеме втората половина и да “живееме среќно до крајот на животот”. Така, бираме луѓе со кои мислиме дека ќе останеме засекогаш, а најчесто тоа не излегува така. Па извесно време лутаме наваму-натаму, се спознаваме себе, сопствените потреби и желби, за да во еден момент се скрасиме покрај некого.

И започнува фамозното чудо наречено “врска”. Имаше на социјалниве мрежи една изјава која (парафразирам) гласеше: Ако може некој да ми продаде врска од една година, за јас само да ја продолжам. 

Е, јас сум од тие! Не го можам периодот на запознавање, па прилагодување, па компромиси, па еден куп ситни и крупни недоразбирања и нервози додека не слегнат работите на свое место, за да можам конечно да се опуштам и да уживам. Во чудото наречено врска, многу нешта влијаат врз менување на луѓето. 

Фазата на заљубеност, кога ги правиме невозможните работи (односно работите кои ни изгледале глупави и бљак додека не сме се вљубиле). Па онаа убост кога по улица им се смешкаме на сите, па нема нешто што може да не’ извади од такт...и потем, мирот во кој веќе знаеме кој каков е и ни преостанува само да се сакаме и бидеме спокојни. 

М? 

Како убаво звучи ова! 

Уште да беше вака идеално. Не велам дека ова го нема кај многумина. Се нашле, работеле на тоа да се прилагодат и остануваат заедно. Но и кај нив, во минатото сигурно постоеле луѓе со кои им се чинело дека ќе можат светот да го освојат, а се случил раскин. Откако еден ќе престане да сака, неминовно доаѓа почетокот на крајот. Велам почетокот, оти ретко кој го кажува тоа веднаш. Веројатно, секој од нас се обидува да процени дали вреди да се помачи и да се обиде да ги среди нештата кои се камен-пречка, па доколку проценката е позитивна, има еден период кога врската се става на апарати за вештачко дишење...и така додека отсакувачот не собере храброст и каже КРАЈ.

Краевите се приказна за себе. Сум била оставена, сум оставила, сум гледала како се оставаат по улица, кафеана, па дури и во НУБ (додека студирав). Краевите ретко кога се безболни, а најчесто тоа е или кога се луѓето премногу млади (па мислат дека љубат, наместо да љубат и повеќе тоа е правење драма) или кога се долги години заедно (па толку добро се познаваат што веројатно се’ им е јасно и пред да се изусти она “збогум”). Онаму каде што еден останува да љуби, онаму каде што имало голема страст...таму крајот и збогувањето е како породување, со болки, контракции, рани кои полека зацелуваат или лузни. И доаѓаме до муабетот кој обично го начнува оној кој сака да излезе од врската...да се остане пријател (или не).

И јас сум ги правела тие грешки. Не се кажува тоа така кога се става крај на врската! Па уште и ако е ”ама јас те сакам како човек и пријател”...катастрофа! На тој од карши баш му е гајле во тој момент дали го сакате како човек и пријател. Тој карши вас сака да го сакате како маж и љубовник, тој е свесен дека ве губи и дека е оставен. Во најмала рака, таквиот муабет за пријателство е понижувачки. Не дека не можете да бидете пријатели. Ама не во тој момент. Ќе треба време за да се соџвака раскинот и да се продолжи понатаму. А особено ако причината за да се остане само и исклучиво пријател е друга личност која ви го свртела умот.

Во принцип, со бившите партнери сум останувала во добри односи, освен со еден кој и ден-денес треба да е среќен што не изеде ќотек. И да не ве мачам, не е бившиот ми сопруг, со кој навистина останавме пријатели. 

Овој беше од оние кои ќе те исцедат ментално и енергетски, попатно ќе пробаат да се докажат себе кај секоја која носи сукња над колена, ќе кукаат дека никој не ги сака (синдром на “ме мрази наставникот”), па дека не им е добро и дека само вие сте единственото нешто кое им дава живот (во моментот кога ќе почувствуваат дека им се лизгате низ раце), за веднаш потоа да си тераат по свое. Да се разбереме...со таквите не може да се остане пријател! Таквите не знаат да се пријатели ниту со сами себе. Таквите се одминуваат во широк лак каде и да се видат и се оставаат да веруваат дека тоа е заради нивната фатална привлечност (бљак). Од нив се бега толку многу, што дури и егото не ви се буди за да покажете дека сте го надминале.

За да не излезе дека само ние жените сме некакви жртви во овие односи, ќе напоменам дека знам и познавам прекрасни мажи кои се оставани заради скопски фраери и мангупи кои (нормално) ќе им ја извадат душата низ нос на жените кои се одлучуваат да си фатат работа со такви типови. Познавам прекрасни мажи кои останале пријатели со своите бивши девојки или сопруги (на барање на девојките и сопругите) и сето тоа застанало на нивото да ги слушаат како им е тешко со човекот заради кој биле оставени.

Да останеме пријатели! Се’ е тоа убаво. И пријателството и приказните за зрелоста на луѓето. Ама таа зрелост не се постигнува со играње игри, двојни аршини и седење на две столици. Едно е да си оставен или да оставиш затоа што нема повеќе љубов (барем не онаква каква што оној кој остава си ја замислува), а сосем друго е да оставиш или да бидеш оставен заради неверство.

Ако ништо друго, не ставајте сол на раната која сте ја отвориле. А ако сте од другата страна на приказнава, ич да не му ја мислите и да кажете јасно и гласно:

“Пријатели?! КАКО ПА ДА НЕ!”

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

А кој можи да кажи крајот кога е 

Оти почетокот се сеќава 

По трепетот во душата 

По пилето во срцето 

Кое пее небаре биљбиљ излезен од кафез е 

Та ширум ти се отвораат сите клетки 

Како да можиш сета љубов на светот 

Во едно трошно тело да збериш 

Ама кој можи да кажи крајот кога е 

И кога душичето ми ти се затвора 

Ко врата зад некој шо си го испратил 

Со збогум или само со лабав стисок на раката 

Или пак со неважен бакнеж во левиот образ 

Или неговите ладни усни на твоите кои како од мраз да се 

Кога е крајот на “ние” 

И кога тоа “ние” се расцепува на ти и тој 

Како топол сомун кој на две го кршиш 

Та после стискај го тестото за да се соедини 

Ама џабе 

Пак на истото место ќе се раздели 

Со отпечаток на твојте и негојте заби во него 

И никојпат поќе исто не е 

Иако и двете полојни вкусни се 

Ама секоја сама за себе си лежи на софрата 

Кога е крајот? 

Дали е миг во кој љубовта се лади како мртовец 

Или е како долга и тешка болест во која чоек полека се суши 

Како цвеќе без вода и сончевина во себе 

И еден ден ко ќе се разбудиш гледаш дека ништо не останало 

Освен сува земја и свенати лисја 

Дали крајот е како земјотрес кој руши се’ пред себе 

Или е како подземна вода која тивко разјадува и поткопува 

Дур еден ден не се пеплоса 

Ете 

Мене и на овие години ништо не ми е јасно 

И не знам како да си ја објаснам смртта на една љубов 

Која како дете е зачната длабоко во нечија матка 

И родена со многу мака и бол 

За после со олеснување да и’ се радуваш ко на доенче 

Та ја чуваш и пазиш 

И’ се тресиш ко мајка да си и’ 

Ја растиш и штитиш 

Дур еден ден не ја оставиш своја да е 

Токму така, ко дете да имаш 

Та ко ќе порасни го пушташ на свои нозе да застани 

Ете, чоек да стани и самото низ животот да врви 

Ама да знај оти тука за него секојпат ќе бидиш 

И секогаш умот и срцето кај него ќе ти се 

Така и љубовта од себе еден ден ја пушташ 

Со свест оти поќе не можиш во себе да ја чуваш 

И дека е време да ја оставиш сама за себе да си постои 

Да не ја врзуваш поќе за себе 

И за него да не ја арчиш 

Туку само така 

Помирено и со насмев од себе да ја пуштиш 

Знаејќи оти да умри не можи 

Оти вкоренета во тебе е 

Ама дека и таа свој крај во тој облик има 

Та ти олеснува некако 

И ја закопуваш 

Убо, со сите адети и почести 

Со ниет и убав парастос да и’ стокмиш 

Ко ќе дојди време 

За четириесеттина дена 

Ко за чоек 

Ко за чоек, пиле