Дарко e едноставен, затоа го сакам: Маја Панчева за сопругот

Се запознале пред дваесет години и велат дека многу брзо си се допаднале еден на друг. Денес се родители на Надица која има 18 години, и 13 годишната Марија. 

„Дарко беше тој што иницираше контакт, и некако се се случи толку спонтано да се запознаеме, и да бидеме искрени еден кон друг. Многу брзо си се допаднавме“, ни раскажа Маја Панчева, поп-пејачка и хористка во МОБ за својот сопруг, фудбалската легенда Дарко Панчев и спортски директор во ФК „Вардар“. 

„ Засекогаш ќе ги паметам двете Нови години кога случајно и со Надица и со Марија бев бремена. Едната беше во Милано, другата во нашето кафе „Деветка“. И, иако нели не смееш многу да скокаш и да бидеш немирна, јас и на двете забави се се изнаиграв, а Дарко ме караше и ми велеше  да не претерувам“, се сеќава Маја на нејзините најдраги спомени од почетоците со Дарко. 

За ќерките Надица и Марија, таа вели дека и двете имаат афинитети кон музиката и кон модерниот танц. Надица во учењето покажува талент за јазици и најверојатно тоа и ќе студира, Марија, вели Маја,  има талент за повеќе работи, и допрва ќе одлучи за што ќе се определи. 

„ Дарко и јас веќе 19 години си функционираме на еден нормален, човечки начин како да не сме луѓе од јавниот живот. Едноставноста е таа што си ја сакаме помеѓу нас“, додава Маја за својот сопруг. На прашањето, зошто не е активна во поп музиката, таа вели: „ Активна сум со музиката и тоа секојдневно, затоа што веќе пет години сум дел од хорот на МОБ. Лани ја промовирав мојата нова песна “Време” ,но сигурна сум дека ќе има уште многу песни од мене. И секако, тука се и живите свирки кој ми се мелем за душичката“, ни изјави Маја за својата музика. 

„Од минатото, најмногу ми недостасува возбудата на полните стадиони,која беше многу често присутна на градскиот стадион во Скопје“, се присети Панчев на златните времиња на македонскиот фудбал. 

Маја и Дарко Панчеви се горди на својата постара ќерка Надица, која студира оГермански јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. „Посебно ни е драго што веќе поодамна самата си знае дека трудот што го вложува носи добри и сигурни резултати“, ни изјави Маја. Таа вели дека, откако завршил уписот на ќерката на факултет, може поактивно да ѝ се посвети на музиката.

Милица Џаровска