Давајте љубов, помогнете некому и засадете барем едно дрво во животот: Утринско кафе со Валентина Штерјоска

Се будам рано наутро пред седум часот, и обично се радувам на секој нов ден. Веднаш во мислите си правам план како ќе го поминам. Рано наутро сум полна со живот и тогаш ми доаѓаат најдобрите идеи за мојата работа, домот, семејството и пријателите , и за многуте еко- акции кои се најголема пасија во мојот животот.

Уживам во утринско кафе и секогаш го пијам на тераса, со првите сончеви зраци кои за среќа не се реткост кај нас. Терасата е моето мало еко- царство во кое имам многу растенија и цвеќиња.Ч есто ми прави друштво Спајк, кучето кое е дел од моето семејството. Секое утро со љубов во душата ги набљудувам моите најблиски, цвеќињата и растенијата околу мене и го започнувам денот со мисла на благодарност за животот што го живеам.

Во една книга прочитав дека кога ќе го напуштиме овој свет, со себе ја носиме љубовта која сме ја дале на овој свет, како и учењето и мудроста што сме ги стекнале. Моето мото во животот е да ги сакам луѓето и природата, постојано да учам и да бидам активна во општеството, со цел да оставам нешто за идните генерации. Сакам добри филмови со пораки за подобрување на човештвото и општеството и книги од кои можам нешто да научам за животот.

Живеам брзо, испланирано со многу обврски во текот на денот . Се трудам да се вложувам во семејството, во домашна храна, во пријателите, во професијата и да бидам активна во општеството . Еден мој другар вели дека секогаш сум во некој филм на дневна или неделна основа и мислам дека таа реченица добро ме опишува.

Денот покрај работата и активностите , не ми поминува без кафето со мојата пријателка Дана , разговорите со мојот син и долгите вечерни прошетки со мојот сопру. А, викендите секогаш ми се резервирани за дружење со моите родители , мојата сестра и внук, долгите телефонски разговори со мојот брат кој живее во Лондон и пријателите кои ми го разубавуваат животот.

Дружењето и комуникацијата се смислата на мојот живот и од тоа ја црпам најголемата енергија Не го сакам модерниот и за мене празен живот, со многу изгубени вредности. Кога мора да отпатуваш некаде, да јадеш во скап ресторан или да купиш нешто за да бидеш среќен. Го сакам едноставното секојдневие, кафето со моите пријатели, фамилијарната блискост,чистата душа ,љубовта и природата. Посебно ја ценам човечноста и не ги почитувам злобата , љубомората, алчноста , себичноста и озборувањето кои се дел од нашата култура на живеење. Ги презирам луѓето кои гледаат само за себе на штета на другите. Лошата енергија е добра основа за лошо ментално здравје и таа во потсвеста останува засекогаш . Затоа е добро да се покаеме ,да ги поправиме неправдите и да се трудиме да бидеме добри луѓе.

Како професор живеам во едно ново време на онлајн настава и научив да уживам во тоа. Секојдневно се обидувам да ги мотивирам моите ученици да гледаат позитивно на ова време и да уживаат во присуството во школо по пижами. Да сакаат да учат за себе, бидејќи учењето му дава убава поента на животот .

Ги сакам моите ученици и уживам во дружењето, учењето и активностите со нив. Од нив црпам многу позитивна енергија .

Посебно место во мојот живот има мојот син кој се трудам да го насочам да го пронајде својот пат во животот за да биде среќен . Мојот поглед на среќата е да се биде свој и да се пронајде индивидуалната среќа. Го заменувам луксузниот хотел со мала селска вила со добро друштво, ,трговскиот центар со прошетка во парк со моето куче, скапиот ручек во ресторан со богата вегетаријанска домашна трпеза исполнета со љубов и смеење. Затоа што размислувам за мојата среќа без да се водам од клишето за модерната среќа во светот.

Активист сум во душа и со гордост кажувам дека активизмот го научив како дел од тимот на Првата детска амбасада на светот Меѓаши. Уживам во активностите за подобрување на училишната клима и вредносниот систем во училиште а, Посебно место во мојот живот има еко- активизмот. „Ништо не може да ја замени природата и моќта на едно дрво„ е мојата омилена мисла.

Јас сум еден од основачите на еколошкото здружение ГвЕко и иницијатор на многу еко акции: чистење на Гостивар и на мини депониите, затворање на дивото ѓубриште Русино кое е рак рана на градот,регулирање на индустриските загадувачи,обележување на велосипедски патеки,јавни дебати за сечење на дрвја со цел да ги зачуваме, организирање на еко настани,танц театри. Посебно место во мојата душа има акцијата за садење на дрвја која ја организирам веќе неколку години. Дрвјата се посебна љубов во мојот живот и душевно се радувам на секое ново засадено дрво . Дрвјата се чистиот воздух и белите дробови на нашата планета и единствени во борбата против климатските промени кои се сериозна опасност за опстанокот на животот на нашата планета.Новиот живот на едно дрво значи живот за новороденото дете.

Сонувам мојот град да прерасне во еко град кој со гордост ќе го оставиме на нашите деца. Сонувам за многу насадени дрвја ,уредени паркови на сите јавни простори, патеки за трчање и пешачење ,велосипедски патеки низ целиот град, еднонасочни улици со цел да се намали користењето на автомобили, големи тротоари со дрвја, пешачки зони,чиста околина без трошка ѓубре, селектирање на отпад, градски компостари и депонија со стандарди. Сето ова не чини многу ,а многу го подобрува квалитетот на животот.

Моментално мојот еко сон е дворот на училиштето Гоце Делчев да го претвориме во убав парк со патеки, клупи, патеки за трчање ,многу дрвја, детско игралиште и игралиште за кошарка . Последниов викенд имавме акција за чистење на дворот и едно мало девојче од соседството истрча да ме праша што се случува.Јас и објаснив дека чистиме и ќе засадиме многу дрвја. Но тоа жално ми одговори „Мислев дека ќе донесете и лулашки и клупи помеѓу дрвјата „ Истиот момент мојот мотив стана пораката на ова мало дете кое не побара многу за својата среќа

Ме мотивира животот во хармонија со природата и свет во кој луѓето ќе живеат со љубов и грижа за себе си ,за другите и за природата.

 Мојата порака за крај е „Направете нешто убаво за својата душа , секојдневно давајте љубов,помогнете некому и засадете барем едно дрво во својот живот„

(*Валентина Штерјоска, професорка и една од основачите на основачите на еколошкото здружение ГвЕко)