„Дела како метафори за животот, потсетници дека под хаосот постои ред, а под немирот – спокој“: Се одржа деветтата самостојна изложба на Анита Огњановска

Македонската уметница повторно се претстави пред македонската публика со нов циклус дела кои истражуваат теми како личните емоции, секојдневните моменти и симболиката на деталите кои носат длабока значајност.
На изложбата беа изложени околу 40 дела, главно изработени во голем формат, со техники како масло, ладен восок, акрил и комбинирана техника на платно. Изборот на делата за оваа изложба е направен од професорот Костадин Танчев – Динка, познат графичар, графички дизајнер и сликар.
Осврт на творештвото на Анита Огњановска направи професорот Владимир
Мартиновски – истакнат поет, есеист и книжевен преведувач. Дополнително,
поетесата Ана Бунтеска напиша песна насловена „Во спокој“, инспирирана од
сликите кои ќе бидат дел од оваа изложба, и истата ќе биде претставена на отворањето.
Анита Огњановска ги претставува своите дела како метафори за животот – навидум едноставен, но исполнет со слоеви комплексни емоции и искуства. Таа вели дека нејзините дела содржат елементи на охрабрување – потсетници дека под хаосот постои ред, а под немирот – спокој. Во нив таа ги истражува љубовта и страста како движечки сили на креативноста, но и теми како надминување лични стравови и пронаоѓање внатрешна храброст.
Анита Огњановска веќе 15 години е ликовен уметник,покрај самостојните изложби во Македонија, Хрватска и Данска, нејзините дела биле дел од групни изложби во Шпанија, Италија, Косово, Грција, Турција, Босна и Херцеговина, Франција, Данска и Австралија.